Уште двајца од „Сопот“ ќе бараат милионска отштета?
Објавено во: Македонија 25 Мај, 2018
Муса Клаиќи и Африм Укшини, двајцата кои околу 15 години се бараа со меѓународна потерница за случајот „Сопот“ се вратиле во земјава откако МВР ја повлече потерата по нив, објави ТВ 21.
Тие со уште двајца други лица беа во бегство, но обвинителството во март го повлече обвинението. Адвокатот Вулнет Пачуку вели дека најверојатно и тие ќе се приклучат на листата со барање за отштета.
„За другите останати четворица на кои им се судеше во отсуство, кога ќе се повлечат потерниците тие ќе можат да дојдат во Македонија и тогаш ќе нè ополномоштат и за нив да поднесеме барање за надомест на штета“, рече адвокатот Вулнет Пачуку.
До Министерството за правда засега за отштета барање поднеле шестмина на кои им се судеше во присуство. Бараат државата да им исплати 150 милиони денари.