29 Март, 2024
0.0245

Здравствена криза или...?

Објавено во: Колумни 10 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Изминатава година веројатно ќе остане запаметена во историјата како година на светска пандемија и се останато ќе биде во втор план. Рекордниот пад на цената на нафтата, долгодневните затвoрања на цели земји во полициски час, драматичниот пад на западните економии, несмасната реакција на ЕУ кон пандемијата, трката по вакцина, ветото на Бугарија кон нас и влегувањето на демонстрантите во Капитол Хол- сето тоа е во сенка на глобалната криза.

За многумина, оваа криза е само леден брег на еден поголем и поглобален проблем за кој се уште ќе се бара солуција и по завршување на оваа здравствена криза, проблем кој КОВИД-19 само го истакна повеќе и го акцелерира барањето на опции за решение. Фразата „нова реалност“ имплицира дека ништо нема да биде исто после КОВИД-19, но речиси нема одговори на прашањето што поточно ќе биде драстично различно? Освен можеби задолжителното носење маски при влез во болници, старечки домови или во колективните превозни средства, дали компаниите ќе останат исти како што беа пред 2020 година? Дали ќе ги задржат истите свои флоскули за мисија и визија, организациски структури и број на вработени? Дали растот на економиите во светот ќе биде можен на ист начин како што се практикуваше со децении и векови наназад? Многу прашања, малку извесни одговори!

Генијалецот од моите средношколски денови

Иако не е опортуно да се споменува, сепак ќе се повикам на постулатите на Карл Маркс, генијален пруски (германски) аналитичар на општествата и општествените процеси кој уште пред повеќе од 150 години го дефинирал општеството како симбиоза од производни сили и производни односи во своето дело Капитал, првпат објавено во 1867 во Берлин. Мојата генерација и многу пред мене, учеа предмет со неговото име, но со оглед на идеолошкиот фокус во него, ретко кој го доживуваше како филозофија на развој на општествата. Според него, производните сили ги сочинуваат капиталот, машините (или технологијата) и работната сила.  Производните односи пак ги регулираат релациите помеѓу овие сили односно тоа е општественото уредување.  Маркс вели дека едно општество е одржливо се додека овие два фактори (производните сили и производните односи) се во баланс. Во моментот кога производните сили (капиталот, технологијата и работната сила) ќе се развијат многу повеќе од производните односи (општествено уредување), настанува антагонизам помеѓу нив бидејќи постојните односи го кочат и задушуваат прогресот.

Кога неможноста на постоечките односи во општеството да ги регулираат развиените  производни сили доаѓа до работ на рамката и очај, се случува промена на производните односи или поточно кажано- промена на општественото уредување со некое понапредно кое обезбедува порелаксирани и фер односи помеѓу новите технологии, работната сила и капиталот. Историјата ги препознава таквите промени од робовладетелство во феудализам, од феудализам во капитализам, а дел од нас живеевме во држава која требаше да има општествено уредување понапредно од капитализмот- социјализам. Она што е заедничко за сите овие промени на општествата е фактот дека сите се случиле со револуција, фундаментална и релативно брза промена во политичката моќ и политичкиот систем. Дијалектика!

Животниот циклус на капитализмот како производ

Иако почетоците на капитализмот може да се насетат уште во 17-тиот век со развојот на трговијата, модерниот капитализам како општествено уредување се појавува во средината на 18-тиот век артикулиран преку политичкиот економист Адам Смит, менувајќи ги државите и економијата рапидно во декадите по Француската револуција во 1789.  По октомвриската револуција во 1917, светот беше заразен од социјализмот кој стана општествено уредување на повеќе од половина свет! Кина, поранешниот СССР, Индија, Индонезија, цела Источна Европа, делови од Африка... сите тежнеа да го воведат, државна сопственост над капиталот, како предуслов за новите општествени односи кои ги дефинираше социјалистичкото уредување. Но, се чини дека луѓето односно работната сила и оние кои управуваа со капиталот на државата, не беа зрели за таков премин. Капитализмот како уредување се уште не ги имаше достигнато своите лимити и како рамка беше се уште доволен да го балансира технолошкиот развој и работната сила. Со одредени кризи, својот врв го доживеа од почетокот на дваесеттите години во минатиот век, се до деведесетите.  Денешниот капитализам како општествено уредување е безмалку истиот од пред 200 години, но технологијата веќе создаде роботи, вештачка интелегенција, интернет комуникација, 5Г системи, социјални мрежи, дигитализација на процесите и производството! Почетоците на капитализмот беа фундирани на доминантно необразувана работна сила која беше користена за физичка работа на машините, со скромни приватни потреби и знаења и на која не и пречеа валканите технологии и чадот на јагленот како гориво на местата каде работеа и околу нивните домови.  Денес, развиените капиталистички општества имаат високо образувана работна сила која преферира лесна работа и удобен живот,  сака да живее во здрава животна средина грижејќи се глобално за планетава, свесна за меѓусебната поврзаност на екосистемите, која не познава државни и континентални граници. Општествено уредување од пред 2 века, машини со вештачка интелегенција и глобална работа сила. Дали е ова одржливо?

Екологијата и профитот како двигател на капитализмот

Како мала дигресија и навестување на поентата во насловот, треба да се спомене еколошкиот аспект и јавната свест и грижата за животната средина во овој 21век и почетокот на 20тиот век. Во 1920 година, просечниот жител на Европа со својата економска активност и егзистенција создавал околу 30 кг.отпад годишно. Во 1920 проценка е дека планетва имала помеѓу 1,8 и 2 милијарди жители.  Во 2020 година, просечниот жител на Европа создава околу 450 кг.отпад годишно или 15 пати повеќе од пред сто години. А бројот на жители е речиси 4 пати поголем (7,8 милијарди)! Создавањето  60 пати од пред 100 години, претпоставува црпење на материјални ресурси од природата (руди, дрво, нафта, вода) најмалку за 60 пати повеќе, за колку што се зголемило количеството на отпад. Дали е ова одржливо?

Денес на сите им е повеќе од јасно дека ресурсите на нашата планета се ограничени. Досегашните општествени модели за раст на економијата базираат на конзумеризам односно зголемување на потрошувачката, пред се за производи. Количеството на облека, обувки, садови,  апарати во домаќинството и храна на денешниот жител на планетава е несомнено повеќе десетици или можеби стотина пати поголемо во споредба со просечниот човек од 1920 година. Но, не застануваме тука! Разни маркетинг кампањи и социјално искривени вредности не повикуваат да купуваме уште, трошиме повеќе и трупаме материјали кои набрзо стануваат отпад, а за кои се потрошени значајни природни ресурси. Менуваме мобилни телефони на 2-3 години, купуваме се поголеми ТВ уреди на 5-7 години, бела техника на 7-10 години... дури и производите што ги купуваме се така дизајнирани да не може да се поправаат или е тоа поскапо отколку да си купите нов уред. Што станува со стариот фрижидер полн со фреон кој ја уништува озонската обвивка, со батериите кои тешко се рециклираат, а трошат ретки метали..- ретко кого тоа го интересира. Дали е ова одржливо?

Нов поредок за „Нова Реалност“

Ако одговорот на било која од горенаведените дилеми е негативен, веројатно ние сме насред една светска револуција и потрага по ново општествено уредување кое ќе треба да ја скрши или пак значајно прошири рамката на капитализмот. Профитот како движечка сила на капитализмот полека ќе биде заменет со "зелена филозофија" која ќе ја има екологијата и животната средина како приоритет и ќе биде движечка сила за постигнување порамноправна распределба на капиталот. Работната сила ќе сака да работи во компании кои обезбедуваат здрава работна средина, се грижат за околината во која живеат, но и за компании кои ќе произведуваат еколошко одржливи производи и услуги. Како маса на купувачи, таа иста работна сила ќе преферира да купува еко-пријателски производи и услуги! Технологиите ќе бидат се повеќе во функција на екологијата и креирање подобар и полесен живот за работната сила и сопствениците на капиталот. Но, и капиталот односно неговите сопственици, ќе треба да се менуваат! Иако во оваа КОВИД година сите се залагаат за дигитализација, автоматизација, поголемо користење на вештачката интелегенција и работа од дома, никој јасно не споменува дека тоа во иднина ќе значи намалување на работните места. Веројатно тоа ќе биде еден од најизвесните факти во т.н „нова реалност“ после оваа криза, за која „реалност“ никој точно не кажува што подразбира. А, можеби новата реалност ќе биде ново општествено уредување, кое ќе ја стави грижата за животната средина во фокусот како двигател на растот на економиите, а притоа ќе обезбеди пристоен живот за сите, дури и они кои ќе ги изгубат работните места во новата реалност. За да се случи ова, сопствениците на капиталот ќе треба да ги ресетираат и прилагодат своите приоритети и да излезат од тесноградоста и комфорната зона, веројатно свесни дека промените може да се случат и без нивна согласност, што е крајно радикална и непожелна опција. Намалувањето на работните места во име на профитот, а притоа без јасна социјална рамка како да им се обезбеди достоинствен живот и на оние без плата, ќе значи влегување во една надолна спирала на економиите бидејќи за конзумеризмот како двигател на растот потребни се платежно способни граѓани односно работна сила! Работната сила без средства да купува, троши и живее пристојно, значи закана за општествата и капиталот! Дали сопствениците на капиталот се одамна свесни за оваа слепа улица по која вози капитализмот (КОВИД само значајно го забрза) и бараат нови односи помеѓу нив, технологијата и работната сила? Дали името на тоа општествено уредување ќе биде земено од книгите на Маркс или ќе има ново име, тоа воопшто не е важно... револуцијата ќе го испише името! Дали сме ние подготвени за новата револуција?

Дотогаш, создавајте помалку отпад, а тоа што сепак е отпад - селектирајте го за рециклирање!

Филип Ивановски-Извршен директор во Пакомак


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?