29 Март, 2024
0.0271

Вистинско толкување на економските варијабли и пораката од пописот

Објавено во: Колумни 13 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Од денешно стојалиште, кога ќе го погледнам датумот на последното објавено писание во „Фактор“, се добива впечатокот на значајна пауза, од речиси еден месец, а во насока на изјаснување на личните ставови во стручната јавност. Имено, за тоа, можам да ги истакнам како виновници, личните тековни обврски кои бележеа силно темпо на активност во стручните предавања, и тоа - пет од пет работни денови во неделата. Оттука, во овој временски интервал, сите, сме сведоци дека се случија значајни настани, кои, за жал, во поголем дел беа неповолни во глобални рамки, додека пак, други, беа темелени на субјективни ставови, јавно искажани на националните телевизии и писанија, на крајот од месец февруари и почетокот на март, а во форма на предвидувања за актуелните состојби. Еве ден денес, еден голем дел од нив се покажаа како точни.

На пример, ставовите во насока на стабилноста на денарот, се покажаа како точни. Понатаму, се сеќавам, на втори март, го цитирав претседателот на САД, Бајден, кога, покрај другите, ја воведуваше и елаборираше пред Конгресот, според мене, една од најважните мерки за економската битка со Русија, од страна на американското министерството за правда. Тука, мислам на острите санкции против руската елита (читај: олигархија) и нивните семејства насекаде во светот. Имено, тогаш Конгресот го одобри формирањето на новата работната група при министерството за правда на САД, за истраги на руските олигарси, а еве денес тоа веќе дејствува насекаде во светот. Тогаш, Бајден рече: „Путин нема поим што му се подготвува“.

Се сеќавам, на втори март, исто така за „Фактор“ анализирав, кога, ретко кој од нашиве економски аналитичари се охрабруваше да излезе во јавност, поточно, некои дури веруваа во паролата „Киев за два дена ќе падне“ дека е најважно за македонската економија, тоа што македонските банки немаат никаква директна поврзаност со руските. Ние, како економија немаме директна изложеност со руската економија. Поточно, македонската економија, во трговијата со Русија и Украина учествува со некои 2 отсто од вкупната трговска размена, за што сведочеја и официјалните податоци на стручната јавност. Исто така, македонската економија има мала финансиска изложеност кон Русија, од каде, има само мал процент странски директни инвестиции (читај: околу 0,5 отсто) во вкупните, како и девизните дознаки се незначителни, само малку над нулата. Но, од друга страна, како што се предвидуваше, дојде до забавување на глобалниот раст, особено на Германија, со која, ние имаме суфицит во трговско-платниот биланс како наш најголем трговски партнер. Практично, тука се проектираат ризиците, кои, можат да доведат до одредени неповолности врз динамиката на раст на македонската економија. Затоа, растот, годинава ќе оди значително надолу во споредба со проекциите од пред воениот конфликт. Во таа насока, охрабруваат состојбите со македонските девизни резерви, кои изнесуваат 3,3 милијарди евра и се двојно поголеми, денес, во споредба со периодот на воениот конфликт од 2001-вата. 

Тука, сакам да го подвлечам доброто позиционирање на македонската држава, која, нема и не смее да има друг избор освен цврсто наметување и позиционирање со сојузниците од НАТО, особено со САД. Имено, таква определба, на долг рок, нема да доведе до пораз во реализација на вековната стратегија за македонската интеграција во ЕУ.   

Како што беше истакнато, на крајот на февруари, оваа година, а еве сега повторно ќе ја искористам приликата за да обележам дека настаните во Украина и кризата со пандемијата, имаат индиректно влијание врз македонската економија. Тоа е факт. Тука, ние граѓаните, треба да сме претпазливи во насока на вистинското толкување и согледување на следниве варијабли, како што се:

-  Македонската економија имастабилно ниво на девизни резерви од3,3 милијарди евра;

-  Девизните резерви покажуваат константен раст, ако се направи анализа наназад во изминативе десеттина години. Тука, особено важна е паралелата со состојбите на девизните резерви во периодот од воениот конфликт во 2001 година, каде тие изнесуваа двојно помалку, а ние, тогаш успешно се справивме со кризата; 

-  ММФ одигра значајна улога во зајакнување на девизната ликвидност, а со тоа и во стабилноста на денарот, преку одобрените специјални права за влечење од ММФ во износ 161 милион евра, а вклучни во девизните резерви;

-  Денарот е стабилен и ќе остане така;

-  Опстојуваат повисоки стапки на инфлација, во споредба со ланските октомвиски проекции на ММФ, кај сите земји од регионот и земјите од еврозоната, како резултат на нарушената понуда и побарувачка на глобалните пазари од кризата со пандемијата, а дополнително засилени со воениот конфликт во Украина; 

-  Банките, во тековната 2022 година покажуваат високо ниво на стабилност, немаат никаква поврзаност со руските баки, како и домашната економија немазависност со руската економија; и

-  Македонската држава имабезбедносно обезбеден простор, преку членството во НАТО.

Стопанството денес - препознавање на трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција

Денес, во услови на совршена конкуренција, дејноста на компаниитене се врзува исклучиво за залихите, туку за нејзината целокупна актива, особено онаа во инвестициите кои се најважни за нејзината успешност и профитабилност во работата. Оттука, најважната активност на компанијата не се парите на жиро сметката, туку довербата на клиентите кон неа. Таа доверба е резултат на долгогодишен труд и совесна работа на вработените.Но, за да се изгради таа доверба, на фирмата ѝ се потребни дополнителни сили, со кои, таа ќе влијае врз клиентите, за тие подоцна да побараат и дополнителни услуги од неа. Тоа е можно само доколку таа ги препознава трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција.

Имено, само на овој начин ќе ја сопреме неповолната тенденција на иселување на граѓаните, особено младите Македонски и Албанци, за кои бројки, сите бевме сведоци во анализите на ДЗС преку промоција на неодамнешните резултати од пописот. Колку и да се мериме едни со други, после 20 години, едно е јасно: сите загубивме многу, а дијаспората не покажа ентузијазам и желба, во поголем број да се евидентира во графата -  Македонци.  

Од ова, сум на мисла дека станува појасна врската помеѓу успешноста на компаниите и развојот на нејзините човечки ресурси, кои, понатаму ќе бидат активни помагачи на целиот економски систем. Но, не само таа врска, туку потребна за успех на економскиот систем, многу повеќе е врската за тоа, како, од една страна претприемачите со нивните компетенции и вештини можат да направат успех со позајмените пари од банката, а од друга страна, спремноста на банката силно да ги антиципира ризиците од таквиот процес. Тоа е формулата за „успех на идните претприемачи. Поточно, таа врска е одржлива со високо ниво на меѓусебно разбирање, дијалог и активна поддршка на едукативна платформа. 

P.S. Најдобро време да се купи една компанија е кога таа е во неволја. Во таа насока, меѓу другото, Ворен Бафет ќе додаде: “Најдоброто нешто што може да ни се случи е кога една голема компанија се впушта во привремени проблеми. Ние сакаме да ги купиме кога тие се на операционата маса.”

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?