Во Аеродром ќе се градат најмногу станови
Објавено во: Економија 10 Октомври, 2019
Најмногу станови од оние за кои е издадена дозвола за градба, ќе се градат во скопската општина Аеродром.
Податоците на Државниот завод за статистика покажаа дека во август годинава се издадени 210 одобренија за градба, од кои, најголемиот дел или 136 одобренија се за високоградба. Всушност, податоците на статистика говорат дека бројот на издадени одобренија за градба е зголемен за 9,4 отсто.
Објавените податоци покажуваат и дека во скопскот регион се издадените 49 одобренија, и со нив е предвидена изградба на 147 станови. Од нив, пак, дури 125 се во општината Аеродром.
Ќе се гради и во југозападниот регион, каде се издадени 45 дозволи за градба, во Полошкиот 33, Вардарскиот 24, Југоисточниот 22, Пелагонискиот 20, Источниот 13, и најмалку во Североисточниот - четири.
А во наредниот период ќе се гради повеќе од претходно, бидејќи според податоците на Статистика, предвидената вредност на сите објекти за кои е издадена дозвола за градба изнесува 2.326.990 денари, што е за 53,7 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупно 210 објекти, на 145 или на 69,1 отсто како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 65 или кај 30,9 отсто од објектите, инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 278 станови, со вкупна корисна површина од 24.728 кавдратни метри.