23 Април, 2024
0.0250

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Објавено во: Колумни 07 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Перењето пари има разорно влијание врз финансиските институции коишто претставуваат „крвоток“ на секоја национална економија. Освен тоа, оваа криминална активност ја намалува продуктивноста во реалниот сектор преку несоодветна алокација на ресурсите, ја поттикнува корупцијата и го разорува надворешниот сектор (пред се, во делот на меѓународната трговија и движењето на капиталот). Затоа сите земји во светот се должни да креираат ефикасни стратегии за спречување на перењето пари, што ќе доведе до јакнење на националната економијаво целина, а особено во сферата на финансиските институции.

Финансиски сектор. Економските анализи покажуваат дека силните финансиски институции (банки, небанкарски институции и пазар на капитал) претставуваат основна полуга на економскиот раст. Силните и стабилни финансиски институции овозможуваат концентрација на капиталните ресурси во вид на депозити од домашни и странски комитенти и ефикасна алокација на тие ресурси во инвестициони проекти коишто генерираат траен економски развој.

Перењето пари треба да се доведе во корелација со довербата којашто ја имаат комитентите во една финансиска институција. Доколку комитентите на една финансиска институција ја изгубат довербата поради можната злоупотреба на истата во функција на перење пари, истите ќе преминат во друга финансиска институција сп цел да ги заштитат своите средства и својата репутација.

Реален сектор. Покрај негативното влијание врз финансискиот сектор, перењето пари негативно влијае и врз реалниот сектор на тој начин што ги алоцира ресурсите во помалку продуктивни активности. Покрај тоа, перењето пари ги стимулира корупцијата и криминалот што доведува до забавување на економскиот раст.

Оние пари коишто не се перат преку системот на финансиски институции, често се пласираат во т.н. „стерилни" инвестиции, односно инвестиции коишто генерираат мала дополнителна продуктивност во глобални рамки. Пример за такви инвестиции се вложувањата во недвижен имот, предмети со уметничка вредност, антиквитети, накит и луксузни автомобили. Уште повеќе, криминалните групи можат да го оневозможат работењето на продуктивните претпријатија преку стимулирање на стерилни инвестиции со цел да го максимизираат профитот од перењето пари. Таквите претпријатија нема да бидат во можност да одговорат на потребите на потрошувачите и да остварат поголем економски развој.

На тој начин, перењето пари е ставено во функција на порастот на криминалот и корупцијата, а тоа негативно влијае врз трајниот економски раст. Како што финансискиот сектор претставува продолжена рака на стопанството во една национална економија, така и перењето пари претставува продолжена рака на корупцијата и криминалот.

Надворешен сектор. Перењето пари негативно влијае и врз тековите на меѓународната трговија и правците на движење на капиталот. Доколку се изврши анализа на правците на движење на капиталот, а особено финансиските текови поврзани со перењето пари, ќе се забележи дека средствата најчесто се движат од неразвиените земји и земјите во развој кон високо развиените земји. Со оглед на тоа што ваквите текови на капиталот ги исцрпуваат ресурсите на сиромашните земји, перењето пари во глобални размери придонесува за уште побавен економски раст. Отсуството на стратегии и политики за спречување перење пари кај овие земји претставува погодна почва за развој на овој вид криминал. Репутацискиот ризик во тој случај се зголемува, што негативно влијае врз привлекувањето на странски инвестиции. На тој начин, капиталот постојано се одлева преку перењето пари, а нема прилив на свеж и некриминализиран капитал.

Перењето пари негативно влијае и врз надворешно трговската размена на една национална економија. На страната на увозот, криминогените структури ги користат испраните пари за да внесат во земјата луксузни стоки. Тие стоки не генерираат економска активност и нови вработувања во земјата, а во некои случаи можат вештачки да ги намалат и цените на домашниот пазар, што доведува до намалување на продуктивноста на трудот на домашните претпријатија. Нормално, сето тоа има негативни реперкусии врз извозот и приливот на свежи парични средства во таа национална економија.

   д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок