18 Април, 2024
0.1871

Зеленски меѓу Трамп и Бајден – Путин во исчекување

Објавено во: Колумни 04 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Да бидеш „Слуга на народот“ во телевизиска серија е едно, а сосема друго да си седнат во претседателското кресло. Тоа на свој грб го почувствува и се' уште го чувствува украинскиот претседател, некогашниот „комедијант“,  Владимир Зеленски. Политичкото неискуство си го прави своето. Уште повеќе кога во првите месеци на твоето претседателствување телефонски ќе разговараш со американскиот претседател, Доналд Трамп. Од голема желба да му се допаднеш ќе изнатрескаш еден куп глупости и навреди. А кога ќе се објави стенограма од тој разговор, тогаш ќе се шокираш и не те спасува ништо, уште повеќе ако од неа произлезе скандал. Скандал од неговите изјави за германскиата канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон . А да не зборуваме дека тој разговор е поводот за почеток на процедурата за импичмент на американскиот претседател.

Токму така, во САД објавија почеток на таква процедура поради Украина. Минатите денови тоа го објави лидерот на демократите во Конгресот Ненси Пелоси, со што и практично почна истрагата за импичмент на претседателот на САД.  Демократите него го обвинуваат и ќе сакаат да докажат дека ја злоупотребил службената положба. Станува збор за писмо од специјален информатор, „свиркач“, од ЦИА, во кое се кажува за телефонски разговор на американскиот лидер со украинскиот претседател и веројатен притисок врз Зеленски. Наводно Трамп барал од него да ја разгледа работата на синот на бившиот американски потпретседател Џо Бајден, Хантер, во Украина. Сега во комитетите на Конгресот ќе почнат истрагите. Ненси Пелоси тврди дека дејствијата на Трамп ја подриваат националната безбедност и активноста на американското разузнавање. 

Според  Трамп сето ова ќе и наштети на државата  и тој  вели дека станува збор за „лов на вештици“, а сега зборува и за „пуч“. Трамп смета дека не направил ништо лошо за време на телефонскиот разговор од 25 јули годинава, а го обвинува Бајден дека заедно со неговиот син постапиле нечесно кон Украинците. Медиумите во САД, особено оние настроени критички кон Трамп, постојано притискаа и тој мораше да ја објави стенограмата од разговорот со Зеленски, во која најверојатно е интервенирано. Трамп исто така изјави дека украинската влада се согласила стенограмата да биде објавена. Но, според украински извори, Зеленски очекувал дека неговите изјави нема да се објават. Вака излезе дека е наседнат.

Во позадината на сето ова што сега се случува се намерите на Бајден и на Трамп идната година да се кандидираат за претседател. Тоа уште повеќе ја усложнува улогата на Украина и на Зеленски. Дали да се потклекне под желбите(притисокот) на Трамп? Тој вчера и јавно побара од Украина и од Кина да поведат истрага за активностите на Бајденови кај нив. Кинески дипломат во коментар за Си-Ен-Ен вчера рече дека е малку веројатно дека Пекинг е заинтересиран за истрага против екс-потпретседателот на САД Џо Бајден. „Ние не сакаме да се мешаме во американската политика“, изјавил тој, додавајќи дека целата ситуација околу изјавата на Трамп е „многу хаотична“, а дека за барањето на Трамп дознал од медиумите.

Се чини дека како Кинезите ќе се однесува и Зеленски. Тој во екот на скандалот со стенограмата изјави дека никогаш не чувствува никакво влијание врз него. „Има многу луѓе кои би сакале да влијаат врз мене и на Запад и во Украина. Но јас сум претседател на независна Украина и ми се чини дека засега моите потези покажуваат дека  е невозможно да се влијае врз мене“, одговара на прашањето дали чувствувал притисок од страна на Трамп.

Сега во очекување на натамошниот развој на настаните има многу искажувања како Украина да си ја намали штетата и да излезе од целата ситуација побезболно. Зашто не се знае кој од двајцата кандидати за претседател, иако Бајден се’ уште не е номиниран, ќе влезе во Белата куќа по изборите идната година. Дали да им се угоди на демократите или на републиканците. Има повици Зеленски да го „предаде“ Трамп и да ја објави целата стенограма. Со тоа би му се реванширал за објавувањето на неговите зборови со кои се навредуваа  Меркел и Макрон. Доколку во процедурата околу импичментот Зеленски би ја објавил стенграмата, некои сметаат дека со тоа би се придонело до паѓање на Трамп и демократите би биле задоволни од украинското однесување и Украина би имала полза од тоа во иднина и би була славена, заедно со Зеленски. Но,Трамп се’ уште е на власт. Дали објавувањето на украинската верзија на стенограмата нема да предизвика некој жесток потег од негова страна кон Украина?

Не се јасни ни работите со Бајденови. Многу медиуми го поставуваат прашањето што работел Хантер Бајден во компанијата „Буризма“ од каде што добивал 50.000 долари месечно. Или што барал Џо Бајден при приватните посети на Украина? Дали не барал смена на украинскиот државен обвинител кој водел истрага за работењето на фирмата во која работел син му Хантер. Патем, обвинителот беше сменет од страна на претседателот  Петар Порошенко, а истрагата беше затворена.  Исто така се поставува прашање за тоа, што би рекле демократите, кои велат дека со Бајденови во Украина нема ништо, ако на местото на Хантер Бајден се најдеше Доналд Трамп помладиот?  

Некои републикански сенатори се повикуваат на новинарска истрага во изданието на „Политико“ од јануари 2017 година, пред инаугурацијата на Трамп, во кое се тврди дека украински чиновници се обидувале да и помогнат на Хилари Клинтон и да го спречат Трамп да стане претседател. „ Истражувањето на „Политико“ најде докази за мешање на украинската влада во предизборниот натпревар, со што се нарушува дипломатскиот протокол, кој предвидува државите да се воздржат од влијание врз избори во други земји“, пишуваат новинарите. Ова истражување за некои аналитичари претставува можност да се разбере на кој начин американскиот апарат за национална безбедност во 2016 година ги насочил своите средства за набљудување  и разузнавање против партијата која не е на власт. Инаку, станува збор за украинското давање податоци на  тогашната американска власт со кои се дискредитираше шефот на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт, кој тогаш поднесе оставка, а подоцна заврши во затвор.

Се чини дека токму ова, а и хакирањето на серверот на Демократската партија по што на виделина излегоа многу непријатни работи, меѓу кои и „заговорот“ против Берни Сандерс, противкандидат на Хилари Клинтон за номинација за кандидат за претседател,. ги натера американските служби да се свртат кон Русија и нејзино наводно влијание врз изборите. Двегодишната истрага на специјалниот истражувач, Роберт Милер, не покажа ништо конретно, по што Трамп ги засили своите напори во борбата за нова кандидатура за претседател. А на патот можеби да му се испречи Бајден. Трамп под маската за „чистота“ на Бајден од корупција прави се да го дискредитира. Засега неуспешно.

Русија на сето ова гледаше од страна. Тоа најдобро може да се опише со зборовите на претседателот Владимир Путин искажани вчера во Сочи на Форумот „Валдај“. Таму тој зборуваше за многу други сериозни работи, а за САД рече: „ Како да работиш со нив кога тие се вовлечени во внатрешната политика? Во услови на предизборна борба јасно е дека такво нешто се случува во секоја земја, во тие рамки и во САД, но таму целата внатрешно политичка борба  доби екстремни форми, а такво нешто, ми се чини, во САД никогаш и немало“. Според него,  неопходно е прилагодување кон она што се случува сега во САД, бидејќи е невозможно да не се работи со таква држава како Соединетите Американски Држави.

Инаку ден пред тоа, коментирајќи го разговорот на Трамп и Зеленски Путин изјави дека животот го научил дека секој негов разговор може да биде објавен. За барањата да се објават и стенограми од негови разговори со Трамп, Путин рече дека во нив нема ништо што би го компромитирало американскиот лидер. „Слушајте, ја цел живот не го работам ова што го работам денес. Претходниот мој живот ме научи дека кој било мој разговор може да биде публикуван. Јас секогаш поаѓам од тоа“, додаде Путин, сакајќи да потсети на неговиот живот како припадник на специјалните служби.

Русите можеби ќе молчеа и немаше многу да се занимаваат со Траааааамп и Зеленски, но американските демократи се толку опседнати со Русија, што нивната лидерка Пелоси имаше една изјава дадена за MSNBC во која рече дека во скандалот со телефонскиот разговор на Трамп и Зеленски е замешана Русија. „Патем, јас мислам дека Русија ставила прсти во тоа“; истакнува таа коментирајќи го скандалот околу разговорот на Трамп и Зеленски. Таа не ја прецизира улогата на Русија, но напомнува дека Кремљ се мешал во изборите во 2016 година.

Нормално, по ова следи и одговор од руска страна. Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи за „руската трага“ или поточно „руските прсти“ во скандалот со разговорот на Трамп и Зеленски завчера имаше свој коментар. Тој забележа дека потрагата по „руска трага“ стана наметлива фикс идеја. „Таа тема е одраз на тоа дека оние во Демократската партија, кои до ден денес не можат да се помират со тоа дека не успеваат да го турнат претседателот Трамп, дека не успеваат сериозно да го поколебаат јавното мнение во САД и уште повеќе не успеваат да докажат некакво влијание на Русија врз внатрешно политичките процеси, тие веќе не се ни мачат себе си да побараат барем малку пристојни аргументи и факти“, рече Лавров. Според него сега станува збор за обид да се извлечат оние во Киев кои активно се обидуваа да придонесат кон доаѓањето на демократски претседател во Белата куќа во 2016 година. И дејствуваа со токму такви методи кои сега се осудуваат од страна на Демократската партија, а се припишуваат на Русија.

Развојот на настаните е во полза на Русија. Кремљ не го напаѓа Зеленски, ниту пак Трамп, а од таму велат дека разговорот и не содржи нешто компромитирачко. Но, ситуацијата со атаката врз Макрон и Меркел, Кремљ ќе ја користи. Впрочем, Сергеј Марков, од московскиот Институт за политички истражувања вели дека дијалогот меѓу Трамп и Зеленски „го покажува она што ние го зборуваме со години. Украина има криминална власт, а американско-украинската соработка е криминална зделка“, пренесува „Вол стрит Џорнал“. „Русија не треба ништо да прави,  само треба да набљудува. Се што предизвикува хаос на Запад, и особена во Украина е од полза за Путин“, пишува ВСЏ повикувајќи се на украинск иизвори. Некои сметаат дека зборовите на Зеленски дека Меркел и Макрон „недоволно работат за Украина“, а „САД прават многу повеќе од ЕУ“, скоро ќе бидат заборавени, додека други се покритични. „Мислам дека Зеленски и направи на Украина лоша услуга, подавајќи се на најлошите инстикти на Трамп и обвинувајќи ја Европа за она што таа го прави за неговата земја“, напиша на Твитер, Карл Билдт, поранешниот шведски министер за надворешни работи, кој направи могу за продлабочување на трговските и политичките врски на Киев со ЕУ.

Дестабилизацијата на односите на Киев со ЕУ, за Русија е од полза, бидејќи таа сака да го спречи натамошното заминување на Киев кон Запад и секако, да дојде до укинување на санкциите  воведени во 2014 година. Развјот на настаните го потврдува тоа. Украина, како секоја држава што сака во ЕУ, мора да игра според европските правила, независно што таа е голема држава и во европски рамки. А европските правила ги диктираат токму Германија и Франција.

Оставјќи ги Русија и Украина настрана од сето она што сега се случува со САД, како да се води борба меѓу т.н. „дип стејт“ и Трамп. Доколку Трамп ја добие сегашната битка со демократите тогаш нему ќе му бидат отворени вратите кон вториот мандат и ќе биде конечниот победник. По што можеби ќе следат и длабоки резови во специјалните служби, кои тој ги обвинува дека работеле во полза на Клинтон. Сега на површина испливува и политичката корупција, која во САД не е ништо ново. Гледаме дека не е туѓа ниту на Трамп, а веројатно, ниту на Бајден. Велат дека нејзин творец е претседателот Линдон Џонсон. Тој државните тендери ги давал на компании во Тексас, кој беше негова изборна база. А исто така многу прашања решавал по телефон. Барајќи од локалните  власти да ги исполнуваат неговите наредби, понекогаш заборавајќи на демократските процедури. Со политичка корупција се занимавал и Роналд Реган. Спротивставеноста на демократите и републиканците и влијанието врз Украина, било од Трамп, било од Бајден само ги потврдуваат тие коруптивни   игри.

Инаку за целата историја на САД ова е четврти пат кога се иницира процес на импичмент против актуелниот претседател. Досега со такви процедури биле опфатени Ричард Никсон, Ендрју Џонсон и Бил Клинтон.  Последниве двајца биле оправдани. А постапката з импичмент за Никсон не ни дошла до крај, бидејќи во нејзиниот тек тој си поднел оставка. На тој начин ниту еден американски претседател досега не бил отстранет од должноста во процедура на импичмент. Ќе биде ли Трамп првиот или пак ќе ја продолжи досегашната традиција.?


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?