Внукот на Јосип Броз Тито ќе оди в затвор
Објавено во: Балкан 08 Март, 2021
Осум месеци затвор доби внукот на поранешниот доживотен претседател на Југославија Јосип Броз Тито, Едвард Броз (70).
Тој е осуден на осум месеци затвор за сообраќајна несреќа од 1992 година во Земун во која загина неговиот пријател Г.П. Пресудата ја донесе Вишиот суд во Белград и изречена е во негово отсуство, бидејќи е во бегство од 2008 година и наводно живее во Загреб. Тој е осуден за кривично дело „тешко дело против безбедноста во јавниот сообраќај“, е речено во Вишиот суд во Белград, пренесува агенцијата „Танјуг“. Седницата на Апелацискиот суд по жалвите на првостепената пресуда е закажана за четврток, 11 март. Едвард Броз веднаш по несреќата пребегал во Хрватска, но 16 години подоцна, во 2008 година, е уапсен на граничниот премин Батровци при обид за влез во Србија. По три дена во притвор, беше пуштен да се брани од слобода, меѓутоа му беше одземен пасошот и му беше наложено секои 15 дена да се јавува во полиција. Кон крајот на март во 2008 година, тој се појави на судење во Вишиот суд во Белград, при што изнесе одбрана и каење за смртта на пријателот, но повторно побегна. Поточно, не се појави на закажаните рочишта во мај, во јуни и во септември во 2008 година, па судот во октомври истата година распиша меѓународна потерница.