25 Април, 2024
0.0360

Зеленски: Британија exit – Украина enter

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Што се нема да му текне на украинскиот претседател Владимир Зеленски во напорите д ја промовира неговата земја во светот. Деновиве тој во Давос за прв пат учествуваше на Светскиот економски форум. Тоа беше шанса да се претстави пред четириесетина светски лидери,  стотина бизнисмени и владини претставници. Но од она што се случуваше таму тешко е да се верува дека претседателот успеал во  својата намера. Да го надрасне комедијантот во себе.

Медиумите во Украина, но и надвор од неа ги нагласуваат желбите на Зеленски неговата земја да стане лидер во Источна и Централна Европа. Зборувајќи, на посебна сесија во Украинскиот дом, за заложбата на Украина за евроинтеграции Зеленски ја повикал ЕУ да ја прими Украина наместо Велика Британија, која е на излез од Унијата. Според него сега е вистински момент за влез на Украина во Унијата!

Како што пренесе „Европска правда“ во излагањето на форумот Зеленски изјавил: „ Ние својата иднина ја гледаме во ЕУ. Што треба да направи ЕУ? Едноставно да ја земе Украина во ЕУ, тоа се многу сложени работи, иако станува збор за многу едноставни решенија. Ние потпишавме Договор за асоцијација, го поддржуваме курсот кон ЕУ, но треба да разбереме дека не само Украина треба и сака да влезе во ЕУ. Многу земји од ЕУ не’ поддржуваат и ја гледаат иднината на Украина веднаш до себе, како рамноправен партнер. Но Европската Унија, некои земји од ЕУ, исто така треба да сакаат да ја привлечат Украина во ЕУ“. Според украинскиот претседател: „Прашањето не е во тоа кога ние ќе бидеме во ЕУ. Прашањето е каков статус ќе има Украина во ЕУ, каков ќе биде односот кон нашата земја. Однос како кон моќен играч, како кон земја која ја почитуваат или на која гледаат од високо? Една голема земја направи exit, можеби и дојде време на Украина да направи enter“.

Зеленски се поканува самиот во ЕУ повикувајќи се на желбата Украина да влезе во ЕУ. Тој ја нарекува Украина „земја на чудата“. Останува уште да ја покани Алиса во неа. „Украина е токму тоа место каде што се случуваат чуда. И моја цел е во учебниците заедно со примерите на Сингапур и Јужна Кореја да се појави Украина“, смета Зеленски. Според него на прагматичниот свет му требаат чуда, светската економија е на прагот на нова глобална криза и во такви услови на светот му се потребни економски чуда. Оттука тој верува и во украинско чудо. Навистина за воодушевување е како е настроен Зеленски. За него нема друга задача за земја, која што изгубила дел од својата територија и која што е далеку од најбогата во Стариот Свет, освен да стане лидер токму на Источна и Централна Европа. Што навистина во сегашни услови би било чудо.

И додека украинскиот претседател во Давос ги убедуваше инвеститорите да се свртат кон Украина, на истото место Давид Арахамија, лидерот на фракцијата „Слуга на народот“, партијата на Зеленски, која има апсолутно мнозинство во парламентот се заложи за времено откажување од политиката за хармонизација на украинското законодавство со она на ЕУ. Според мнението на депутатот отказот од хармонизацијата е неопходен за создавање на сопствени правила на игра, кои ќе овозможат користење на конкурентски предности. „Многу соседни земји не притискаат, терајќи не на тој начин кон таканаречена хармонизација на законодавството. Меѓутоа јас сметам дека за Украина тоа не е правилно. Ако слаба економија се обединува со силна, тогаш таа секогаш ќе останува слаба, играјќи по исти правила“, изјави Арахамија.

Сето ова што се случуваше во Давос зборува за различни приоди и погледи кон евроинтеграциите на Украина. Или пак за несинхронизиран настап на украинските политичари. За да на биде така во Давос се потруди, Димитриј Кулеба, вицепремиер за евроатлантски интеграции во украинската влада. Тој го „чукна“ по нос Арахамија за изјавите. Кулеба изјави дека Украина нема да се откажува од евроинтеграциите и покрај изјавите на Арахамија. Овој ја научи лекцијата, па веднаш се корегираше и јавно напиша дека ја поддржува хармонизацијата на украинското законодавство со европското, но Украина треба да го искористи планираното преразгледување на некои делови од Договорот за асоцијација, за да направи измени од полза за себе.  

Што прави Украина да привлече странски инвеститори? Покрај даночни олеснувања. Таа најавува приватизација на неколку стотини претпријатија, пристаништа, железница, инфраструктурни објекти и продажба на земјоделско земјиште на странци. Тоа се обврски преземени со аранжманот со ММФ. И за овој аранжман веќе има најави дека треба да се прекине. Да се исплати долгот и повеќе да не се бараат кредити. Но и тука има спротивставени гледања. Министерот за финансии е за прекинување на соработката, а претседателот Зеленски ветува продолжување на соработката со Фондот, кого го нарекува „надежен партнер на Украина“. И треба да го смета, бидејќи без ММФ тешко ќе се одржува економскиот раст, ќе се исполнуваат социјалните обврски и ќе се гаси големиот надворешен долг. Во моментов Украина е должна на ММФ над 10 милијарди долари. Вкупниот надворешен долг на Украина кон крајот на минатата година беше околу 39 милијарди долари.

Во овој поглед е интересен приодот на олигархот Игор Коломојски, кога го нарекуваат  поранешен работодавач на Зеленски. Тој повикува државата да се откаже од гасење на долгот кон фондот. „Ние кон Фондот треба да се однесуваме како Грција. Таа е пример за Украина. Спротивставувајќи се на кредиторите во 2015 година Грција стана прва развиена земја која престана да го исплатува кредитот на ММф, иако времено“, вели тој во еден поранешен коментар за Фајненшел тајмс. Притоа САД и ЕУ едноставно треба да го отпишат надворешниот долг на Украина, смета тој. „Тоа е ваша игра, ваша геополитика, Вас не ве загрижува Украина. Вие сакате да и наштетите на Русија, а Украина е само предлог за тоа“, смета Коломојски.

Кој пат ќе го фати Украина? Ова што го предлага Коломојски е нереално. И наивно. Тој е во заблуда, како што се и некои наши политичари кога велат дека ние сме многу интересни за Западот. Од едноставна причина што Грција е внатре, во ЕУ, а Украина е се уште многу далеку. За спас на Грција од банкрот се водеше координирана акција меѓу ММФ, каде што се главни САД, и ЕУ. Така што Украина и натаму ќе биде со испружена рака кон ММФ. Условите што ги поставува Фондот за да даде помош се тешки, но друг излез нема.

Што се однесува до предлогот да не се хармонизира украинското законодавство со европското или пак да се бараат промени во договорот за асоцијација и тука Украина нема простор за маневри. Сакаш во ЕУ, тогаш мора да ги почитуваш правилата, а уште повеќе сега кога во февруари ќе бидат обнародени новите правила на игра во проширувањето на Унијата. Тука ќе исчезнат и соновите на Зеленски дека Украина е земја на чуда. Дека треба да влезе во ЕУ на местото од Британија. А што да се каже за корупцијата, за олигарсите, за судството, за истражните и полициските органи, кои се на пат, но се’ уште не се реформирани. Уште многу, многу работа дома ја чека Украина, за да може да зборува за некаков реален влез во Унијата. А да не го спомнуваме конфликтот на истокот на земјата. Кој е можеби најголемата болка на Зеленски.

Украинскиот претседател не би бил тоа што во суштина е, комедијант под претседателски плашт, ако не го искористеше Давос на начин како што го направи тоа. Што имаше кажа, а на инвеститорите и на ЕУ е колку сериозно ќе ги сфатат неговите зборови.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД