16 Април, 2024
0.0254

Украина решена да го враќа Крим – Македонија ќе и помага

Објавено во: Колумни 30 Август, 2021

Добивај вести на Viber


Украинскиот претседател Владимир Зеленски утре треба да биде во Вашингтон да се сретне со претседателот Џо Бајден. Средбата беше одлагана два пати. Требаше да се одржи на 30, се одложи за 31 август, а сега е најавена за среда 1 септември. Најверојатно и ќе се одржи. Причините, наводно, се настаните со Авганистан и презафатеноста на Бајден со нив.

Како и да е Зеленски во Вашингтон патува по успешниот дипломатски настан од минатиот понеделник. Создавањето на „Кримската платформа“. Станува збор за „меѓународен консултативен и координативен формат со цел за мирно прекинување на времената окупација на полуостровот“. На собирот во Киев учествуваа претставници, претседатели, премиери, министри за надворешни работи, министри и државни секретари или амбасадори на над 40 земји и организации, меѓу кои, најбројни беа поранешните членки на Варшавскиот пакт и држави настанати по распадот на СССР,  и сите членки на НАТО. Од страна на учесниците беше потпишана Декларација. Во неа се осудува руската анексија на полуостровот Крим од 2014 година, и се потврдува дека нема да се менува ставот дека станува збор за најгрубо кршење на меѓународното право.

Желбата на организаторите е да се зголеми притисокот врз Русија да седне и да почне да преговара за Крим, за негово враќање во Украина. Украинците се свесни дека моментно се разговара за Донбас. Има за тоа и „Мински договори“ и “Нормандски формат“, но еве од 2015 година до ден денес не е ништо направено на тој план. А Крим падна во сенка. Па украинската дипломатија од почетокот на годинава се зафати со организирање на „Кримската платформа“. Русија, пак, едноставно не сака да чуе да се зборува за Крим, бидејќи тој сега е субјект во Руската Федерација и дел од уставот. Па затоа разговорот за него, според Русите, би бил како да се разговара за суверенитетот и територијалната целосност на Русија. Крим во составот на Русија влезе по резултатите од референдумот во 2014 година. Запад и Украина не ги признаа резултатите од референдумот и ја обвинија Русија за анексија на полуостровот. Руските власти не еднаш изјавуваа дека референдумот поминал без нарушувања. „Народот на Крим гласаше и донесе решение. Прашањето историски е затворено, изјавуваше претседателот Владимир Путин.

БРОЕЊЕ НАНАЗАД

На Украина и е јасно дека сама не може да води битка со Русија. Дотолку повеќе што многу малку соговорници на руските политичари во разговорите со нив го спомнуваат Крим. Учесниците на собирот во Киев во своите излагања  истакнуваа дека нема да ја остават Украина сама, дека Крим е украински. Дека нема да ја признаат илегалната анексија, за која се плаќа и ќе се плаќа висока цена. Според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, милитаризацијата на Крим од страна на Русија сериозно влијае врз безбедноста во црноморскиот регион. Тој предупреди на хуманитарната ситуација предизвикана од обидот на Русија на сила да го интегрира Крим и на кршење на правата и прогонот на кримските Татари. Речиси сите дискусии беа во овој тон.

Потписниците на Декларацијата ја потврдија намерата„ да продолжат со санкциите кон Русија, како и да воведат нови дополнителни санкции во случај на натамошна агресија од нејзина страна“. За потписниците Русија е окупатор, па во документот  се вели: „ се осудуваат сите злосторства на државата окупатор – Руската Федерација – кршењето на човековите права, насилната милитаризација на Крим, спречувањето на пловењето  по Црно и Азовско море, промена на демографската структура на населението на Автономната република Крим и на други места“.

„Кримската платформа“ треба да основа мрежа за брза комуникација, претставништва во земјите потписнички, а е отворена и за други потписници. Зеленски, цинично, ја покани и Русија да се приклучи кон Платформата. За него почетокот на работата на Платформата е „почеток за броење наназад до враќање на Крим“. Засега се поминати седум години од присоединувањето кон Русија.

ПРИЗНАВАЊЕ НА РЕАЛНОСТА

Во Русија со незадоволство гледаат кон „Кримската платформа“. За Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи таа е „вештачки создадена русофобска акција. Тие ќе се обидат да ги одржат овие чувства за да играат заедно со ултра-радикалните неонацистички манифестации во модерна Украина. Ним им се препуштаат властите во Киев и лидерите на западниот свет. Знаеме за методите што се користат за принудување на сојузниците да се „приклучат“ кон такви бесмислени акции...“ Тој смета дека станува збор за  „бесмислен потфат, кој само ја влошува непотребната тензија таму каде што е неопходно да се признаат постојните реалности. А реалноста е дека Република Крим и градот Севастопол се дел од Руската Федерација во согласност со слободното изразување на волјата на граѓаните што живеат таму“.

Официјалниот претставник на руското МНР, Марија Захарова предупреди дека Русија ќе ја фиксира позицијата на земјите кои ќе учествуваат на средбата во Киев и ќе донесе соодветни заклучоци. Заменикот министер за надворешни работи на Русија Александар Грушко во едно интервју настанот во Киев го оценки како „политички перформанс кој никако нема да влијае врз меѓународно-правната реалност формирана врз слободното изјаснување на граѓаните на Крим. Додека учеството на некои земји од ЕУ на самитот ќе влијае негативно во дијалогот на Русија со нив, а тие земји тоа прекрасно го знаат, смета Грушко.

Во Кремљ самитот го нарекуваат непријателски и антируски настан. Прес секретарот на Владимир Путин, Димитриј Песков ввели дека во Кремљ „Кримската платформа“ ја сметаат антируска иницијатива и дека Рсија нема да ја прифати линијата што се протуркува на форумот во Киев во однос на руските региони.

Првиот човек на Крим, Сергеј Аксјонов, вели дека:„ Единствен практичен резултат од т.н. „Кримска платформа“ е смрдливата експлозија на лаги и русофобија во информативниот простор. Други резултати и не можеше да има од една проста причина: да се разгледува враќањето на Крим под контрола на Киев е исто како прави обид да се врати вчерашниот ден или ланскиот снег...“

НЕРЕАЛНИ НАДЕЖИ

„Кримската платформа“ е сериозна замисла. Колку и да се однесуваат Русите како да не им е сеедно што се раговарало во Киев тие сепак се незадоволни. Министерот Лавров деновиве беше на турнеја во Унгарија, Австрија и Италија, три земји кои беа на самитот во Киев и дискусијата на трите редби не минала со руските забелешки кон „Кримската платформа“ и незадоволството од учеството на тие земји на неа. Димитриј Песков по средбата во Киев изрази незадоволство од учеството на турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу на неа. Нагласувајќи дека меѓу Турција и Русија  постои партнерство, не само на ниво на идеја, туку врз цврсти темели во повеќе области. Но тоа не значи дека тој однос е ослободен од разни несогласувања. Па затоа Русија е подготвена „да им ја објасни на колегите од Турија и други земји вистинската состојба во овој руски регион“.

Што по средбата во Киев? Иако таа беше замислена да биде самит на светски лидери во тоа не се успеа. Имаше десетина претседатели и премиери. САД и Германија во последен момент ги сменија учесниците. Пратија во Киев министри за енергетика. Тие ги прочитаа своите излагања за поддршка на целосноста на Украина, за санкциите се додека Русија не попушти, за тоа дека треба на Русија да и се покаже каде и е местото, но фактот дека се пратени министри за енергетика покажува нешто друго. САД и Германија повеќе се загрижени за спроведување на нивниот договор околу гасоводот “Северен поток – 2“. И најверојатно министерката за енергетика на САД, Џенифер Гренхолм, на своите домаќини им зборувала за она што сака да го чуе претседателот Бајден од Зеленски на нивната средба, но најмалку негативни реакции на американско-германскиот меморандум. Впрочем во таа насока беше и веста од пред два дена дека САД ќе и дадат воена помош на Украина во вредност од 60 милиони долари.

Надежите на Украина или пак на украинскиот министер за надворешни работи, Димитриј Кулеба, дека со „оружјето“ на Махатма Ганди ќе ја остварат целта се нереални.  Барем додека рускиот претседател Владимир Путин е на власт. Или пак се додека не се распадне Руската Федерација, доколку се распадне некогаш, па Украинците некако да го освојат Крим.  Впрочем балтичките земји, кои беа присоединети кон СССР во 1939 година се осамостоија по распадот на СССР во 1991 година. После повеќе од педесет години. САД цело време не го признаваа фактот на присоединување на трите земји кон СССР. Кој знае што се’ ќе се случи по педесет години со Русија, па и со целиот свет. Украинците дотогаш постојано ќе треба да размислуваат за  начините на враќање на Крим, било да се гандиевски или пак, по хрватско сценарио, како што им понуди на домаќините премиерот на Хрватска,Андреј Пленковиќ.

ШТИТЕЊЕ СУВЕРЕНИТЕТ

Учеството на самитот во Киев на сите членки на НАТО зборува за синхронизирана акција. Но претставникот на НАТО, заменикот на генералниот секретар, Мирчеа Џоана, наместо за Крим акцентот го стави на членството на Украина и Грузија во НАТО. Не дека не зборуваше за Крим.  Поздравувајќи ја готовноста на Украина да го решава конфликтот на истокот на земјата по мирен пат, тој нагласи: „Исто така ние го штитиме вашиот суверенитет, вклучувајќи го непризнавањето на нелегитимната анексија на Крим“. После Авганистан НАТО ќе мора дополнително да се провери колку навистина се занимава со штитењето на нечиј суверенитет.

Искуството покажува дека враќањето на територии, територијална целосност и суверенитет, најчесто оди по воен пат, не сметајќи на примерите од распадот на Советскиот Сојуз и Балтичките земји. Некои експерти ги споменуваат примерите за војни меѓу Германија и Франција за Алзас и Лорен, па меѓу Израел и арапските земји за Палестина, па меѓу Германија и Полска...Азербејџан и Ерменија неодамна одново водеа војна, по 30 година од ерменското заземање на Нагорно Карабах. Сега треба да преговараат за траен мир. Треба да дојдат нови Де Гол и Аденауер, нови германски и полски политичари, нови израелски и палестински(арапски) политичари, азербејџански и ерменски политичари, па врз темелите од војните да градат нова иднина... Украинците како за Донбас, така и за Крим треба пред се’ да мислат работите да се решат по мирен пат, како што се предвидува со „Кримската платформа“. А во меѓувреме да дојдат нови украински и руски политичари, кои нема да мислат дека се’ може да се направи со војна. За што, пак, има многу вжештени глави во Украина.

МАКЕДОНСКА ПРИКАЗНА

Во сето ова вмешана е и Македонија. Таа треба да им помогне на Украинците да си го вратат Крим. Како потписници на Декларацијата од самитот во Киев, од страна на министерот Бујар Османи, кој ја претставуваше земјава, иако можеше да се прати и некој државен секретар да ја претставува земјава. Но, најверојатно така одлучила координацијата на државниот врв. Па така нашата земја се согласи дека Русија е окупатор, дека ќе треба да се воведат санкции кон неа, дека ќе има претставништво на Кримската платформа кај нас и дека во целост ќе ја поддржува споменатата декларација...Може да очекуваме наскоро воведување на санкции, бидејќи, ако не се лажам, ние досега немаме воведено санкции кон Русија поврзани со Крим. Нормално по ова ќе следат и контрасанкции од страна на Русија.

Многу умно постапи овде претседателот Стево Пендаровски. Тој, најверојатно, беше поканет да присуствува на самитот во Киев, а и на одбележувањето на 30 години од независноста на Украина. Впрочем и како некои други претседатели кои се одѕваа на поканата за самитот, а беа и на прославата на независноста.. Нашиот претседател одлучи во Киев официјално да биде на прославата на 30 годишнината од независноста на Украина, а на самитот да оди друг. На тој начин е направен мал реверанс кон Русија.  Да не заборавиме дека Пендаровски лани се согласи да присуствува на парадата во Москва по повод 75 годишнината од победата над фашизмот на покана од Русија. На тој начин Русите не ќе можат да му забележат за присуството на воената парада во Киев.  

Не е лесна дипломатијата, особено кога си мал. Иако чешкиот претседател на горниот дом на парламентот, Милош Вистрчил, во Киев, во едно интервју за украински медиум, изјави дека не треба да се има страв од спорење со ЕУ. Лесно е да се зборува така, кога си внатре.

А во среда да видиме што станало на средбата на Зеленски со Бајден во Белиот дом. Како поминала „Кримската платформа“, а како гасоводот „Северен поток – 2“, ако го спомнале. Уште поважно, како и колку САД ќе го штитат суверенитетот на Украина.

Мирче Адамчевски

 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?