20 Април, 2024
0.0270

Влијанието на светската криза врз локалните власти

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Автори: Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП во Северна Македонија; Александар Стојков, професор по економија.

Важноста на употребливите информации во неизвесни времиња

Нашата сегашност е оптоварена со неизвесности и предизвици, многу од нив и без преседан. Пандемијата на Ковид-19 и нејзините последици, кризата во Украина, сериозното влијание на климатските промени и социоекономските промени имаат разорно влијание врз луѓето и заедниците. Последниот Извештај за човековиот развој (HumanDevelopmentReport), практика што го мери здравјето, образованието и животниот стандард на една нација, забележа глобален пад на индексот две години по ред. Ваквиот пад, кој се појавува за првпат во 32 години откако УНДП го пресметува овој индекс, ја смени насоката на голем дел од напредокот кон Целите за одржлив развој.

Граѓаните во Северна Македонија, исто така, ги чувствуваат негативните ефекти од овој „нов комплекс на неизвесности“ и се соочуваат со нови предизвици за локалниот и регионалниот развој. Затоа е важно да се има отворена дискусија за да се процени влијанието од овие кризи и да се утврди патот напред кој ќе ни помогне да ја надминеме оваа состојба на статус кво. Клучните препораки наведени во ИЧР се фокусираат на потребата од паметни инвестиции, поттикнување иновации во општеството и осигурување дека општествените мерки за заштита ги штитат луѓето и нивната благосостојба.

Во тешки времиња како овие, сите имаме важна улога. Улогата на УНДП во времиња на неизвесност е наведена во најновиот Стратешки план во којорганизацијата препознава дека за да се соочиме со испреплетените предизвици и повеќедимензионални ризици, ќе требаат системски решенијаи мултилатерална соработка.

Шесте клучни решенија на УНДП вклучуваат: намалување на сиромаштијата и нееднаквостите, градење на отпорност во заедниците, заштита на животната средина, родова еднаквост и добро управување. УНДП ги гледа овие решенија како меѓусебно поврзани области, кои бараат интегриран пристап за кој се потребни : иновации, дигитализација и финансирање на развојот. Канцеларијата на УНДП во Скопје го следи овој стратешки план и има повеќепроекти и активности кои се усогласени и комплементарни со овој план.Работејќи со нашите партнери и поддржувачи, можеме да понудиме употребливи информации за да помогнеме во справувањето со некои од предизвиците со кои се соочуваат нашите заедници.

Токму поради оваа причина, решивме да поддржиме истражување за проценка на влијанието на кризата во Украина врз функционирањето на локалните власти во Северна Македонија. Сакавме да дознаеме колку е сериозно влијанието на повеќедимензионалната криза врз општините и да обезбедиме поддршка за политики што нема да изостават никого, дури и во време кога имаме меѓусебно поврзани неизвесности и ризици. За да го спроведеме ова истражување, беа вклучени двајца универзитетски професори и мултидисциплинарен тим во Канцеларијата во Скопје за да помогнеме да се дознае повеќе за ситуацијата и претстојните предизвици.

Клучни сознанија од истражувањето за влијанието на кризата во Украина врз локалните власти

Периодот што се испитува за целите на ова истражување е од јануари до јули 2022 година. Ги користевме најновите податоци за приходите, расходите, финансирањето и долговите на 81 општина во Северна Македонија. Во анализата се користат буџетски ставки (трицифрено ниво) и буџетски потставки (шестцифрено ниво), каде што е тоа потребно. Споредбата не се однесува само на 2021 година – што беше предизборниот период пред локалните избори во октомври 2021 година, туку се однесува и на претпандемиско ниво (2019 е „нормална“ базна година), а и на пандемиската 2020 година (како уште една кризна година).

Ова се нашите клучни сознанија од истражувањето:

Повеќедимензионалната криза во 2022 година го влоши опкружувањето за локалните власти. Тие се соочија со сериозни предизвици за време на тековната пандемија на Ковид-19, Украина и енергетската криза, повисоката инфлација и безбедносната криза во Европа. Кризата во Украина не само што изврши притисок врз приходната, расходната и финансиската страна на локалните буџети, туку и дополнително ги разоткри долгорочните системски слабости во дизајнот на меѓувладините фискални односи.

Силното влијание од кризата во Украина.72,2 % од анкетираните општини [вкупно 40 општинибеа анкетирани] се изјаснија дека украинската криза негативно влијаела врз нормалното функционирање на општината. Зголемувањето на цените на стоките и услугите поради поскапувањето на електричната енергија, горивото, останатите грејни материјали и слично, директно влијаат врз нивната финансиска положба и можноста за давање јавни услуги.

Падот на локалните приходи во периодот јануари-јули 2022 година. Приходите на локалната самоуправа во првите седум месеци од 2022 година се за 1,3 милијарди денари помали или за 5,4 % помалку во споредба со оние за јануари-јули 2021 година. Забележуваме умерени промени во структурата на приходите. Даночните приходи во периодот јануари-јули 2022 година се пониски за 464,6 милиони денари или за 7,5 % помалку во однос на истиот период од претходната година. Помал е и приливот на трансфери од централниот буџет: 816,5 милиони денари помалку или 5,4 % помалку во однос на оној за јануари-јули 2021 година. Падот на меѓувладините трансфери во голема мера е последица на помалото пренесено салдо (неискористени средства) од 2021 година. Грантовите се пониски за 22,8 % или 134,2 милиони денари, но близу до нивото пред пандемијата од 2019 година. Во набљудуваниот период, неданочните приходи и капиталните приходи остварија благ раст од 2,6 и 2,7 %, соодветно.

Расходите на целата локална самоуправа за јануари-јули 2022 година беа речиси на исто ниво како и јануари-јули од претходната година. Меѓутоа, се случија важни структурни промени. Забележуваме пораст на тековните расходи, така што во периодот јануари-јули 2022 година се потрошени 1,3 милијарди денари повеќе во однос на истиот период во 2021 година. Во истиот период дојде до забавување на локалните инвестиции (капитални расходи на локалните самоуправи), така што во периодот јануари-јули 2022 година се потрошени 1,3 милијарди денари помалку во однос на првите седум месеци од 2021 година.

Кои беа главните промени во поглед на расходите во периодот јануари-јули 2022 година?Сосема очекувано, се случи големо зголемување на расходите на локалните власти за комунални услуги, греење, комуникации и транспорт за речиси 747 милиони денари. Но, оваа цифра не може да го опфати целосното влијание на енергетската криза, бидејќи некои сметки за енергија (струја, снабдување со гас, дрва за огрев итн.) сè уште не се платени. Плаќањето на сметките или се репрограмира на повеќе рати или едноставно се остава на страна како долг на општината. Училишните патувања под покровителство на програмата Еразмус беа главна причина за исклучително силниот раст на патните и дневните трошоци во периодот јануари-јули 2022 година.

Комуналните услуги, греењето, комуникациите и транспортот се една од категориите на расходи што забележаа многу силен раст во периодот јануари-јули 2022 година. Трошоците се повисоки за речиси 747 милиони денари во однос на периодот јануари-јули 2021 година. Ова беше огромен раст без преседан во еден краток период. Две третини од овие трошоци се однесуваат на сметки за електрична енергија (67,9 %), потоа течни горива (9,0 %) и водовод и канализација (4,1 %). Трошоците за сметките за електрична енергија во анализираниот период се зголемени повеќе од двојно, забележувајќи раст од над 110 %. Зголемувањето на останатите трошоци беше исто така многу силно: останати материјали за огрев (+96,7 %), централно греење (+51,7 %), превоз на луѓе (главно ученици) (+55,6 %), други комунални трошоци (+35,1 %), горива и масла за моторни возила (+33 %).

Забавување на локалните инвестиции

Едно од најголемите влијанија од многубројните кризи во 2022 година за локалните самоуправи  беше – и сè уште е – значителното забавување на локалните инвестиции. 62 општини забележаа помала инвестициска потрошувачка. Се забележува големо намалување кај издатоците за останати градежни активности (пред сè, изградба и реконструкција на локалните улици и патишта) за 1,3 милијарди денари, како и за поправки и тековно одржување – за речиси 267 милиони денари. Капиталните расходи на локалните самоуправи се навистина најголемата „жртва“ на украинската (повеќедимензионална) криза. Дури 35 % од анкетираните општини одговорија дека ќе одложат многу важни инвестициски проекти.

Загрозено е дури и обезбедувањето на основни локални јавни услуги. Не само локалните инвестиции, туку и основните локални јавни услуги подлежат на ризик од прекини. На пример, постројките за пречистување отпадни води во голема мера зависат од електрична енергија. Управителите предупредуваат дека вообичаеното работење подлежи на ризик од прекини поради високите сметки за електрична енергија.

Традиционалните фискални индикатори на готовинска основа не се покажаа како целосно соодветни за намената. Обемот на општинските долгови стабилно се зголемуваше. Споредено со историскиот минимум (во последниве пет години) на крајот на март 2020 година , долговите на единиците на локалните самоуправи се повисоки за 28,2 % заклучно со крајот на јуни 2022 година. Имаше и значајно зголемување на долговите на локалните јавни претпријатија за 46,5 % за две години. Долговите на корисниците на единиците од втор ред, на локално ниво, се пониски за 20 % во однос на историскиот минимум, но и понатаму се високи.

Вклучување на централната власт. Сè до крајот на септември 2022 година, од локалната самоуправа се очекуваше само да пронајде решенија. На 28 септември 2022 година, Владата објави дека ќе дозволи основните и средните училишта да учествуваат на пазарот на регулирана електрична енергија. Иако не се очекува попуштање на фискалните притисоци пред 2024 година (а особено тешка ќе биде зимата 2022/23 година), ова ќе биде извесно олеснување за локалната самоуправа.

IКако понатаму?

Поконкретните предлози во однос на сознанијата од истражувањето што ви ги претставивме денес, се темелат на нашето убедување дека решенијата за иднината треба да подразбираат поголема соработка и координација помеѓу централната власт и ЗЕЛС. Потребно е да се реосмисли системот на меѓувладините односи, така што ќе овозможи поголема фискална дисциплина на локално ниво, поголема автономија на приходите и расходите, подобро осмислување на меѓувладините трансфери, систематски долгорочни механизми и решенија за намалување на општинските долгови и спречување нови долгови. Истакнуваме и дека подобрувањето на финансиската положба не води нужно и до подобрување на испораката на локални јавни услуги.

Иако управувањето со кризата е главен краткорочен приоритет, сепак не смее да се заборави справувањето со структурните слабости. Подобрувањето на локалните јавни услуги подразбира енергетски ефикасни решенија, еколошка селекција и управување со општински отпад, подобрено управување со човечките ресурси во локалниот јавен сектор, вклучително и постојано градење на капацитетите. Иако е многу важно, родово-заснованото буџетирање на локално ниво е сè уште во своите почетни фази.

Подобрувањето на локалните финансии и создавањето резерви за борба против идните кризи се важни предуслови за да успее децентрализацијата.

Веруваме дека надминувањето на овие предизвици треба да го следи патот утврден во претходно споменатиот Извештај за човековиот напредок, којшто дава приоритет на градење политики кои се фокусирани на; инвестиции, иновации и мерки кои ќе овозможат граѓаните да имаат социјална-економска заштита од кризи.  Истовремено мора да работиме заеднички кон менување на нормите, вредностите и верувањата што управуваат со нашите општествени уредувања, за да постигнеме уште поголем развој и  безбедност на граѓаните. Од паметни практични инвестиции во обновливи извори и подготовка за ризици и природни опасности, , до поддршка на иновациите и инвестирањето во технолошкиот, културниот, економскиот и социјалниот капитал на нашите заедници.

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок