Владата со одлука: Ќе се ограничи профитната маржа на огревното дрво
Објавено во: Економија 11 Август, 2022
На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за определување највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата за огревно дрво од даб, огревно дрво од бука и пелети за огрев;
Согласно Одлуката највисоката трговска маржа за овие производи за сите трговци се утврдува во висина најмногу до 10 отсто.
„Висината на трговска маржа најмногу до 10% за наведените стоки ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа“, објави Министерството за економија.
Причината за ограничување на трговската маржа е енормно зголемените цени во изминатиот период во трговијата на мало на огревно дрво и пелети за огрев.
Претходно Владата го забрани извозот на огревното дрво и на пелетите.