26 Април, 2024
0.0269

Дава ли Мицкоски надеж за конструктивност на ВМРО-ДПМНЕ?

Објавено во: Анализа 05 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Христијан Мицкоски во првото телевизиско интервју во отвореното студио на МТВ одговараше прилично резервирано на прашањата на новинарите без конкретни и отворени ставови за најжешките теми кои ја интересираат јавноста, а повеќе се фокусираше на промоција на неговите идеи како тазе претседател на ВМРО-ДПМНЕ. 

Тоа што сега е клучно за продолжување на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата засега нема решение. Мицкоски не прецезираше дали, како и кога ќе се вратат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија, освен што откри дека се формирани работни групи меѓу власта и опозицијата за реформските закони на кои е ангажирана владата и се приоритетни. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше доста благи одговори за внатрешните превирања во партијата и не беше така остар како неговиот претходник Груевски кој напуштајќи ја функцијата на Конгресот во Валандово истакна дека не очекувал такво предаство од блиски луѓе и дека си заминува со ножиња во грбот, кои засега Мицкоски нема намера да ги „извади“ посочувајќи дека партијата е отворена за сите без оглед на нивните различни мислења и дека сите мора да застанат во еден ред. Мицкоски рече дека одлично соработува со Илија Димовски кој се повлече од функцијата координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и беше еден од иницијаторите за одложување на Конгресот во Валандово. 

„Контрата“ Мицкоски ја даде со главното образложение дека мора да се сопрат антидржавните политики на владата предводена од СДСМ кои немаат никаква додадена вредност за граѓаните на Македонија, ниту пак ги исполните големите ветувања за подобар живот, напротив економијата е во лоша и алармантна состојба. 

Исто така Мицкоски најави големо реструктуирање на партијата со нов Совет на Извршниот комитет и Совет на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како и примена на нови идеи кои ќе помогнат да се вратат на власт и да креираат квалитетни политики. 

Мешањето на државата и партијата на изминатите организирани локални избори во Македонија допринесоа да до одредена мера имаме сериозно нарушување на демократскиот принцип на еден изборен процес, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но посочи дека и внатре во партијата има субјективна вина која е детектирана и истата ќе се надмине на следните избори.

Мицкоски и во досегашните јавни настапи покажувал доза на умереност и резервираност, па тешко е да се очекува од него дека уште на старт ќе даде „сочни“ одговори кои нема да звучат како од досегашната репетитивна партиска реторика. Главната оценка е дека Мицкоски и натаму ќе ја поддржува главната партиска политика за поддршка на приведените за крвавите напади во Собранието на 27 април меѓу кои има и пратеници и политичари од ВМРО-ДПМНЕ, секако и предводници на движењето „За заедничка Македонија“ кое ги водеше протестите пред парламентот. 

За нив Мицкоски останува на ставот дека се невини иако засега се само осомничени и нема поведено ниту обвинение ниту пак се осудени, освен што се во притвор. ВМРО-ДПМНЕ ќе побара закон за нивна амнестија бидејќи не извршиле насилство. Мицкоски го повтори ставот дека партијата го осудила насилството во Собранието на 27 април кое нанело голема штета на ВМРО-ДПМНЕ и дека лицата кои биле дел од тие настани треба да одговараат. 

Автор: Христијан Станоевиќ