Вучиќ-Хил: САД го подржуваат Отворен Балкан и ќе помогнат во негов развој
Објавено во: Балкан 23 Мај, 2022
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, со кого разговараше за подобрување на билатералните односи, енергетската диверзификација, евроинтеграцијата на Србија, за геополитички прашања и иницијативата Отворен Балкан, истакна дека Србија е иницијатор на бројни проекти за поврзување на земјите од Западен Балкан.
Амбасадорот Хил ја повтори американската поддршка за евроинтеграцијата на Србија и земјите од регионот, како и ставот на САД дека ЕУ треба да се прошири,
- Ја поддржуваме и иницијативата Отворен Балкан и подготвени сме да помогнеме во нејзиниот побрз развој - рече амбасадорот Хил, додавајќи дека САД секогаш ќе ги поддржуваат напорите за продлабочување на регионалната економска соработка на начин што ќе ја промовира интеграцијата со ЕУ.
Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина, соговорниците се согласија дека сите напори треба да бидат насочени кон дијалогот под покровителство на Европската унија, а САД со партнерите од ЕУ ќе продолжат со ангажманот за продолжување на дијалогот што ќе донесе конкретни резултати.
Надоврзувајќи се на неодамнешното писмо од американскиот претседател Џозеф Бајден до претседателот Вучиќ, амбасадорот Хил ја повтори поддршката на неговата земја за напорите на Србија за диверзификација на енергетските извори и енергетската ефикасност, нагласувајќи дека САД ќе работат на тоа и Србија да добие пристап до енергетските проекти на кои веќе наголемо се работи.