25 Април, 2024
0.9275

Влијанието на девизниот ризик врз работењето на деловните банки

Објавено во: Колумни 02 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Девизниот ризик се дефинира како флуктуација на девизниот курс на различни валути, односно како ризик од промена на интервалутарните курсеви на една спрема друга валута. Банката во своето работење мора да го идентификува и следи девизниот ризик на кој се изложени нејзините комитенти со цел да ги елиминира или минимизира негативните ефекти кои би можеле да настанат поради промената на интервалутарните односи, како и да направи проценка на реалните можности за обезбедување на потребниот готовински тек кај комитентите.

Ризикот од флуктуација на девизните курсеви е тесно поврзан со билансниот ризик. Под билансен ризик се подразбира секаква нерамнотежа којашто произлегува од промената на девизните ставки во активата и пасивата на билансот на состојба и билансот на успех кај комитентите.

На страната на активата, комитентите на банката ги изразуваат девизните средства остварени по пат на девизни приливи од странство како резултат на реализираниот извоз. На страната на пасивата се искажуваат обврските кон добавувачите во странство, обврските кон банките по основ на девизни кредити и други девизни обврски. Доколку девизната актива е поголема од девизната пасива (пред се, како резултат на редовни девизни приливи од странство) комитентот нема да има проблеми при измирувањето на девизните обврски кон своите деловни партнери и кон банката.

Во обратен случај, може да дојде до појава на девизен ризик, но тоа сеуште не значи и негова трансформација во кредитен ризик. Под претпоставка дека комитентот има доволно средства во својата национална валута, тој ќе се јави на девизен пазар каде што ќе купи девизи и ќе ги измири обврските. Девизен ризик може да се јави поради промена на курсот на странската валута во однос на домашната од моментот на настанување на обврската до моментот на плаќање. Доколку промената на курсот е незначителна, а комитентот располага со доволно средства во својата национална валута, нема да дојде до трансформација на девизниот во кредитен ризик.

Покрај ризикот од намалување на вредноста на националната валута во однос на странските валути, постои ризик и од зголемување на нејзината вредност. Во ваков случај, девизите кои би ги добила банката на име на наплата на побарувањето од комитентот, би вределе помалку отколку што вределе во моментот на исплата на обврската во странство. Ова е исклучително поволно за должникот, но неповолно за банката. За да се заштити, банката може да предвиди обврската на комитентот да биде подмирена во национална валута по курс кој важел на денот на креирање на кредитната изложеност, ако курсот на тој ден е повисок од курсот на денот на подмирувањето на обврската.

Ризикот се дефинира како неизвесност, дали одреден настан ќе се одвива поинаку од очекуваното, што во овој случај би значело, девизниот курс да остварува вредност која отстапува од очекуваната.

Согласно на ова, постои можност ризикот да се измери. Квантитативно, ризикот се изразува како просечно отстапување на девизниот курс од очекуваниот девизен курс во одреден момент, под одредени влијанија, пондерирано со веројатноста на случување на тој настан.

При прогнозирање на факторите на тенденциите на краткорочна и среднорочна динамика на девизните курсеви, се анализираат факторите коишто влијаат врз структурата на девизниот пазар, обемот на бруто националниот производ, растот на индустриското производство, нивото на невработеност, индексите на цените, состојбите на основните ставки на платниот биланс, како и движењето на каматните стапки.

Со цел ризикот успешно да се измери, се користи содветна база на податоци, квалификуван и искусен кадар во оваа област, како и разработени статистички методи.При поголеми кредитни изложености и подолги рокови, препорачливо е комитентот и банката да побараат мислење и од специјализирани институции за проценка на девизниот ризик (брокерски куќи, берзи, агенции, реномирани светски банки).

Стручните служби во банката треба да го следат движењето на курсевите на странските валути и да вршат дополнитени анализи од аспект на девизна изложеност спрема комитентот. Со цел намалување на девизниот ризик на комитентите, банката може да им понуди одредени инструменти за осигурување од девизниот ризик (термински купопродажби, опции, фјучерси и сл.)

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД