23 Април, 2024
0.1757

Знаменити кафеанчиња

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Некои записи од постарата историја на градот велат дека во триесеттите години на минатиот век Скопје имало повеќе од 300 кафеани.Бројката на локалите во 70-те никогаш не е утврдена,барем досега.Но за нас кои тогаш започнувавме со младешкиот дел од животот  овие години ќе останат запаметени според еден од многуте феномени на градот.

Во радиус од нецели петстотини метри во близина на сегашната Порта Буњаковец можеа да се избројат најмалку пет угостителски објекти што луѓето ги отвораа во секојдневната сурова борба за заработувачка.На улицата ЈНА газда Игно ни приреди кафеанска уживанција со интимната и пријатна бавча „Средба“ со музика и интересни гости.

Малку подолу по улицата, што Партизанска ја пресечена две,  никна „Починка“ во двоспратна куќа,многу мирно и пристојно бифенце со летна бавчичка со многу олендри насадени во метални кутии за галичко сирење и грчки маслинки.Многу подоцна разбравме дека стариот газда работел во КП Идризово и можеби затоа локалов беше лишен од инциденти,во вид на тепачки со важни поводи(шо ме глеаш или шо ја глеаш мојата женска).

А од каршија „Сарајче“! Озлогласено катче на секакви протуви и градски љубители на чашката.Никогаш не ни се разјасни зошто оваа прчварница работеше нон-стоп.Ако не беше келнерката Фрејзер(крупна и бестрашна како тогашниот профи- боксер) да ги истера гостите за да смете рано наутро,често и со синџирот од железната порта,„сарајче“ ќе го сметавме за драгстор на боемијата и тогашниот фолк(Једва чекам да ти умре мама или имам брата волим га ко сестру).

На аголот на Партизанска и булеварот „Гурман“ со ачик тераса на самиот тротоар,со џу-бокс и телевизор.Изгледавме едно светско кошаркарско првенство од Јужна Америка восхитувајќи се од мајсториите  Далипагиќ ,Славниќ и Кичановиќ.

На пазарчето Буњаковец- „Централ“,чинам работи и ден-денес.Врталиште на пазарџиите преку ден,а попладне и навечер место каде што знаеја да навратат и галантни трговски патници( Кумот и Андро),но и студенти со по некој динар во џебот, но со голема желба за дружба и бегање од секојдневјето.Сигурно имам подзаборавено накој од ваквите угостителски локалчиња со предзнак рамен на бренд „угостителски рај“-еден е паметот и за лето и за зима.

И овие сегашниве безброј култни места од Дебар маало ќе се здобијат со патина што ја создаваат спомените на посетителите,сигурно... 

П.С.Ветеранскиот дел од екипата на Цобе од Мак-пен според природниот тек на настаните што го режираат човековиот живот остана без еден член.На своето последно патување замина чика Илија.Лекарите се чуделе како останал толку долго жив со толку лоша дијагноза.Можеби убавата дружба со многу помладите секојдневни придружници му овозможија на Шиме да помине драгоцени непланирани последни денови со голтка пиво и две-три сусамки.....

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок