28 Март, 2024
0.0244

Зеленски: Неуспешните преговори ќе значат трета светска војна!

Објавено во: Колумни 21 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Во преговорите меѓу Русија и Украина очигледно нешто не оди како што некој посакува. Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера во интервју со Фарид Закарија од CNN, не знам по кој пат, изјави дека е „подготвен за преговори“ со рускиот претседател Владимир Путин. Но овој пат тој предупреди дека ако преговорите пропаднат, „тоа ќе значи трета светска војна“!

Колку е уверен во своите зборови? Тој деновиве се појавува насекаде, има обраќања до парламенти, собира аплаузи на отворено, бара оружје, бара поддршка, ја анатемисува Русија и посебно Путин. А од друга страна постојано вели дека е подготвен да седне да разговара со него. И во интервјуто со Закарија тој ќе рече:„ Јас сум подготвен за преговори со него. Јас бев подготвен во текот на последните две години. И мислам дека без преговори не можеме да ставиме крај на оваа војна“.

Се погоре искажано од Зеленски е точно. Но, како и секогаш, некои работи се изоставаат. На пример дека од Москва, од Кремљ нему му беше упатена порака дека со Путин може да разговара само за односите со Русија!. Додека за „болните“ прашања околу Донбас, адресата на соговорниците е позната. Тој за тоа треба да разговара со претставниците на двете сепаратистички територии. Но, Зеленски не сакаше да разговара со нив. Демек, да не им го признае легитмитетот!. Тие осум години држат територии, а Зеленски сака да се прави дека не постојат или дека не ги забележува. Со претставаниците на сепаратистичките територии, тој требаше да разговара за практичното спроведување на Минските договори. Има едно правило кое го прочитав пред десетина години, од еден аргентински новинар. Тој напиша дека кога има конфликт меѓу посилен и послаб, послабиот треба да се труди конфликтот да се реши што побрзо. Колку повеќе се одолговлекува, толку полошо ќе биде конечното решение за него.

Тоа го осетивме ние и на наша кожа во „разговорите“ што требаше да ги водиме за името на Македонија. Тврдевме дека ние немаме проблем, дека времето е на наша страна. Епилогот е пред нас.Така беше и со соживотот со Албанците. Се’ се ставаше под килим, за да дојдат од Косово и под итно да се истресат килимите. Се разбира овде има место да се спомнаат преговарачите, односно нивниот квалитет и капацитет. А што е најважно – спонзорот! За квалитетот на преговарачите зборуваат договорените работи, а спонзор, ниту имавме, ниту имаме. Тоа се гледа сега во спорот со Бугарија кој треба да го решиме за да започнеме преговори за влез во Унијата. Сите само не удираат по рамо. Од такво удирање веќе три децении, сигурно е деформирано рамото на Македонија. Барем да остане на рамото.

ЗЕЛЕНСКИ Е НА ГОЛЕМИ МАКИ

Зошто сето ова за Македонија, а се зборува за Украина и Русија. Затоа што Украина е во многу тешка состојба. И неа како на Македонија и се случуваат неочекувани, но реални работи. Таа е помал брат. Украинците се ист народ со Русите! Украински јазик не постои! Звучи познато, нели. Со руската инвазија и се вади душата на таа земја со оружје. А нам од Бугарија ни ја вадат со памуче. Белким новиве премиери ќе ги направат преговорите понеболни.

Зеленски е на многу големи маки. Тој по професија беше комедијант. Глумеше претседател во една ТВ-серија. И навистина стана претседател. Ама телевизиските ликови, се далеку од политичката реалност. Комедијата прераснува во трагедија во реалниот живот. Тој сега треба да решава прашања за животот и смртта. За иднината на Украина. Глумењето му е добродојдено во неговите јавни обраќања, ама по спуштањето на завесата, тој се соочува со реалноста. А таа е заканувачка за Украина и за нејзиниот народ. „Мислам дека треба да го искористиме секој формат, секоја шанса, за да имаме можност за прегвори, можност да се поразговара со Путин. Но ако тие обиди не дадат успех, тоа ќе значи трета светска војна“, рече Зеленски за CNN. Во саботата тој имаше традиционално видео обраќање и повторно повика на преговори „без одлагање“, предупредувајќи дека во спротивно загубите на Русија ќе бидат „огромни“. Зеленски вели:„ Ние секогаш настојувавме на преговори. Ние секогаш предлагавме мирни решенија. Треба да ме чујат сите, посебно во Москва. Дојде време да се сретнеме. Време да позборуваме. Дојде време да се врати територијалниот интегритет и правдата за Украина“.   

Од овде натаму почнуваат проблемите на Украина, но и на Русија во преговорите. Украинските претставници на преговорите велеа дека нивните приритети се јасни: „Прекин  на војната, гаранции за безбедноста, суверенитетот, воспоставување на територијална целосност, реални гаранции за нашата земја, реална заштита на нашата земја“. Русите пак бараа, демилитаризација, на Украина, денацификација, неутралност, рускиот јазик да биде државен, а круна е признавањето на присоединувањето на Крим и на независноста на двете републики на сепаратистите на Донбас од страна на Украина.

Информациите од преговорите зборуваат дека можеби ќе има договор за неутралноста, дилеми за демилитаризацијата, денацификацијата е спорна, а можеби јазикот нема да е проблем, Но не се спомнуваат Крим и Донбас.  Крим се присоедини кон Русија по референдумот во март 2014 година. Во март 2014 година, по протестното движење на Евромајдан, големи делови од Донбас беа зафатени од проруски и антивладини протести. Тие подоцна прераснаа во војна меѓу украинските владини сили и руските и проруските сепаратисти поврзани со самопрогласените „народни републики“ од Доњецк и Луганск, кои беа поддржани од Русија.

КРИМ И ДОНБАС

Кога Украина зборува за враќање на територијалната целосност, таа сигурно смета и на Крим и на Донбас. Токму тука ќе биде најголемиот проблем во преговорите. И едните и другите не се откажуваат од своите ставови кон тие прашања. Русите велат дека Крим е завршена работа, а за Донбас треба да одлучи народот на тие територии. Но сега во рамките на старите административни граници, кои очигледно се и цел за достигнување со војната. До почетокот на војната сепаратистите контролираа по една третина од административната територија на на Доњецката и на Луганската област.  

Непопуштањето од двете страни може да значи само едно – продолжување на војната. Неделава што измина Зеленски во една изјава навести дека Украина наскоро нема да стне членка на НАТО, иако во нејзиниот Устав пред некоја година се внесе дека членството во НАТО и ЕУ се дел од него. Ќе се менува ли Уставот, нема ли да се менува, никој не знае. Се ќе зависи од постигнатиот договор, ако го има. Владимир Медински, помошник на Путин, а сега раководител на групата за преговори со Украина, пред некој ден изјави дека средба меѓу Путин и Зеленски може да има само откако двете страни ќе го усвојат текстот на договорот.

Погоре споменатите ставови на двете страни се нивните програми максимум. Веројатно тоа и не се црвените линии до кои може да се отстапи. Во таа насока е и изјавата на министерот Сергеј Лавров  дека има „определена надеж за постигнување компромис“. Советникот на зеленски Михаил Подољак, пак вели дека се разговара за прекин на огнот. Се јави и претседателот на Белорусија Александар Лукашенко. Тој изјави дека во случај Зеленски да не се согласи да потпише мировен договор со Русија, тогаш „тој ќе треба да потпише акт за капитулација“. Малку претерано од Лукашенко со оглед на моментната состојба на теренот, но доволно зборува за неговото настроение.

Западните земји, иако не е за верување, даваат сигнали дека се вознемирени од противречни изјави на украинската страна во преговорите со Русија. Де ќе бидат неутрални, дека нема да одат во НАТО, де ќе се разоружаат, де бараат гаранции, де прекин на војната, територијална целосност и т.н.. Washington Post известува дека западните земји не разбираат на какви отстапки се подготвени да појдат Украинците. Се пренесуваат изјави од западни чиновници дека Зеленски е пред „мачен избор“. Но отстапките остануваат загатка за Западот. Ова и не е за верување.  Особено што Украинците пред почетокот на преговорите најавија дека тие ќе се водат во соработка со ЕУ и САД. И сигурно е дека и Европјаните и Американците секојдневно се информирани за текот на преговорите. Дотолку повеќе што САД, минатата недела, според американски медиуми, му дадоа благослов на израелскиот премиер, Нафтали Бенет, да посредува меѓу Русија и Украина.

БИЛДАЊЕ СО ОРУЖЈЕ

Вчера имаше и изјава од еден извор запознаен со ситуацијата, дека „Администрацијата на Бајден сè уште не гледа индикации дека Путин е подготвен да го деескалира конфликтот - што им отежнува на американските власти да бидат оптимисти за моменталната состојба на преговорите“. Се разбира дека во ова има голема вистина, знаејќи за што и како се преговара. Но, во исто време, истиот извор исто така рекол дека САД не вршат притисок врз Украина да прифати или отфрли конкретни отстапки и дека не се вклучени во преговарачкиот процес. CNN побарале коментар од Советот за национална безбедност на САД, но не добиле одговор.

Околу односот на САД деновиве пишуваше и провладниот кинески Global Times. Според него, Москва, Киев, Париз и Берлин, постојано преземаат дипломатски напори во потрагата излез од кризата, вклучувајќи и директни преговори меѓу лидерите на земјите и министрите за надворешни работи, но само Вашингтон продолжува да испорачува оружје, пречејќи на прекинот на огнот. Според медиумот САД, „кои што вложија многу напори за распламтување на тој конфликт, сега се трудат да ја набилдаат Украина со оружје во обид конфликтот да се продолжи колку може повеќе. Некои експерти укажуваат дека конфликтот предизвикува закана за европската безбедност. „Прекинот на огнот не одговара на стратешките интереси на САД, но е итна неопходност за Украина. Конфликтот се префрла во други реони и во моментов САД очигледно не сакаат да има компромис меѓу Москва и Киев. Со други зборови сочувувањето на суверенитетот и територијалната целосност на Украина не е цел за САД“, изјави за Global Times, Цуи Хунзјан од Кинескиот институт за меѓународни истражувања.

А до каде се реално напорите за мир во Украина? Израелското посредување како да спласна. Зеленски, вчера, обраќајќи се до израелските пратеници во парламентот ги обвини Израелците дека не сакаат да и помогнат на Украина. Индиректно тој го отфрли посредувањето на Израел. „Може да се биде посредник меѓу земјите, но не меѓу доброто и злото“, рече Зеленски во обраќањето. Веројатно има некоја вистина во едно соопштение од минатата недела дека Бенет го убедувал Зеленски да ги прифати руските услови. Ова беше демантирано од страна на Израел. 

ПРИБЛИЖУВАЊЕ КОН ДОГОВОР

Сега кога отпадна Израел, кога Франција и Германија не можат да бидат посредници, бидејќи зазедоа страна во конфликтот, останува да се види што ќе направи Турција. Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју за Huriet изјави дека Украина и Русија се приближуваат кон договор за „клучните“ прашања и дека се надева дека ќе дојде до примирје, ако двете страни не се откажат од досегашниот напредок. Според турски извори двете страни се приближуваат кон договор за четири работи. Украина да се откаже од НАТО, демилитаризација, околу наводната денацификација и заштитата на рускиот јазик во Украина. Има напредок и околу гаранциите за безбедноста на Украина, надвор од НАТО сојузот. За трајно примирје потреба е средба меѓу Путин и Зеленски, но таа се’ уште е далеку. Причина, се’ уште далечната согласност околу Донбас и Крим.

Прес-секретарот на претседателот на Турција Ердоган, Ибрахим Калин, за „ Њујорк Тајмс“ изјави дека Турција „целосно ја отфрла руската војна во Украина“ и не ја поддржува одлуката на руските власти. Сепак, Калин смета дека аргументите на Русија „треба да се слушнат“ и да се земат предвид. Тој додаде дека по завршувањето на непријателствата меѓу Русија и Украина и решавањето на конфликтот, треба да се воспостави „нова безбедносна архитектура меѓу Русија и земјите од Западот“. Според прес-секретарот на турскиот претседател, земјите треба да вложат максимални напори за да спречат почеток на нова студена војна. Калин изрази уверување дека во спротивно тоа ќе биде „многу скапо“ за целиот финансиски и меѓународен политички систем.

ВИТКАЊЕ РАЦЕ

И додека трескавично се бара мир со турско посредување, Американците не мируваат во обидите да го зголемат бројот на државите кои би вовеле санкции кон Русија. Од Пакистан доаѓа вест дека таму почнува виткање раце на актуелниот премиер, Имран Кан. Во земјата се наѕира политичка криза и е најавено гласање за недоверба на владата. Кан во тоа го обвинува Западот. Освен опозицијата се чини нему му откажува љубов и војската. Според The Guardian, Кан беше особено жесток за неодамнешното барање на дипломати од 22 земји, вклучително и земји-членки на ЕУ, кои заеднички го повикаа Пакистан да ја поддржи резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската агресија врз Украина. Кан, кој, и покрај Западот, се обидуваше да воспостави поблиски односи со Русија и беше во Москва на денот на инвазијата, велејќи дека тоа е „возбудливо време“, категорично одби, изразувајќи само „загриженост“ од ситуацијата. Според приказната промовирана од Кан и министри блиски до него, гласањето за недоверба е дел од заговорот на странските сили на Запад, па дури и на ЦИА, за соборување на неговата влада, која повеќе не е подготвена да ги поддржи акциите на Западот и НАТО, како што беше за време на „војната против тероризмот“. Во понеделникот, министерот за надворешни работи Шах Махмуд Куреши на прес-конференција рече дека има разузнавачки информации дека гласањето за недоверба на Кан се одвива по налог на западните сили.

Минатава недела два часа разговараа првите луѓе на САД и Кина, Џо Бајден и Шји Џинпинг.  Од мноштвото соопштенија, изјави и написи во медиумите може да се сублимираат неколку работи. Џо Бајден во петокот во телефонски разговор со кинескиот претседател Шји Џинпинг му објаснил какви ќе бидат последиците од евентуалната кинеска материјална помош за Русија. „Тој опиша какви ќе бидат последиците доколку Кина ѝ даде материјална поддршка на Русија“, се вели во соопштението за печатот од Белата куќа. Забележано е дека лидерите посветиле посебно внимание на ситуацијата во Украина. Бајден истакнал дека поддржува дипломатско решение на украинската криза. Според кинеското Министерство за надворешни работи, Шји Џинпинг во разговор со Бајден рекол дека САД и НАТО треба да водат дијалог со Русија во врска со ситуацијата во Украина и со цел да се намалат безбедносните грижи на Москва. Шји Џинпинг истакнал дека сите страни треба да соработуваат за одржување на дијалогот меѓу Москва и Киев за да се реши ситуацијата. Некои медиуми забележуваат дека Бајден не можел да го убеди својот кинески колега да „преземе обврски“ и некако да влијае врз Москва да го реши конфликтот и да стави крај на војната во Украина. Се забележува дека Кина била незадоволна од овој предлог. Инаку, разговор спровоцирал посредна критика од страна на Шји Џинпинг за претпоставената  улога на САД во влошувањето на кризата.

Во меѓувреме влегуваме во четвртата недела од руската инвазија во Украина. Борбите не стивнуваат. Човечките жртви се зголемуваат. Исто и бројот на бегалците. Желбите на Путин и на Зеленски се бројни. Но дали се големи и желбите за компромис. Или пак ќе се оствари предвидувањето на Зеленски за трета светска војна. 

Ако веќе не е почната.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?