ЗОШТО НЕ СЕ ДОГОВОРИЈА И ЗОШТО НЕ СЕ НАПРАВИ УШТЕ ПОМОЌНА БАНКА - Комерцијална и Стопанска Битола продолжуваат сами, има ли добитници и губитници
Објавено во: Финансии 30 Септември, 2024
Како што и налагаат законските прописи, Комерцијална банка го објави решението на Комисијата за хартии од вредност, откако се прогласи за неуспешна понудата за преземање на Стопанска банка Битола.
Во Решението на КХВ се наведува дека понудата од Комерцијална банка се утврдува за неуспешна.
Како што веќе објави Фактор, Комерцијална банка во рок од 12 месеци од издавањето на ова решение не смее да даде нова понуда за преземање и не смее да купува хартии од вредност издадени од Стопанска банка Битола на кои се однесувала понудата, доколку тие и обезбедуваат повеќе од 25 отсто од хартиите од вредност со право на глас. А, како што е познато, понудата од Комерцијална се однесуваше на сите 100 отсто од акциите, што значи дека веќе поголемата банка во следната година не би требало да купува акции од помалата.
На тоа од Комерцијална банка неодамна за Фактор објаснија дека и доколку не постоеше оваа забрана, тие немааат веќе намера да доставуваат никаква понуда за преземање на Стопанска банка Битола, и на акционерите на банката им посакуваат среќа во натамошното работење.
„Но, ние и после една година нема да доставиме понуда, односно тоа нема да се случи никогаш. Таа приказна за нас е завршена. Затоа и на акционерите на Стопанска банка Битоа им посакуваме среќа во натамошното функционирање. Дали можеби за нивната банка ќе добијат понуда од некоја друга банка, можеби и странска, и неа ќе и ја продадат, дали, пак, банката ќе продолжи самостојно да работи, во секој случај им посакуваме среќа“, велат наши извори од Комерцијална банка.
Како што објавуваат и од самата КХВ, тие своевремено издадоа дозвола на
Комерцијална банка за преземање на Стопанска банка Битола, а по што
Комерцијална банка и јавно ја објави понудата за преземање, заедно со
проспектот и сите услови. Како ден за завршување на рокот за прифаќање на
понудата беше утврден 22 септември оваа година. Исто така, Комерцијална банка
имаше обврска во целост да го објави исходот од понудата, а тоа е неуспешност
на понудата, што во целост беше испочитувано.
„Против ова Решение може да се поднесе жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 работни дена од денот на приемот“, се вели во Решението од КХВ.
Со ова завршува обидот за едно големо банкарско преземање, со кое, со оглед што понудувач беше убедливо најголемата банка во земјава, можеше да се формира уште помоќна банкарска институција.
Во петокот минатата недела се огласи и Стоанска банка Битола. Соопштија дека продолжуваат сами, дека се сигурни и стабилни, дека имаат висока адекватност на капиталот, како и висока ликвидност. Нагласија дека заштедите на граѓаните се сигурни и тие растат, како и дека во наредниот период ќе се зголеми кредитирањето.
Инаку, во петокот минатата недела берзанското тргување затвори со пораст на акциите на Комерцијална банка, достигнувајќи 24.088,6 денари за акција, што е мало зголемување за 0,02 отсто, додека, пак, акцијата на Стопанска банка Битола имаше намалување за 2,69 проценти во однос на претходниот ден.
Комерцијална банка нудеше сите обични акции со право на глас на Стопанска банка Битола да бидат купени за сума од 3.200 денари за акција.
Н.Н.Ф.