29 Март, 2024
0.0236

Зошто неуспешниот министер Саљији не му личи да биде херој?

Објавено во: Анализа 21 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Херојот министер чии реформи завршија уште пред да започнат си поднесе оставка од морални причини. Министерот за правда, Биљен Саљији , се престави себеси како човек со високи морални норми кој не можел да ја поднесе селективната правда во случајот со прегазувањето на малиот Алмир од Куманово и реши да го остави така важниот сектор кој му беше доделен, а ништо суштинско не успеа да сработи во деветте месеци кои ги имаше на располагање.

Саљији беше првиот министер во владата на Заев кој беше целосно „печен“ за разрешување во првата реконструкција на владата која се најавува за доцна пролет. Да потсетиме дека токму Саљији беше издвоен како еден од неколкуте кандидати со лоши резултати, со хаотично спроведени реформи и недоволен капацитет да го води еден од најважните ресори во кој граѓаните положија огромна надеж.

Алиби оставката на Саљији не смее да помине без соодветна анализа и со слободен премин само затоа што била дадена од морални причини. Напротив, и ова е проблематично по повеќе основи и создава дополнителен хаос за владата на премиерот Зоран Заев кои се наталожија во последните неколку денови.

Најпрво Саљији со ваков потег врши силен притисок врз судската власт која е независна и издвоена од извршната власт на министерството за правда притискајќи го целосно Јавното обвинителство на Република Македонија предводено од државниот јавен обвинител Јовевски. Второ, дополнително му дава етнички предзнак на самиот случај кој и досега е причина за поделби, па и ширење националистички пораки. Албанската страна условно кажано повторно протестира затоа што е извршена како што велат неправда врз нив, наместо да има доверба и почитување на одлуките на правосудните органи. Од друга страна, пак македонската „патриотска“ јавност повторно ќе биде иритирана затоа што албанците вршат притисок врз правосудните институции од етнички мотивиран карактер што сега се надоврзува со случаите „Сопот“, „Монструм“, и евентуално „Диво Насеље“. 

Реакција имаше од четворица обвинители Албанци кои потоа беа осудени од Јовевски за нарушување на професионалните стандарди за начинот на кој заземаа став дека делото за прегазување на Алмир не треба да се преквалификува од убиство во тешка сообраќајна несреќа. Овој случај мора да се води по институционален пат за што има бројни правни механизми, но очигледно ќе биде извор на нови незадоволства кај албанците од правниот поредок во Македонија во периодот што ќе следува. 

Саљији да бидеме искрени беше еден од министрите во кои на почетокот имавме најголема надеж дека ќе направи вистински реформи, па без никакви проблеми пренесовме ставови дека има поддршка од правната фела како професионалец кој може да понуди вистински решенија.

Изгледа, многу сме погрешиле бидејќи првично формираниот Совет за реформи во правосудството целосно се распадна со незадоволство на самите ангажирани експертски меѓу кои професорите Калајџиев и Најчевска кои тврдеа дека со таков вид на работа Македонија е далеку од вистинските реформи во правосудството.

Токму враќањето на правдата беше главното мото на СДСМ кои решија овој сектор да и го доверат целосно на ДУИ. Да, самото министерство под водство на Салији заврши неколку работи, но истите повеќе ги оценуваме како технички, на пример за поголема транспарентност на институции со објава на документи и слични аспекти, додека пак целокупната реформа премина подоцна во рацете на премиерот Заев кој јасно покажа дека нема голема доверба ниту може многу да се потпре врз министерот Саљији .

Заев ќе треба добро да размисли кој ќе биде нов министер за правда и како сите ветени реформи во правосудството кои се од суштинско значење за демократско функционирање на оваа држава ќе продолжат. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот