18 Април, 2024
0.0256

Украина: Мирот зависи од ситуацијата на бојното поле

Објавено во: Колумни 04 Април, 2022

Добивај вести на Viber

Залагањата за прекин на огнот и зацарување на мирот во Украина не даваат резултат и тешко дека ќе вродат со плод. Во право беше пред некој ден портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Ибрахим Калин, кога рече дека тешко може да се каже датум за средба на претседателите на Русија и на Украина Владимир Путин и Владимир Зеленски. Причината е што ситуацијата постојано се менува. 

За денес е најавена нова видео-рунда на двете преговарачки страни, но не е извесно дали ќе се одржи. Снимките од Буча и препукувањето околу нив, ја зовре ситуацијата. Зеленски во интервју за американската CBS изјави дека станува збор за геноцид, за уништување на цела држава и народ. Реагираа од НАТО, од ЕУ, од ОН со осуди. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека војната мора да заврши и дека ужасно и неприфатливо е да се пука во цивили. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара независна истрага која ќе ги најде виновнииците. Русите пак побараа денес да се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН во врска со „провокацијата на украинската војска и радикалите од Буча“. Руското министерство за одбрана соопшти дека сите руски единици целосно се повлекле од Буча на 30 март. 

Од САД доаѓаат општи фрази во поглед на Буча. Државниот секретар Ентони Блинкен во интервју за CNN, на прашањето за негова реакција и дали гледа докази во снимките за злосторство против човештвото, истакна: „...Ние кажавме пред руската агресија дека мислевме дека најверојатно ќе направат злосторства. По агресијата се огласивме и изјавивме дека веруваме дека руските војници извршиле воени злосторства и работиме на тоа да го документираме за да ги доставиме информациите што ги имаме до надлежните институции и организации кои ќе го откријат сето ова. заедно, и за ова треба да има одговорност. Но, мислам дека најважно е што не можеме да станеме рамнодушни кон ова..“ Значи, „кажавме,  мислевме, најверојатно, верувавме.., работиме тоа да го документираме“, последново е најважно од се’ за судот, да се обезбедат докази за масакрот, со оглед на тоа што низ етерот се води невидена пропагандна војна. Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов,  за „Њусвик“ изјави дека САД молчат за артилериските стрелби врз Буча од страна на украинските сили по повлекување на Русите од градот. „Во САД намерно го премолчуваат фактот дека веднаш по повлекувањето на руските војски Вооружените сили на Украина го подвргнаа под артилериски оган градот. И токму тоа би можело да доведе до загуби меѓу мирното население“, рече Антонов.

УКРАИНСКИ ПРЕДЛОЗИ

Во очекување на резултатите од истрагите јасно е дека ваквите настани и развојот на ситуацијата на бојното поле може многу да ги наруши преговорите и она што веќе е договорено да се промени. Во петокот турскиот претседател истакна дека сака своите напори да ги круниса со состанот на врвот на Русија и Украина. После преговорите во Истамбул станаа јасни украинските предлози. Тие вклучуваат откажување од производство и распоредување на оружје за масовно уништување, како и забрана за распоредување на странски воени бази на украинска територија. Киев откажува од желбата Крим и Севастопол да и се вратат на Украина со сила.

Украина се согласува да го зацврсти својот неутрален и ненуклеарен статус доколку ѝ бидат дадени безбедносни гаранции, кои „по содржина и форма треба да бидат слични на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Вклучува и воена помош и воспоставување зона на забранети летови по тридневни консултации за решавање на проблемот по дипломатски пат. Што се однесува до бројот на земјите-гаранти, Киев смета на постојаните членки на СБ на ОН, како и на Германија, Израел, Италија, Канада, Полска и Турција. Украина бара земјите гаранти не само да не се мешаат во евентуалниот влез на Украина во Европската унија, туку и да и помогнат да го направи тоа „што е можно побрзо“.

Што подразбира неутралноста на Украина? Според членови од украинската делегација тоа значи одбивање да се распоредат странски воени бази и воени контингенти, одбивање приклучување кон воено-политички сојузи, воени вежби на територијата на Украина може да се одржуваат само со согласност на земјите гаранти. Доколку се постигнат конечни договори на високо ниво, ќе се подготви мултилатерална конференција со највисоките претставници на земјите гаранти, на која ќе биде потпишан овој договор.

