Влатко Ѓорчев пријави недвижнини од половина милион евра и акции во „Стандард и Пурс“ од 275.000 долари
Објавено во: Економија 01 Октомври, 2024
Новиот национален координатор за демографија во Владата, Влатко Ѓорчев, во анкетниот лист што го доставил до Државната комисија за спречување на корупција навел дека поседува недвижнини од половина милион евра и акции во компании од САД.
Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ пријави станбена куќа од 250.000 евра во Бардовци, стан во Кисела Вода со вредност од над 150.000 евра, а од 2022 како подарок добил куќа од околу 40.000 евра и земјиште во трстеник од 53.000 евра.
Некогашниот гласноговорник на својата партија има акции во пет американски и една германска компанија. Најголемиот удел номинално му вреди околу 275.000 долари во фонд на „Стандард и Пурс“ од САД. Останатите удели се со далеку помала вредност.
Од возила, има „фолксваген шаран“ со актуелна вредност од 25.000 евра и „фиат 500“ со моментална проценета вредност од 12.000 евра.
Има шест девизини и трансакциски сметки во земјата и две трансакциски сметки во Хрватска. Во анкетниот лист е наведена дивиденда во износ од околу 2.000 евра. Објавено е името на неговата маркетинг агенција - Г4 Стратегиес анд солутионс.
Платата која ќе ја добива како национален координатор е 112.279 денари нето.