ДАВКОВА ЌЕ БИДЕ ПРВАТА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЗЕМЈАВА - Граѓаните се одважија, покажаа отпорност на притисоците
Објавено во: Македонија 08 Мај, 2024
Веќе е извесно дека Гордана Силјановска Давкова ќе биде првата жена претседателка на земјава.
Таа одржа прес конференција, која, според аналитичарите, била со посмирен тон од онаа на првиот круг, бидејќи како веќе да ја очекувала победата. Давкова рече дека нејзина најголема честитка е до граѓаните.
„Искрено си се прашувам неколку саати со што ја заслужив оваа чест, јас знам дека се подготвував, знам дека се посветив на кампањата, знам дека го зборував она што го мислев, а не она што некој очекува да го слушне, наградата е непроценлива за мене“, вели Силјановска Давкова.
Таа додава дека покажале граѓански имунитет, отпорност на протисоците.
„Да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок, да одите по домовите со списоци е исто така политички и партиски притисок, значи се одважија македонските граѓани без оглед на етничката, верската социјалната и било каква положба да излезат стамено и стоечки и да го дадат гласот на оној за кој што сакаат“, порача Силјановска Давкова.
Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, нагласи. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Давкова.
На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека портите на, како што рече, „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.
- Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста, рече таа.
Како што дополни, мора да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да помагаме едни на други, да бидеме политичари.
- Затоа ние мораме да почнеме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а, Брисел, како што дополни, е неизоставен.
Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси.