17 Април, 2024
0.0283

ВЛАСТА УПОРНО ГО ТУРКА ЗАКОНОТ - кои се фамозните мега инвеститори

Објавено во: Економија 13 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Владата не се откажува од намерата пред изборите да се изгласа законот со кој ќе привлекува стратешки инвеститори. 

Конечно се открија и условите под кои таа планира да донесе во земјава компании кои тука би вложиле големи суми пари. А како што се гледа од предложеното решение, во игра се и големи државни проекти.

Уште минатата година, пред да се формира техничката Влада, на владина седница беше усвоен Предлог законот за стратешки инвестиции. Фактор уште тогаш од Владата бараше, но не доби повеќе детали за кои конкретно компании ќе се носи овој закон, и кои се бенефициите што ќе им бидат дадени на фирмите, за тие да одлучат тука да инвестираат милионски суми. 

За утре предлог законот е ставен како втора точка на пленарната собраниска седница, а наведено е дека ќе се носи по скратена постапка, и тоа со европско знаменце. 

Поранешниот премиер Зоран Заев, неодамна, на едно телевизиско гостување, објасни дека со овој закон се отвора патот за пет нови, како што ги нарече, мега инвестиции од странски компании. Според него, целта на законот е да се обезбеди брза лента за странските големи инвеститори. Заев откри дека секоја од нив во земјава ќе инвестира по стотина и повеќе милиони евра, што доаѓа благодарение на членството во НАТО.

„Овој закон дава брзи ленти на големите инвестиции, имаме пет - кои би вложиле 100 милиони, 140 милиони, 200 милиони, 240 и 350 милиони евра. Тоа се пет конкретни инвестиции кои се надеваме дека ќе одат по таа брза лента“, рече поранешниот премиер.

НАЈМАЛКУ 50 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ГРАДСКА ОПШТИНА

Од Владата, која е предлагач на законот, навеле дека целта на законот е да се овозможи реализација на големи инвестициски проекти значајни за државата. Тоа што законот ќе се носи по скратена постапка, се правда со фактот дека „не е во прашање сложен и обемен закон“. Од Владата тврдат дека тој е усогласен со европската регулатива. 

„Овој закон има цел да поттикнува, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на земјава, на извозот, како и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните. Тој ќе се заснова на приципите на слободно движење на стоки, услуги и капитал, на слободна конкурентност и еднаков третман, недискриминација и транспарентност“, се вели во законскиот текст.

Владата навела дека како стратешки инвестиционен проект ќе се третира оној со кој „се реализира инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, Градот Скопје и неговите општини, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село“. Како стратешки ќе се сметаат и проектите „реализирани во рамките на договори меѓу држави, потоа оние кои се спроведени и финансирани во соработка со Европската Унија, Министерскиот Совет на енергетска заедница, како и оние со меѓународни финансиски институции, каде носител на инвестицијата е орган на државна управа, јавни претпријатија, како и трговски друштва во сопственост на државата и на општините“. 

Кои услови мора да се исполнат за да се добие статус на стратешки инвестиционен проект?

Прво, тоа мора да бидат проекти од јавен интерес, се вели во предложениот закон. А треба и задолжително да се исполнуваат следниве услови: предложените инвестиции мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите, тие не смеат да бидат спротивни на Уставот, законите и обврските што произлегуваат од меѓународни договори, а мора да бидат и во согласност со стратешките приоритети на Владата.

Такви стратешки проекти ќе има во следниве области: енергетика со инфраструктура, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, како и градење на големи мултифункционални градежни комплекси. 

Како стратешки инвестициски проекти ќе се третираат и оние што не исполнуваат некои од условите, но инвестицијата надминува 150 милиони евра.

И ДОМАШНИ И СТРАНСКИ, И ПРИВАТНИ И ЈАВНИ

Во законот се наведува и дека за сите овие стратешки проекти ќе мора да се применуваат прописите за државна помош, управување со јавните финансии и со јавниот долг. Тоа значи дека ќе биде забрането издавање на државни гаранции спротивно на прописите за јавни финансии и јавен долг. Ако некој проект се прогласи за стратешки, тоа нема веднаш да носи обврска за земјава дека за него мора да се обезбедат државни пари или да се издаде државна гаранција за да се земе кредит за негово финансирање.

Како стратешки инвеститор може да се јави и домашна компанија, но и поддружница на странска. Стратешки инвестиционен проект е приватен, јавно-приватен или целосно јавен проект, кој ги исполнува утврдените критериуми. 

Како ќе се одвива постапката за да се утврди кој ќе добие ваков статус?

Во законот е предвидено дека Владата ќе треба најдоцна до 31 јануари за тековната година да објави јавен повик, а ќе формира и комисија која ќе преговара со стратешкиот инвеститор за условите што тој треба да ги исполни, ќе и дава препораки на Владата, и ќе ги координира државните органи околу потребната документација. Таа има право и да го анализира портфолиото на инвеститорот, како и да побара од него информации за неговата финансиска способност и можноста да генерира доволно пари за финансирање на инвестицијата, неговите финансиски извештаи, управувачката структура, сопствеништвото, позицијата на пазарот, како и претходно искуство поврзано со областа на инвестициите. 

ЈАСНО ДА СЕ КАЖЕ ОД КАДЕ СЕ ПАРИТЕ ЗА ПРОЕКТОТ

Стратешкиот инвеститор ќе мора да приложи инвестициски бизнис план или студија за изводливост на проектот, заедно со анализа на ризици, инвестициски финансиски план, да каже од каде ќе ги обезбеди парите за инвестицијата, ревизорски извештаи, детално портфолио на субјектот што инвестира, доказ за финансиска способност, годишни сметки за последните три финансиски години, банкарска гаранција во висина од три отсто од вредноста на приватната инвестиција, потврда дека инвеститорот ги платил сите доспеани обврски, како и потврда дека не е отворена стечајна или ликвидациона постапка.

Во законот се предвидуваат рокови во кои Комисијата ќе ги прави оценките за стратешките инвеститори, и кога тие ќе треба да ги достават дополнителните барани документи. 

Ако се е во ред, Владата ќе даде согласност за да се склучи договорот за стратешкиот проект. А за секој ваков проект ќе се носи и посебен закон со кој ќе се уредува неговата реализација. За тоа претходно ќе мора да се добие и позитивно мислење од Државното правобранителство. Во тие закони ќе се уредуваат потребните одобранија, дозволи, согласности, лиценци, овластувања, потврди и други документи. Рокот за добивање на одобрение за градба за стратешките инвестициски проекти не смее да биде подолг од 36 месеци.

Владата во законот навела и дека овие постапки ќе се спроведуваат на фер, транспарентен и недискриминаторен начин, со активно учесто на стручната и поширока јавност. Листата на проекти на кои им е доделен статус на стратешки инвестиционен проект ќе се објавува на веб страната на Владата.

Овој закон ќе влезе на сила со денот на објавување во Службен весник.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ММФ: Maкедонија годинава ќе има економски раст од 2,7 отсто

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ПОШТИ СЕ ЗАКАНИЈА СО ШТРАЈК: Доведени се во прашање повеќе од 2.000 работни места

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

ПРЕКУВРЕМЕНА РАБОТА ВО ГЕРМАНИЈА - како се плаќа и оданочува, и колку прекувремени часови смеете да имате

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

Economic Watch: Германскиот добавувач на автомобилски делови со доверба продолжува со инвестициите во Кина

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

„КОГА ИЗЛЕГОВ ОД ‚ЗДРАВЈЕ РАДОВО' ИМАВ ВО ЏЕБ ДВА ДО ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА“ - бизнисменот Јован Дабевски ексклузивно за „Бизнис муабети“ на Фактор

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

ОВА ПРАШАЊЕ СОЗДАВА РАСКОЛ ВО ЕВРОПА: Кој е за, а кој против нуклеарната енергија?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

Која транспортна фирма ќе ги израдува акционерите со 2,3 милиони евра дивиденда?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ИНДИЈЦИ, НЕПАЛЦИ, ФИЛИПИНЦИ РАБОТАТ ВО ЗЕМJAВА: Дали газдите се задоволни од „увезената“ работна сила?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?

ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА: Колку ќе заработи првиот приватен ветерен парк во Македонија?