06 Јуни, 2020
0.0343

Зошто Треска не стана Темза?

Објавено во: Колумни 29 Септември, 2019

Една вест од нашиот северен сосед разбуди кај мене сеќавања, но и размислувања со доза на шпекулации: матурантите од белградските гимназии се натпреваруваа во кајак на мирни води-небаре се од Кембриџ и Харвард, место да се секираат како ќе ги поминат матурските испити и како ќе бидат облечени на матурските забави! Србите уште не ѕирнати во ЕУ се грижат да направат традиција рамна на стогодишната трка на Темза, си велам.

Скопјани пред 40-ина години на референдум  за  самопридонес  решија да издвојуваат  со години - чинам беа пет-по два насто од сите свои скромни и помалку скромни социјалистички примања за изградба на спортски објекти. Меѓу дузината планирани (настрана што повеќето од нив, поради негрижа на таа власт и на сите други несоцијалистички подоцна, се руини)никна прекрасното „езеро Треска“. Уште во фаза на проектирање имаше срамежливи предлози тоа да биде поголемо, односно подолго, според стандардите на меѓународната  федерација за кајак на мирни води, за организирање вакви натпревари и за развој на овој вид спорт кај нас. Идејата веднаш невизионерски беше отфрлена како мегаломанска и растурџиска и во близина на култната „кривина“ никна прекрасен и модерен објект со повеќе намени, кој не многу долго им служеше на скопјани, за од најразлични причини да ја доживее скоро судбината на неговите врсници од убавата солидарна акција за прибирање не баш мали пари.

Затоа многу радува одлуката на градот да ги префрли ингеренциите врз општина Сарај за заживување на езерото и на сите угостителско туристички атракции  околу него.Сега се бара на тендер проектант, па подоцна инвеститор и се по ред.Езерото ќе го биде, но идејата за кајак на „питоми води“никако.

Што се однесува, пак, на кајакот на диви води,тоа за скопјани од многу генерации од поодамна,не само сега,е  како национален спорт. Се будат сеќавања на Јовковски, Спасовски, Шевченко кои во рамките на југо-федерацијата се здобија со меѓународна слава. Веслањето беше скоро маалски спорт. Предничеа дебармаалци и ѓорчепетровци. Во моето постземјотресно маало во Тафталиџе имаше дружина добри кајакари-Дељо, Кика, Чакуљ и компанија за кои не постоеше скоро ништо друго освен пластичниот  кајак и дивите води на Треска, па и на Вардар како полигони за натрпревар и подготовки. Под северната трибина на Градски имаа сервис за ремонт и лепење на пластиката на чамците, каде што царуваше Ламбе од Канал, исто така врвен кајакар. Лазе Поповски и Атанас Николовски и неколку девојки се сегашните потомоци со успеси во истиот спорт.

„Илинденскиот кајак“ повторно  го добива сјајот од своите почетоци на „Средбите на солидарноста“ - телевизијата го стави во  програмската шема со преноси и снимки од трките на терените во Матка што станаа прочуени во Европа. Какви сме ние уште долго ќе си останеме со „дивиот кајак“, а лесно можевме да го имаме и неговиот побратим-кајакот  на мирни води.Треска никогаш не стана Темза, а можеше. Штета!!!! 

Moјсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Нацијата која не може да избега од самата себе!

Нацијата која не може да избега од самата себе!

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

КОВИД-19 - шансата на векот за македонската економија?

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

Битиќи VS Лазаров: Ќе му помогнат ли ваучерите на домашниот туризам

ФЕР e ...

ФЕР e ...

Хоби или бегање од секојдневјето?

Хоби или бегање од секојдневјето?

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Производна ориентација на македонскиот агрокомплекс

Наркоманска лицемерна нација!

Наркоманска лицемерна нација!

Трамп го затвора отвореното небо!

Трамп го затвора отвореното небо!

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров

Тоне ли извозот и извозните компании: Битиќи vs Лазаров