18 Април, 2024
0.0316

Зелено пазарски пинг-понг

Објавено во: Колумни 13 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Едно време во Скопје мода стана да се игра пинг-понг или ти тенис за на маса (изворен назив на спортот измислен, каде ако не на островот на другиот брег на Ламанш).Не дека ни беше непознат, но екстремно популарен стана откако кај нас се одржа балканско првенство и ние тука ги запознавме и им се восхитувавме на бугарските,грчките и романските мајстори на целулоидното бело топче,а се разбира и на ју играчите-Марковиќ,Каракашевиќ,Стипанчиќ,Шурбек и на уште понекој наследник на Долинар и Харангозо,двојка која успеа да стане светски првак покрај толку непобедиви кинези,јапонци,па богами и швеѓани и унгарци(на источњаците кој да им го запамти името кога кумот им го дава откако по скали ќе истркала конзерва(дебармаалска шега),а кој не чул за Берцик и Јохансон,на пример.

Летото две-три години по земјотресот буквално го поминавме на Зелено пазарче.По цел ден лупавме пинг-понг постојано бркани од станарите на двокатните зданија изградени во годините на информбирото(случајно или намерно сите од ред беа вработени во СВР) заради вознемирување во невреме.Пинпонгарска плоча ни беше масивна канадска иверка за шалување,мрежа даска од чам ,а ногарки некоја  расклимана стара трпезариска маса исфрлена од употреба.Игравме синглови и двојки во зависност кој е се тука-ние неколумина ненавикнати на новите маала што се формираа насила по катастрофата во сателитските населби и домицилните зеленопазарци-доктори за алашвериш по тезгите (читај крадење овошје и зеленчук, со строга специјалност бостан).Кога ќе дојдеше време за ручек тие како попчиња одеа дома,на повик од прозорец(да не те викам уше еднаш),а ние „странците“ останувавме на милост и немилост на дуќанот на татко му на Баже-фурна кај Собрание и на самопослугата во близина.Векна мек полубел леб и четврт мортадела(кај е тој вкус) беа доволни за двајца и едно пивце по пола.Седиме и чекаме да се појават Пели,Мага,Ване,Мика,Боде,Ефто,Дебар за да продолжиме со спортување со реквизити(рекети) што сами ги правевме од шпер плоча,а понекои поснаодливи и поумешни правеа софт –рекети со сунгер и гума залепени со ОХО лепило.На овој локалитет ординираа и Павче и Зене кои им се наоѓаа „набрзина“ по подрумите од веќе спомнатите објекти на пазарџиите желни за провод и излет од секојдневието за ситни пари.Кој не ја играше модерната игра со белото топче се знае-сервис,со или без забивање.

Се појавија некако истовремено и домашни играчи-ги паметам Ацо Атанасовски- Мац и Сашо Панов,обајцата сестрани врвни спортисти и професионалци-првиот ракометен голман и куглар,вториот ракоматар,скијач и тенисер.Некој ќе рече а кај ти се уште овој- оној но дотука стасува сеќавањето,а не сакам да консултирам интернет или пријатели,не е тоа штосот.

Имавме можност во Тафталиџе да се запознаеме со Драгутин Шурбек кој во седумдесеттите служеше војник во Скопје, а скоро секојдневно до изнемоштеност тренираше во „Бугарската гимназија“(Георги Димитров)-ние ѕиркавме од надвор и се чудевме гласно што е тоа што го тера да тренира постојано,испотен до гола кожа и изморен до изнемоштеност.Сега скоро прочитав дека активно играл пинг-понг до 46 годишна возраст.Спортот не е само игра-нели!!!!! 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок