ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа укинување на концептот „техничка влада“ во иднина
Објавено во: Македонија 19 Февруари, 2020
ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа укинување на концептот „техничка влада“ во иднина и покрај мислењето на некои експерти и во одреднеи политички кругови дека таа треба да се укине бидејќи ја губи својата смисла и функционалност во 100-те дена пред одржувањето на секои парламентарни избори.
Потпретседателот на најголемата опозициска партија, Александар Николоски, на денешната прес-конференција рече дека не само што не треба да се укине, туку дека треба да се зајакне нејзиното функционирање.
„Нивната цел е да се укине техничката влада, а нашата цел е да се зајакне. По изборите, сакаме да ги зајакнеме механизмите на гаранција, затоа што кога опозицијата учевстува во една влада факт е дека таа нема мнозинство и дека мнозинството по сила на диктат може да направи што сака. Но, тоа не е смислата на техничката влада. Сериозно треба да размислиме за законски измени и за основање орган кој би санкционирал насилничко работење на владејачкото мнозинство. Моделот мора да се зајакне за да не може власта да го минира“, изјави Николовски.
Ваквата реакција на Николоски следува по поништувањето на десетиците кадровски решенија од страна на Владата донесени од техничките министри Наќе Чулев и Рашела Мизрахи. Чулев е се уште на чело на министерството за внатрешни работи, додека Собранието ја разреши Мизрахи како министерка за труд и социјална политика, а нејзината партија не предложи друго име пред распуштањето.