Уште 10 пати да добиеме вето, за идентитет не преговараме, тврди Заев
Објавено во: Македонија 28 Јануари, 2021
Може да добиеме уште 100 ултиматуми, уште 10 пати вето и блокада, на овие прашања нема да разговараме, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев вели дека за македонскиот идентитет и јазик ниту се разговарало ниту ќе се преговара.
„Јас очекувам од Бугарија чисто признавање на македонскиот идентитет и јазик. Тврдиме дека членство во ЕУ која не ни признава и прифаќа македонски јазик и идентитет не ни треба. Не веруваме ние во таква ЕУ“, рече Заев.
Од Бугарија продолжуваат напади и изјави со кои се оспорува македонскиот идентитет. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов неодамна изјави дека сме еден народ.