24 Април, 2024
0.0270

Зошто реформите не резултираат во повисок економски раст?

Објавено во: Колумни 14 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

И додека сеуште го славиме придвижувањето за седум  места на листата на конкурентност на Светскиот економски форум, викендов во Охрид ни се случи  Инвестицискиот самит „Македонија 2025“. А таму,  клучни теми на дискусија,  покрај привлекувањето на странски инвестиции, конкурентноста на македонската економија и можностите за нејзино унапредување. Значи и организаторот и  350 – те  бизнисмени, меѓу кои и видни менаџери на познати корпорации од 20 странски земји,  и покрај придвижувањето на листата, чувствуваа потреба конкурентноста да се унапредува и натаму. Она што јавно беше признато е дека реформските зафати на владата придонесоа конкурентноста да се подобри, деловната клима е поволна, трошоците за производство се ниски, а постои и заштита на инвестициите.

Ако се има предвид дека земјата значително напредува и  во однос на условите за правење бизнис (Македонија е на петто место во светот за почнување бизнис), зачудувачки е што реформските промени не помогнаа да се забрза развојот (со стапки што соодветствуваат на помалку развиени земји), а изостана, и покрај многу вложени напори, долгоочекуваниот прилив на странски директни инвестиции. Крајно време е да се согледа што е тоа што недостасува, и покрај признанијата за прогресот во подобрувањето на деловната клима,  за да се направи пресврт во развојот, кој би довел до повисок економски раст, поголема вработеност, пораст на стандардот на вработените и на вкупното население....

Самитот многу не и’ помага на земјава со укажувањата дека за тоа е потребно и натаму да се подобрува конкурентноста на економијата, преку поттикнување на иновативноста, претприемништвото, едукацијата на работоспособното население...Тоа се  има предвид и за тоа се добиени определени признанија за прогрес. Веројатно треба уште нешто да се направи, а веќе се преземаат и конкретни чекори за поттикнување на иновациите. Се формира фонд за поддршка на иноватори со 24 милиони евра, за три години.  Јасно е дека со тоа секако ќе се направи чекор напред, но сигурно е дека не може да се очекува пресврт во подобрувањето на конкурентската позиција на стопанството. Нема големо фајде ниту од залагањата за (недефинирани) солидарност и помош од дијаспората. Тие се добродојдени, но врз таа основа не може да се остварува стратегија на одржлив развој. За пресврт е неопходно и бизнисмените од дијаспората, во инвестирањето во Македонија да го препознаат својот економски интерес. Не може од нив да се очекува да инвестираат од патриотски причини, независно од економскиот интерес. Во таков случај не треба да се очекува пораст на продуктивноста, а со тоа ниту на конкурентноста на македонската економија.

За остварување на таа цел не треба да се заборави дека конкурентноста битно зависи од порастот на продуктивноста на трудот, а таа од интересот за зголемување на производството на стоки и услуги. Продуктивноста на трудот бавно се зголемува или стагнира доколку бизнисмените немаат економски интерес да го зголемуваат производството, што, во услови на мала земја како Македонија, значи да го зголемуваат производството за извоз. Од нив не може да се очекува да ги модернизираат постојните капацитети и да градат нови (и во тие рамки да ја зголемуваат продуктивноста на трудот и да ги поттикнуваат иновациите) доколку цените што би ги постигнале на странските пазари не им овозможуваат остварување на добивка од која ќе можат да обезбедат не само враќање на вложениот капитал во разумен рок туку и да ја остваруваат општествено одговорната улога на фирмата. Без можност да согледаат или проценат такви ефекти, тие со право не сакаат да преземаат ризик. Впрочем, зошто би влегувале во бизнис во кој однапред би оствариле загуби или недоволна заработувачка. Во таква ситуација не може да се зборува за поволни услови за пораст на продуктивноста, а со тоа и за подобрување на конкурентноста на стопанските субјекти и на економијата во целина.

Во овој контекст, се чини дека во утврдувањето на индексот на конкурентност на Македонија повеќе е вреднуван подиндексот на макроекономското окружување (ги има 12), а во него стабилноста на економијата.  За изготвувачот е сосема оправдано што стабилноста на економијата ја третира како услов за остварување на одржлив развој, а Македонија  веќе деценија ипол одржува стабилност на девизниот курс на домашната валута и стабилност на општото ниво на цените. Меѓутоа, не ги валоризира влијанијата од стратегијата  на стабилизација која се потпира врз одржувањето на фиксен курс на денарот спрема еврото, независно од генерирањето на ниски стапки на раст и од влошувањето на надворешната рамнотежа. А тоа пак сериозно се одразува на движењето на производството и на продуктивноста на трудот, а со тоа и врз конкурентноста на економијата. Оттука, прашање е колку треба да се радуваме на високите рејтинзи доколку не се променат неповолните трендови во развојот.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок