28 Март, 2024
0.0245

Унидас Подемос неочекуван кочничар за влезот на Македонија во НАТО?

Објавено во: Колумни 12 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Изминатиов период во јавноста се создаде погрешен впечаток дека нашето членство во НАТО е сосема извесно и дека само денови се во прашање кога тоа ќе се случи. Сепак ако направиме една подлабинска анализа ќе го увидиме токму спротивното.

И покрај тоа што 28 од вкупно 29 земји-членки на Алијансата веќе го ратификуваа Договорот за пристапување на Македонија во НАТО, процесот нема да биде целосно комплетиран сѐ додека последната земја-членка, Кралството Шпанија, не го заврши својот дел од задачата.

Состојбата во Шпанија не е нималку розова, затоа што новите парламентарни избори не само што не доведоа до излез од политичкиот ќорсокак во земјата, туку и дополнително ја искомплицираа ситуацијата. Шпанскиот парламент остана поделен и тоа далеку повеќе во споредба со минатиот состав.

Згора на тоа, уште позагрижувачка е веста дека лидерот на шпанската владејачка партија Педро Санчез постигна првичен договор за коалиција со Унидас Подемос, радикална левичарска партија добро позната по своите анти-НАТО ставови и залагања за Шпанија да истапи од НАТО сојузот. 

Харизматичниот лидер на Унидас Подемос, Пабло Иглезијас, честопати има јавно изјавено дека НАТО е имеријалистичка творба која го загрозува шпанскиот суверенитет и поради тоа треба да се стави крај на неговото ширење ширум Европа. Следствено на ова, не треба да нѐ изненади ако помеѓу коалиционите партнери во идната влада на Шпанија дојде до несогласување околу тоа дали НАТО треба да се прошири во Македонија. 

Во секој случај, добра околност е што во моментов во Македонија имаме социјалдемократска, односно левичарска владејачка гарнитура, па за очекување е да проработи лоби-врската по идеолошка линија.

Во меѓувреме останува Македонија да го заврши својот дел од задачата, а тоа е Собранието итно да изгласа ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО со одложено дејство, по теркот на Црна Гора, предлог што изворно доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата предвремена ратификација би ни помогнала да избегнеме едно несреќно сценарио во кое Шпанија го ратификува протоколот за прием на Македонија а истовремено нашето Собрание е веќе распуштено и не може да заседава.

За крај, државниот врв треба час поскоро да го пополни испразнетото амбасадорско место во НАТО и да именува нов воен претставник во Северноатлантската алијанса. Ако предходно кохабитацијата со претседателот Ѓорѓе Иванов беше користена како изговор за неназначување на амбасадори и друг вид на македонски претставници во странство, сега веќе не гледам никакво здраворазумно оправдување за тоа.


Пишува: Филип Ивановски

Авторот е магистер по дипломатија при Универзитетот во Торонто. Дипломиран политиколог за меѓународни односи при Универзитетот во Британска Колумбија.


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?