ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот за ограничување на цените за приватно лекување од Ковид-19 и ќе предложи рефундирање
Објавено во: Македонија 14 Април, 2021
ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законското решение кое беше усвоено вчера на владината седница со кое ќе се ограничат цените за лекување од Ковид-19 во приватните клиники до 5.000 евра и ќе предложи амандман со кој ќе се рефундираат средства на оние кои веќе ги користеле овие услуги.
Ова денеска го потврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Стопанската Комора за Информатички Технологии – МАСИТ.
- Не само што ќе даде, туку и ќе предложи тоа да се прошири и на оние пациенти, кои и досега ги користеа услугите на приватните болници, односно доколку имаат соодветен доказ да го приложат и државата е должна на тие луѓе да им ги рефундира трошоците. Затоа што 14 месеци потоа, 4.000 починати луѓе, повеќе од 130.000 заболени луѓе и денеска им текнува дека треба да ги ограничат услугите во приватните болници. Тоа требаше на почеток да се случи. Но, кога веќе не се случи на почеток, дајте барем на овие да им помогнеме како држава и да им ги рефундираме трошоците што досега ги направија, рече Мицкоски.
Според претседателот на опозициската партија, граѓаните не биле виновни за тоа што немале избор, односно немало место во државните болнички капацитети.