26 Април, 2024
0.0376

Збогум „Нормандијо“ – Добредојде Америка!

Објавено во: Колумни 22 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Изминативе денови во дипломатската практика се случи еден невообичаен гест. Руското министерство за надворешни работи ја публикуваше преписката меѓу Русија, Германија и Франција околу одржувањето на средба на „Нормандската четворка“, посветена на состојбите со Донбас во Украина. Не дека и другпат немало објавување на преписки. На пример на претседателот Доналд Трамп, во екот на подготовката на импичментот против него, кога го обвинуваа за притисок-уцена врз Украина. Па тој и јапонуди на јавноста целата стенограма од разговорите со украинскиот претседател, Владимир Зеленски.

Овојпат руското министерство објави 28 страни од „допишувањето“ на членовите на „Нормандската четворка“, без Украина. Предмет на дискусија беше подготовката на средбата на „четворката“. Средбата требаше да се одржи по телефонските разговори меѓу претседателите Владимир Путин, Емануел Макрон и канцеларката во заминување Ангела Меркел. Канцеларката го замоли Путин за ваква средба, а ако може и средба на врвот. Путин одговори дека ќе му препорача на рускиот министер Сергеј Лавров да се зафати со работа.

Русите веќе подолго време не сакаат да разговараат на темата: Спроведување на „Минските договори“ од причина што во 2019 година на средбата на врвот Украина презеде конкретни обврски, но според Русија досега не спровела ништо од нив. Па затоа и нема потреба од нови разговори. Се чинеше дека овој пат, ако не лидерите, ќе се сретнат министрите. Па Русите кои инсистираа на конкретни резултати подготвија документ за дискусија и за усвојување. И го испратија до Французите и до Германците. Сереј Лавров  очекуваше одговор од неговите колеги Жан-Ив Ле Дријан и Хајко Маас.  Но тоа што го доби не беше она што го очекуваше. Воопшто.

На Русите им „пукна филмот“. Лавров пред новинарите, по заседанието на проширениот колегиум на министерството за надворешни работи, а на кое учествуваше и Путин, рече дека и покрај тоа тие не се депримирани. „Само што е непристојно моите колеги да се однесуваат на ваков начин, кога тие секојдевно во текот на последниве две недели( додека се разгледуваше иницијативата за средба на ниво на министри) даваа не многу коректни, не многу етички изјави. Демек сите се подготвени, Путин порачал, а Лавров не сака.

РУСКИ ПОГЛЕД

Што се однесува до објавената кореспонденција, Лавров мисли дека:  „таа доволно крсноречиво ја изразува суштината на прашањето. Не, кој кого поканил и кој, зошто, не можел да дојде , туку токму суштината на таа саботажа, која доследно ја спроведува украинскиот режим во однос на договорите од Минск. Тие не сакаат да ги исполнат, туку сакаат одново да ги напишат. Заради ова, тие се обидуваат да свикаат министерски и состаноци на највисоко ниво со надеж дека, ако  веќе сме седнале на маса, ќе пиеме чај, ќе ги убедиме или  Лавров или Путин дека Киев не може да го исполни тоа на кој било начин“.

Рускиот министер истакна дека неодамна Украинците упатиле писмо до Венецијанската комисија  Целиот текст на писмото бил посветен само на едно: договорите од Минск наводно немаат правна сила. „За што друго можеме да зборуваме? Ако почнеме да се среќаваме со таква позадина, тогаш во истата секунда претставниците на режимот во Киев ќе кажат дека, бидејќи Русите седнаа на преговарачка маса во „нормандскиот формат“, тоа значи дека го признаваат толкувањето на Минските договори од страна на Украинците. Ова нема да се случи“, заклучи Лавров.

Русите ќе одат на средба исклучително кога ќе им кажат дека Киев ќе исполни се’ што е напишано во претходните решенија. А тоа е посебен статус на Донбас, договорен со самонаречените републики, и вграден во украинскиот Устав. Во него треба да се вгради елементот на федерализација на земјата, односно децентрализација, како што е напишано во Минските договори. Покрај тоа треба да се гарантира и безусловна амнестија и одржување избори според правила усогласени меѓу Киев, Доњецк и Лиганск врз основа на принципите на ОБСЕ. После ова може Украина да има контрола врз териториите кои сега не се контролирани од неа. Значи се’ како што е напишано во Минските договори.

ГЕРМАНИЈА И ФРАНЦИЈА ПРОТИВ РУСИЈА

Но така не мислат западните партнери на Москва. Нивниот одговор започнува со фактот дека предлозите на Лавров се неприфатливи. „Германија и Франција не можат да се согласат со тезите (во нацрт-документот од руското МНР ) за „внатрешен украински“ конфликт или посредничка улога на Русија во Трилатералната контакт група. Тие додаваат дека предлозите на РФ генерално ги надминуваат „договорите од Минск“ и не помагаат за конструктивна дискусија. А потоа, во продолжение на писмото ги нудат своите идеи за заеднички Нормандски документ – прво,за прекин на огнот, за спроведување на париските договори, разгледување на правните и политичките аспекти на Минските договори, одредување приод за натамошни дејства и на крај дека се согласуваат дека сите страни во конфликтот треба да ги исполнат договорите од Минск во полн обем.Ниту трага од главните барања на Русија.

Реакцијата на Русија на ваквиот одговор беше објавување на целата преписка. Во руското министерство истакнаа дека во последно време се искривува позицијата на Русија, нејзината улога во внатрешното украинско решение и пристапите за одржување на евентуален министерски состанок во нормандиски формат.За да се спречат дополнителни шпекулации, руското Министерство за надворешни работи одлучи да објави дипломатска кореспонденција.

 Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека објавувањето на преписката докажува дека Москва не ги саботира разговорите во нормандски формат. Како што се зборува во последно време. Прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков, коментирајќи го објавувањето на преписката меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и министрите за надворешни работи на Франција и Германија, истакна дека таков чекор не е традиционален за дипломатијата, но го бара „нетрадиционалната лукава ситуација“. „Ова што се случува сега во светската дипломатија не се случувало порано и затоа има многу лукавства. Губењето надеж да се објасни нешто, на фонот јавните обвинувања за недејствување на Москва, доведе до тоа да се направи таков брилијантен чекор. Да, ова е нетрадиционално за дипломатијата, но, од друга страна, нетрадиционално лукавиот амбиент бара, можеби, нетрадиционални решителни дејства “, рече портпаролот. Песков како да заборавил дека „лукавството“ е еден од главните елементи во дипломатијата. На 9 ноември Песков изјави дека Москва е подготвена за преговори во „Нормандски формат“ на ниво на министри и за самит, но потребно е претходно да се подготви заеднички документ. Очигледно, таков документ ќе почека подобри времиња.

СУДБИНА НА ЛИДЕРИ ВО ЗАМИНУВАЊЕ

Франција и Германија ја обвинија Русија за нарушување на „дипломатските правила и практика“, откако беше објавена преписката на министрите. “Ја повикуваме Русија да се врати на столот за преговори и да продолжи разгледувањето во рамките на утврдените формати и во согласност со усогласените принципи“, изјави официјалниот претставник на француското МНР, Анн-Клер Лежандр. Инаку средбата на министрите во „нормандски формат“, на предлог на Франција требаше да се одржи на 11 ноември.

Германската канцеларка Ангела Меркел реагираше на одлуката на рускиот министер за надворешни работи да ја направи јавна преписката со француските и германските колеги, изразувајќи жалење што средбата во нормандиски формат - ниту на ниво на министри, ниту на ниво на шефови на држави, не се одржа. Меркел ова го изјави на прес-конференција во четвртокот, одговарајќи на прашања од медиумите.„Објавувањето на преписката не ме изненади многу, бидејќи јас читам многу мои писма во печатот, во врска со тоа, никој не треба ништо да крие. Но фактот зошто не се одржа средбата на министрите за надворешни работи, тој точно се толкуваше различно, од една страна од германска и француска страна  и руската од друга страна“, рече таа.„Побарав од рускиот претседател да одржи таков состанок додека сум канцелар, дури сакав средба на лидерско ниво, но, за жал, тоа не се случи и затоа изразувам големо жалење. Објавувањето на преписката овде ништо не менува... Според мене, таква средба требаше да има“, додаде Меркел.

За жал Меркел ја доживува судбината на лидерите кои се во заминување. На крајот од својот политички живот да не го „есапат“. Не знам што очекувала од Путин кога побарала самит на врвот, но интересите на Русија сигурно се поголеми од желбата на Меркел на својот залез да направи уште нешто за средување на работите во Украина. Се сеќаваме како беше испратен Џорџ Буш во политичка пензија на самитот на НАТО во Букурешт. Грците воопшто не го фермаа и покрај неговите најави дека и Македонија заедно со Хрватска и Албанија ќе стане член на НАТО. Ветото на Грција беше знак дека нејзините интереси се поважни од желбата на Буш и на САД, кои тој тогаш ги претставуваше.

УКРАИНА ЛИКУВА

Ако некој се „насладува“ на потегот на руското МНР, тогаш тоа се Украинците. Се’ она што се случуваше околу неодржаната средба во Париз, како да е добродојдено за Украина. Таа мака мачи како да се „откачи“ од спроведувањето на Минските договори. Постојано ги одолговлекува болните, за неа, решенија кои би довеле до федерализација на државата. Не се во прашање само Доњецката и Луганската област. Ако се чепне во Уставот тогаш повеќе самостојност оже да се случи да побараат и други области и на западот, но и на југот и истокот од земјата. 

И сега Украина ликува. „Објавувањето на дипломатските писма на руското Министерство за надворешни работи од Франција и Германија во врска со „нормандскиот формат“, очигледно има за цел да го „дотепа“ тој формат, но Украина ќе работи на негово зачувување, а таквите постапки на Русија само го поткопуваат кредибилитетот кон неа.Ова, според „Европска правда“, на брифинг го изјавил украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба. Око не му трепнува дека за шест години не е спроведено речиси ништо од Минските договори. „Можам да кажам едно, ние се договоривме со германските и француските колеги дека нема да и го дадеме на Русија луксузот да го уништува „нормандскиот формат“ со туѓи раце. Ќе работиме на вклучување на Руската Федерација во преговарачкиот процес, преку дипломатски напори за решавање на овој конфликт“, изјави Дмитриј Кулеба. Тој додаде дека објавувањето на доверлива кореспонденција дополнително ќе ја комплицира оваа работа, но таа ќе продолжи, бидејќи Украина е заинтересирана за мир, фер решенија и безбедност. Експертите и медиумите во Украина, во една реченица, се согласни дека „документот(ставот на Германија и Франција) содржи добри вести за Украина и дека потврдува дека Франција и Германија се на нивна страна“.

Сите се крстат во „Минските договори“ и за натамошни преговори, ама „Нормандскиот формат“ сега е на стаклени нозе. Што може да се очекува? Прво не се знае каков ќе биде приодот на новата германска влада кон преговорите за Донбас. Кон „Минските договори“ и „Формулата на Штајнмаер“. Досега и Франција и Германија, посебно вторава,  ги штитеа интересите на Украина. Минските договори и покрај тоа што се верификувани и во ОН, таа никако не ќе сака да ги спроведе.

НАПНАТОСТ

Што може да произлезе од тоа? Замрзнување на „Нормандскиот формат“, но уште полошо замрзнување на конфликтот на Донбас. Што за Украина би било погубно. Затоа што зад Донбас стои Русија. А не, како што зад Нагорно Карабах стоеше сиромашната Ерменија. Карабах по речиси 30 одини ја изгуби речиси целата негова територија. Поточно Ерменија не го заштити пред налетот на Азербејџан, кои ги врати речиси сите територии изгубени во војните на почетокот на девдесеттите години. Дали Украина може покрај веќе поминатите шест да чека ставање на Донбас под нејзина контрола за уште дваесетина години. И дали воопшто ќе може да ги врати. И кој знае што ќе се случи со нив. Русија веќе сега дава руски државјанства таму. И со „право“ ќе сака да ги заштити своите државјани, независно што се надвор од нејзината територија.

Некои сега сметаат дека ситуацијата околу Украина се вжештува до состојба на нови воени судири. Русија држи војски на истокот. НАТО е на Западот од Украина, но и во Украина и во Црно Море. САД веќе ја предупредија Русија да не прави авантури во Украина. Тие ги предупредиле и своите сојузници во Европа за тоа дека има уште малку време за спречување на Русија „ да преземе воени дејства во однос на Украина“. Оттука и потребата европските земји да разработат пакет „економски и воени мерки“ за „одвраќање на Москва“. За можното „воено влегување на Русија во Украина“ САД ги информирале и амбасадорите на НАТО.

Очигледна е напнатоста за која зборуваше и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Министерот за одбрана на Белорусија Виктор Хренин изјави дека НАТО се подготвува за војна.  Тој зборува за натрупување воени сили на Алијансата на белоруската граница и засилување на воените сили  на Полска. Рускиот претседател Путин на заседанието на проширениот колегиум на руското МНР, побара да се сочува напнатоста во односите со западните земји за спречување на почнување на непотребни конфликти. „Таму сепак никна извесна напнатост. Потребно е таа состојба кај нив да се сочува колку што може подолго, за да не им текне на нашите западни граници да ни направат некаков непотребен конфликт“, рече Путин пред дипломатите. Според него руските предупредувања на адреса на Западот „се чувствуваат и даваат одреден ефект “. Тој обвини за вооружување на Украина.

ЕВРОПА - НАБЉУДУВАЧ И УКРАС

Ако за момент воените барабани се стават настрана, ќе се чуе веста од Белиот дом. Дека американската претседателска администрација ја поздрави изјавата на рускиот лидер Владимир Путин дека конфликтот во Донбас мора да се реши по мирен пат врз основа на договорите од Минск. Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки го објави ова на дневниот брифинг за новинари.„Ја поздравуваме оваа изјава на претседателот Путин“, рече Псаки. Зборувајќи за развојот на руско-американските односи, таа во име на Вашингтон изрази согласност со лидерот на Руската Федерација дека двете земји треба да одржуваат редовен дијалог за да се решат постоечките разлики.

Пред извесно време во Москва беа Викторија Њуланд, заменик државен секретар, беа претставници од специјалните служби, во тек се разговори за стратешки прашања, а во сите тие разговори е и Украина. Њуланд во Москва ја потврди прирзаноста на САД кон Минските договори.

Као што стојат работите САД на еден или друг начин ќе одлучуваат за Украина. Ако не со воено мешање, тогаш најверојатно со разговори со Русија околу Украина. Веќе е најавен и разговор на Џо Бајден со Путин, виртуелен. До крајот на декември или во јануари. Веројатно тие ќе треба да пресечат за некои важни прашања. Таков беше договорот и од нивната средба во Швајцарија. Можно е да се договорат и за Украина. Кога веќе Европа не е способна да го реши тоа прашање, како што беше и е, за многу други прашања на Балканот, тогаш таа ќе остане набљудувач. И ќе биде украс при потпишување на некој договор. Се разбира многу работи ќе зависат и од здравствената состојба на американскиот претседател.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД