29 Март, 2024
0.0251

Жешка зима

Објавено во: Колумни 26 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

Русија и Западот наизменично ги зголемуваат влоговите во воената игра во Украина. Таа започна уште во пролетта 2021 година, кога Русија распореди војска на границата со Украина,  па се вжешти во декември истата година, кога Русија побара договор со САД и НАТО за безбедносни гаранции, кои беа надмено отфрлени, а ескалираше на 24 февруари годинава со руската инвазија во Украина. Најновиот влог се референдумите во регионите  на украинска територија под руска контрола, за независност и за присоединување кон Руската Федерација. Одговорот на Западот не треба многу да се чека. Синоќа украинскиот претседател Владимир Зеленски се заблагодари на американскиот претседател, Џо Бајден за испораката на софистицирано противвоздушно оружје. Дали се’ ќе сопре на тоа?

Неделава што измина настаните кои го свртеа вниманието беа прогласувањето на делумна мобилизација во Русија од страна на претседателот Владимир Путин и Генералното собрание на ОН. Мобилизацијата беше објавена на Меѓународниот ден на мирот, 21 септември. Во Русија очигледно е дека нема ни доволен број доброволци. На Русија и се потребни 300.000 нови војници, кои најверојатно ќе бидат распоредени во новите субјекти на Руската Федерација на линијата на фронтот долг над илјада километри. Нови субјекти, од причина што референдумите се очекува да бидат успешни, а Кремљ веќе најави дека по изјаснувањето на народот тие сегашни региони на Украина ќе бидат прифатени како субјекти на Руската Федерација.

Мобилизацијата, како и секаде, не беше општоприфатена ни во Русија. Мал број луѓе излегоа на протести, имаше и има апсења. Редици луѓе на границите или во аеродромите. Со карти во еден правец. Се повторуваат сликите кога доаѓа до војна. Во февруари милиони Украина заминаа од земјата, бегајќи од војната. Меѓу нив и многу потенцијални воени обврзници. Киев и ден денес има мака со мобилизацијата. Најново е дека студентите кои студираа во странство сега можеби ќе бидат повикани во војска.  Ако се сеќавате, така беше и кај нас во 2001 година, кога еден куп народ се криеше или ја напушти Македонија.

Која е причината што некои Руси не сакаат да заминат во војна? Прво, не сакаат да одат на фронт плашејќи се за својот живот, второ колку и да работи пропагандата, сепак некои слушнаа дека работите на руската армија не одат баш најдобро. Трето, мотивацијата за војна очигледно не беше најдобро спроведена. Згора на тоа, народот се’ уште, во голем процент, има позитивен однос кон Украинците. Се’ уште не е дојдено до фаза кога на сите ѕвона ќе се ѕвони дека војната е против САД и НАТО, односно Западот. Иако во последно време се’ поприсутен е тој наратив во обраќањето кон народот од страна на руските политичари и медиуми.

„ТОА НЕ Е БЛЕФ“

На пример во обраќањето на Путин кога ја најави мобилизацијата. Според него целта на Западот е да ја „ ослаби, подели и на крајот да ја уништи нашата држава. Веќе директно кажуваат дека во 1991 година можеле да го поделат Советскиот Сојуз, а сега е дојдено време и самата Русија да се распадне на мноштво региони и области настроени смртно непријателски меѓу себе. А такви планови планираат одамна. Тие ги охрабруваа бандите меѓународни терористи на Кавказ, ја промовираа офанзивната инфраструктура на НАТО блиску до нашите граници. Целата русофобија ја направија свое оружје, вклучително и со децении намерно негувана омраза кон Русија, пред се’ во Украина, за која ја подготвуваа судбина врз антируска основа, а самиот украински народ беше претворен во топовско месо и туркан во војна со нашата земја..“ Според Путин има и нуклеарни уцени и искажувања од страна на видни претставници од држави на НАТО за можноста од примена на нуклеарно оружје против Русија. „На оние кои си дозволуваат такви изјави во однос на Русија сакам да им напомнам дека нашата земја располага со различни средства за уништување, а во некои компоненти и посовремени од оние во земјите на НАТО. И при закана врз територијалната целосност на нашата земја ќе ги искористиме сите расположиви средства. Тоа не е блеф“, рече Путин.

Ваквите искажувања на Путин. за мобилизацијата, а во истото излагање зборуваше и за референдумите во областите во Украина под руска контрола, доведоа до тоа на Генералното собрание на ОН, Русија и тој да бидат во центарот на вниманието. Некои премолчено, некои отворено, искажуваа критики на адреса на Русија и Путин. Интересно дека Американците помалку ја спомнуваат Русија, многу повеќе Путин. Па и претседателот Џо Бајден за конфликтот во Украина вели дека :„ решил да го започне, кажано директно, еден човек“. Бајден, за изјавата на Путин дека ќе искористи секакво оружје во обраќањето на Генералното собрание рече:„Токму денес претседателот Путин повторно истапи со отворени закани од примена на нуклеарно оружје на адреса на Европа, демонстрирајќи безсовесно непочитување на обврските, предвидени со режимот на нераспространување“. Бајден како да смета дека оружјето од Путин, пред се’, е наменето за Европа, иако Путин зборуваше за целиот Запад и не ја спомна Европа одделно. Веројатно Бајден е сигурен дека Путин нема да се обиде да стрела врз САД. Тој нагласи дека САД не се стремат кон конфликт, не се стремат кон студена војна. „Ние не молиме ниту една земја да избира меѓу САД и некој друг партнер“, додаде Бајден. Сигурно е дека САД не молат, туку убедуваат, онака како што тие знаат. Еве да ги прашаме Србите, односно Вучиќ дали амбасадор Кристофер Хил и специјалниот пратеник за Балканот, Габриел Ескобар го молат да избере меѓу Западот и Русија. А тој, кутриот, само вреска. Таман работа САД да молат некого.

ПОДОБРО Е ДА СЕ ЗБОРУВА

Сега сме на почеток на нов лак на спиралата на војната. До врвот, до крајот на спиралата има уште многу. Ако давањето ново софистицирано оружје на Украина е прв чекор, што ќе биде следното од Западот? Нови санкции најавија и САД и ЕУ.  Чекаат што ќе се случи со резултатите од референдумот. А по некој ден и нивното прифаќање од страна на Русија ќе доведе до уште поголеми нервози и закани. Русија според Уставот,  ќе ги брани новите територии како свои федерални единки. А нападот врз нив ќе го смета како загрозување на територијалната целосност. Која пак може да се брани и со нуклеарно оружје. За тоа се свесни сите од Западот. Ентони Блинкен, државниот секретар на САД, вели „кога тоа ќе биде завршено(анексија на новите територии) можеме да очекуваме дека претседателот Путин било кои напори на Украина за ослободување на тие делови ќе ги објави како напад врз таканаречената „руска територија“. Блинкен вели дека „обидот на Русија да анексира нови украински територии е уште една опасна ескалација, а исто така и отказ од дипломатија“.

Ова „отказ од дипломатија“ многу ги лути Русите. Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, на прес конференција во Њујорк, рече дека Русија не се откажува од контакти И ако дојдат такви предлози тие ќе бидат прифатени.„Ако сакаат нашите партнери да се сретнат на „тивко“, за никој да не дознае за тоа, добредојдено. Да се зборува секогаш е подобро, отколку да не се зборува. Но во ситуација во која што се наоѓаме сега ние, Русија нема да прави никакви први чекори“, рече Лавров. Според него во Њујорк имало барање за средба со Кипарскиот претседател и се било договорено, но еден час пред средбата таа била откажана. Официјално се замешал Брисел. Исто така се разговарало и речиси биле договорени тајни средби со негови колеги, на барање на  земја член на СБ на ОН и друга од ЕУ, а и со еден премиер, но подоцна тие се откажале. Во поглед на преговори со САД околу ширењето на НАТО Лавров вели:„ Ако ни се обратат ќе видиме. Но ние ним нема да им се обраќаме. Веќе сме заклучиле. Тие се апсолутно неспособни за договарање, егоисти до сржта на коските, мислат само за себе и своите интереси, нема да почитуваат баланс на интереси, па дури нема ни да го бараат“.

И Блинкен и Бајден спомнуваат дипломатија, преговори, ама како да не сакаат да дојде до нив. Путин сигурно во сегашната ситуација со раширени раце би сакал да има некакви преговори. Но не и Американците и Западот. Тие се за победоносна војна врз Русија, а дури потоа за преговори. Во најмала рака враќање на почетните позиции од 24 февруари, кога започна војната. Па во таков случај зошто се војуваше , зошто не беа спроведени Минските договори, ако сега се бара нов договор? Ем немаше разурнувања, ниту пак човечки жртви. Зошто САД, Германија и Франција, последниве како дел од „Нормандската четворка“, не ја притиснаа Украина да ги спроведе договорите? Затоа за такво нешто, враќање на позициите од 24 февруари не може да се зборува. И токму поради тоа Америка и во иднина ќе ја поддржува Украина и ќе ги „зацврстува нејзините позиции за постигнување дипломатско решение врз праведни услови на масата за преговори“. Најправедно решение за нив би била победа на Украина.

ВОЈНА НА ИСТОШТУВАЊЕ

Зацврстувањето на позициите значи, многу, многу оружје и загубени многу човечки животи. Според Ентони Блинкен „дипломатијата не може и не треба да се користи како пендрек за наметнување на Украина решенија, кои не се во согласност со Повелбата на ОН или кои ќе бидат награда за Русија за нејзино нарушување“. Политикологот Андреј Колесников за Би-Би-Си вели дека: „После признавањето на новите територии за руски, Путин ќе добие можност да зборува дека тој е подготвен да ја заврши војната, како што им вети на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и индискиот премиер Нарендра Моди. А потоа да каже дека  Украинците не сакаат да ја завршат војната, па затоа ние ќе мораме да продолжиме да војуваме“. Според него Москва се стреми да ги зацврсти територијални придобивки, сфаќајќи дека е неизбежна војна на истоштување. Во таков случај во право се оние кои тврдат дека војната ќе трае со години.

Наспроти сето ова светот, а најмногу Европа, се соочува невидени кризи. Економски, прехранбени, енергетски...А да не зборуваме за можноста и од нуклеарна. Сите знаат дека главни играчи во војната се САД и Русија. Дека Украина е топовско месо. И во такви услови следуваат повици да се погледне назад во минатото. Особено на решавањето на Кубанската криза пред седум децении. Дејвид Игнатиус во „Вашингтон пост“ вели дека Бајден за да му се спротивстави на Путин треба да ја проучи Карипската криза. Игнатиус смета дека Путин сака да ја спаси својата неуспешна инвазија во Украина и дека има мала, но растечка веројатност дека ќе примени нуклеарно оружје.  И САД не треба да капитулираат пред таа закана. „Лидерите, западни, треба сега да мислат со она поврзување на жестината и креативноста, кое го демонстрираше Џон Кенеди во време на кубанската ракетна криза во 1962 година. Тоа значи спроведување на тврда линија, Кенеди никогаш не се колебал во своите барања да се повлечат руските ракети од Куба, но тоа исто така значи барање на патишта за деескалација“. Генијалноста на Кенеди во таа криза била во тоа што тој реагирал на пораката од советскиот лидер Никита Хрушчов во која се предлагал пат кон деескалација, а не возвратил со повоинствени пораки.

Игнатиус забележува дека Украина не е заинтересирана за дипломатски процес, неопходен за прекин на војната. „Украинците сакаат да ја искористат својата воена предност над Русите кои се повлекуваат, за да си вратат што повеќе територии до зимата. Но овде е „квака-22“. Кога летоска Украинците ги губеа позициите тие не сакаа да водат преговори поради својата слабост. Сега кога напредуваат тие не гледаат причини за компромис од позиција на сила. На Киев му треба реална проверка на своите долгорочни перспективи на бојното поле“, тврди Игнатиус. Според него Кенеди во кубанската ракетна криза преуспеал од две причини. Прво, покажал дека е подготвен за нуклеарна војна, за да го спречи неразумниот потег на Москва. Второ, преку таен обиколен канал, тој нашол начин да си го спаси образот да се избегне крајна катастрофа. Бајден треба да ги научи двете лекции. Интересно е што со анализата на Игнатиус и во Москва истите денови се прозборе за потребата од проучување на решавањето на кубанската нуклеарна криза. И тоа во Советот за безбедност. 

Ова како да навестува дека и двете страни потајно се свесни дека мора да се седне на преговарачка маса. „Вашингтон тајмс“ пишува дека Русија има полза од украинскиот конфликт, фрлајќи го во агол европскиот енергетски пазар, а во исто време противниците на Западот стекнуваат економско и глобално господство, мислејќи пред се’ на Кина. Во исто време граѓаните на ЕУ се подготвуваат за студена и темна зима и за борба која тие не ја бараа. Според весникот Мир во Украина ќе нема се додека Русија и САД не седнат лице ви лице и не ги разгледаат конкретните услови за мировен договор. „Колку и да се восхитувате на храброста на украинските граѓани, тие не можат да продолжат да ја одвраќаат Русија, без да претрпат смртоносна и скапа казна. Останува само да се договара за мир“, пишува авторот.

Патиштата до мирот не може САД да ги бараат сами. Мораат со Русија. И што побрзо тоа подобро. Однесувањето на Русија секако ги вознемирува Американците. Таму се анализираат варијантите за одговор на евентуален руски нуклеарен удар. Но нема единство во заклучоците. Па затоа ниту еден разумен човек нема да му позавидува на Бајден за решенија што треба да ги донесе. Жешка зима ја чека, пред се’ Европа, а и целата северна хемисфера.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?