24 Април, 2024
0.0260

Заев го стокми Уставот со Села, ќе падне ли Беса

Објавено во: Анализа 09 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Заев го стокми Уставот со Села, ќе падне ли „Беса“ и со Касами?

Зоран Заев направи нов компромис и во „каша попар“а процесот на уставни измени ги додаде повеќето барања и на опозициската Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села. Но, процесот на тешки компромиси со менување на Преамбулата на Уставот не застанува тука и Заев ќе мора да си даде збор и со Биљал Касами кој предводи едно крило на БЕСА.

Што е досега прифатено?

- Во Преамбулата ќе се избрише делот каде што стои „граѓаните кои живеат во границите на државата“, и ќе бидат наведени сите етнички заедници

-  Косово е наведено како петти сосед

- Покрај дијаспората на македонскиот народ ќе бидат наведени и делови од албанскиот народ, турскиот, влашкиот и итн.

Што не е прифатено?

За поддршка од двајцата пратеници на БЕСА потребен ќе биде компромис во дефинирањето на поимот за државјанството, како и на вметнување на албанскиот како втор државен јазик. Крилото на Касами е против да стои македонско бидејќи со тоа наводно им се нарушува правото на граѓаните Албанци кои не се етнички Македонци.

По средбата со Села и Таравари, премиерот Заев посочи дека е „важно да се сочува македонскиот идентитет“, како и дека „двете партии, Алијанса на Албанците и Беса остануваат определени кон НАТО и ЕУ, а останува чувството дека тие водат грижа и за македонската етничка заедница и на самоопределувањето како Македонци“.

Аргументите на власта се дека терминот македонско се однесува само на државјанството, а не и на етничката определба. Токму оваа дефиниција во Преспанскиот договор беше истакната како компромис од грчка страна. Имено во договорот со определбата македонски/македонско се посочуваат само јазикот и државјанството. Нови суштински измени на формулата би значеле и значајни промени на самиот договор за решавање на спорот за името и тоа на штета на македонските позиции. Во самата формулација стои државјанство македонско/граѓани на Република Северна Македонија што ги опфаќа сите етнички припадности, но очигледно е дека за да се придобијат гласовите на дел од БЕСА ќе мора да се направат нови отстапки или оставање простор за различно утврдување на државјанството на етничките Албанци и другите етнички заедници.

За прашањето за албанскиот јазик, Зијадин Села истакна дека не се откажува. – „Стоиме на ставот дека Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ. Од друга страна, има и работи за кои во принцип се согласуваме, но треба да се бараат начини како тоа да се изведе. Ние како ‘Алијанса за Албанците’ нема да кренеме раце од нашето барање за албанскиот јазик да биде дефиниран како албански јазик, а не како „друг јазик“. За ова уште не сме постигнале договор и компромис“, истакна Села.

Дополнителни нарушувања на веќе утврдените позиции и гаранции на македонскиот идентитет ќе ги стават под знак прашалник гласовите на протераните пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, а уште помалку би оставиле простор за евентуални нови гласови од македонската опозиција. Кнедлата која беше тешко да се голтне сега станува уште погорчлива.

Албанскиот политички блок успеа да собере ситни етнички и политички поени, но и да остави лоша порака до македонските сонародници со имплементација на уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа кој и онака е болен и сфатен како преголема жртва за иднината на државата. Додека се водеа преговорите често албанските политичари знаеја да упатат пораки на солидарност со македонскиот народ дека не сакаат да се мешаат во идентитетски прашања, дека силно се залагаат за брза интеграција во ЕУ и НАТО, за потоа на првата шанса во која може да ги уценуваат своите барања, да наметнат нови компромиси кои го комплицираат процесот и да се покажат како незрели политичари кои немаат сочуство за тешкотијата на самиот момент по бројните протести и блокади.

Претходно беа исполнети и барањата на ДУИ за вметнување на Охридскиот рамковен договор во Преамбулата на Уставот како дел од уставните измени. На овој начин сите албански партии се „докажаа“ пред својот електорат, односно наметнаа нови измени со кои ги „одбранија“ албанските интереси во Македонија. Затоа и албанската опозиција не пропушти да остане покуса во политичката пресметка со ДУИ. Гласовите на пратениците на Касами се неизвесни и денес ќе има дополнителни средби за да се договори потребното двотретинско мнозинство за финализирање на уставните измени со што ќе може да се имплементира Преспанскиот договор.

Х.С.