(ВИДЕО) ГОРЕШЕ БУГАРСКОТО ЗНАМЕ: МНР најостро го осуди настанот
Објавено во: Македонија 19 Ноември, 2020
Oд Министерството за надворешни работи најостро ја осудија денешната објава на видеото на социјалните мрежи каде се гледа како се пали знамето на Република Бугарија.
Министерството додава и дека на најкатегоричен начин го осудува секој чин на сквернавење на чии било националните симболи, вклучувајќи ги и симболите на соседна Република Бугарија, како и секој друг вид израз на омраза кој не соодветствува со суштинските односи меѓу двете земји.
„По денешната објава на видеото на социјалните мрежи во чија содржина е прикажано како се пали знамето на Република Бугарија, најостро го осудуваме овој чин, како евтин и неуспешен обид да се предизвика омраза меѓу граѓаните во двете држави, како и да се нанесе штета на угледот на Република Македонија“, наведуваат од МНР.
МНР упатува апел до граѓаните да не потпаѓаат на ваквите провокации, чија намена, како што стои во соопштението, е очигледно нечесна и во спротивност со стратешките интереси на државата да ги негува и развива добрите односи со соседите.
На социјалната мрежа Фејсбук, на профил чие име е „ ВМРО YМС Гази Баба “ вчера беше објавено видео на кое се гледа како најверојатно активисти го палат знамето на Република Бугарија.„Одговор за заедничка историја“, пишува во описот на видеото.
Станува збор за шовинистички и удбашки методи кои ги спроведува власта и кој се насочени кон ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Ниту УМС ниту ВМРО-ДПМНЕ стои зад тој фб канал кој патем е формиран пред еден ден и има за намера да го отргне вниманието на јавноста од катастрофата во здравството и политичката криза по добивањето на ветото од источниот сосед.