Ако се успее да се договорат овие клучни одредби за гаранциите, тогаш Украина ќе биде во позиција да ги поправи нејзиниот сегашен статус како неблоковска и ненуклеарна сила со постојана неутралност, велат од преговарачкиот тим на  Украина. Друг член на украинската делегација, советникот на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Михаило Подољак, ги коментираше резултатите од преговорите. Генерално средбата ја оцени позитивно. „Постои шанса за брз крај на војната. Украина предложи одличен договор за безбедносна гаранција заснован на зајакнат член 5 од НАТО. Со специфични механизми за негово спроведување од најсилните армии“, рече Подољак.

КОНКРЕТЕН ПРЕДЛОГ

Тој исто така истакна дека за прашањето за Крим ќе се разговара посебно. „Посебна опција. Билатерални преговори за прашањето на Крим. Без никакви обиди за употреба на воена сила. Ја поправаме сегашната ситуација веќе 15 години. На прашањето кога би можело да се одржи средба меѓу Зеленски и Путин, тој одговори: „Ова е прашање на консултации. Но, акумулираниот пакет документи ни овозможува да ја предвидиме оваа средба. Се’ уште нема конкретен датум“. За Донбас нема ништо. А таму веќе има самопрогласени републики кои сега со Русија водат борба да се прошират на некогашната административна територија.

Украинските предлози руската делегација во пишана форма ги прими во Истамбул. И сега се чека одговор од руска страна. Сигурно е дека ќе се почека, иако денес ќе треба да се преговара. Коментарот на првиот човек на руската комисија за преговори, помошникот на Путин, Владмир Медински е дека Украина станала пореална во приодот за нејзиниот неутрален и ненуклеарен статус. Москва останува на својот став за Крим и Донбас. Медински додава дека нацрт-договорот не е подготвен за состанок на врвот. Од Кремљ исто. Средба на врвот само ако има подготвено конкретен пишан документ. „Претседателот Путин никогаш не одбил (состанок со Зеленски). Тој хипотетички е можен“, рече во едно интервју вчера портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков. А за тоа е потребен „конкретен документ, а не збир од идеи. Тогаш ќе дојде време и за таков состанок“, дадава тој.

Украинскиот претседател Зеленски деновиве имаше интервјуа во кои зборуваше за преговорите со Русија. Тој за CBS рече дека украинската и руската делегација се „многу блиску“  до договор во делот на ненуклеарен, неблоковски и неутрален статус на земјата. Се разбира со членство во ЕУ и гаранции за безбедноста. Но истовремено се пожали дека Украина досега не добила гаранции од никого, па дури и од САД. Во интервју за Fox News во петокот Зеленски објасни дека нема жртвување на територии заради мир. „Украинскиот народ ќе војува против руските окупатори до победа“, изјави Зеленски. Тој објасни дека Украинците не прифаќаат ништо освен победа, но „прашањето е кога се’ ќе заврши“. Претседателот нагласи дека колку повеќе добива руската власт предводена од Путин, „толку повеќе расте нејзиниот апетит“, и ако не се сопре сега агресорот, Путин „ќе ја продолжи својата агресија во Европа“.

ПОДДРШКАТА ОД ЗАПАДОТ

После вакви изјави има ли надеж за успех на мировните преговори? Како што стојат сега работите таа е мала. Еден од главните спонзори на Украина, Британија, е скептик. Лиз Трас, министерката за надворешни работи сака прво Путин да престане да води војна во Украина, да ги повлече војските, па преговорите да се сфатат сериозно. Неа изгледа и е јасно дека такво нешто не е можно. Па затоа вели дека: „Ако не се увериме дека Владимир Путин губи во Украина, голема е веројатноста дека тој ќе посакат да оди понатаму. Мораме да го сопреме по секоја цена“. А за неа секоја цена е испраќањето на ново оружје за противвоздушна одбрана Украина. Исто и Американците и други членки од Алијансата. А Зеленски се надева дека на тој начин одлуките околу нејзината безбедност ќе бидат во интерес на Украина, а за тоа е потребно време. „Нашата војска ни дава време...“, вели Зеленски.

Очигледно, Зеленски се чувствува уверен во способноста Украина да продолжи со отпорот. Ако ја губеше војната скандално, тогаш сигурно ќе немаше пазарење околу условите на преговорите. Вака, Украинците сметаат дека имаат сила да го продолжат отпорот, да почнат контраофанзива или можеби мислат дека руската инвазија спласнува. Секако во тоа тие ја имаат и ја чувствуваат главно поддршката на Западот. Можеби тоа е и она што им дава самодоверба. Особено современото оружје, неколку годишните подготовки од американски, британски и други инструктори, но и  моќната  поддршка со санкции против Русија. Западот повеќе не поставува никакви граници во овој случај и е подготвен да оди до крај. Постојано најавува и воведува нови санкции кон Русија. Иако и тој, исто така,  плаќа висока цена за тоа. Санкциите се навистина без преседан, некој ги нарече  дека се веќе на ниво на Иран и Северна Кореја, а со оглед на размерите на руската економија, тие дури и го надминуваат ова ниво на некој начин. Но и како бумеранг се враќаат, па веќе, тие што ги воведоа како да се пишманат. Американците дури ги укинаа санкциите за вештачки ѓубрива. Па сега Русија и Белорусија ќе остваруваат девизни приливи и од нив. Но, најавија дека, пред се’, ѓубривата ќе ги испорачуваат во земји кои не се на списокот на „недругарски“ држави. Испораките на нафта и гас одат како никогаш досега. Во Украина се пука, се шири пламен, но гасоводот е полн сто проценти. Интересот економски е посилен од војната. Паниката околу рубљовското плаќање стивнува. Но не е одмината, особено со најавите дека тоа ќе важи и за други производи.

Зеленски ќе продолжи да се спротивставува. Тој мора да се спротивставува. Охрабрен е и со дела и со зборови.Не мирува. Постојано е во некакви контакти. Георгиј Бовт, политолог, ќе напише, „ Западниот свет со ентузијазам ја следи смртоносната битка меѓу двата словенски народи и против еден од овие народи го воведува она што, очигледно, долго време го акумулирал. Не само во последниве години, туку и во последниве векови“.

МРАЧНА ИСТОРИЈА

Пред извесно реме еден мој млад пријател ми прати текст од Џон Миршајмер, политологот, кој во едно интервју на 2 март годинава ги обвини САД за сегашната војна во Украина. Текстот од Миршајмер е од 1993 година и во него станува збор за најавеното откажување на Украина од атомското оружје. Миршајмер смета дека таа не требала да се откаже од него, а за виновник за откажувањето ја смета политиката на САД. Нормално Миршајмер во текстот се бави и со односите на Русија и Украина во светлото на иднината на тоа оружје во Украина.

Па ќе напише: „И покрај некои прашања, односите меѓу Русија и Украина генерално останаа стабилни по распадот на СССР. Сепак, постојат добри причини да се плашиме дека овие односи може да се влошат. Прво, ситуацијата меѓу Украина и Русија е зрела за почеток на натпревар меѓу нив во областа на безбедноста. Големите сили кои делат долга и небранета заедничка граница, како онаа меѓу Русија и Украина, честопати влегуваат во конкуренција водена од стравот од безбедноста. Русија и Украина би можеле да ја надминат оваа динамика и да научат да живеат заедно во хармонија, но би било невообичаено ако го сторат тоа“.

Второ, пишува Миршајмер, „постои опасност од хипернационализам, верување дека другите нации или национални држави се инфериорни и заканувачки и затоа мора да се води жестока борба. Изразувањето на рускиот и украинскиот национализам од распадот на Советскиот Сојуз во голема мера беа добронамерни, со малку надворешно прикажување на заедничка омраза од двете страни. Сепак, Русите и Украинците не се сакаат и не веруваат едни на други. Мрачната историја што поминала меѓу овие два народи обезбедува експлозивен материјал што може да разгори конфликт меѓу нив. Русија доминираше со неподготвената и лута Украина повеќе од два века и се обидуваше да го потисне чувството за украински идентитет. Неодамнешната историја е сведок на најголемите ужаси во оваа врска: владата на Сталин масакрираше неверојатни 12 милиони Украинци во текот на 1930-тите. а најголем дел од убиствата ги извршиле Руси. Затоа, Украинците се принудени да им префрлат голема вина на Русите за нивното огромно страдање под болшевизмот. Наспроти оваа експлозивна психолошка позадина, малите несогласувања можат да предизвикаат хипернационализам на двете страни“.

ВО ПРЕСРЕТ НА РУСИТЕ

Трето, според Миршајмер се: „неколку спорови кои се на повидок: сопственоста на Црноморската флота, контрола на Крим, сопственост на нуклеарниот арсенал на Украина и мноштво економски проблеми поврзани со распадот на Советскиот Сојуз. Покрај тоа, многу Руси би ја смениле сегашната граница со Украина, а некои дури и би ја отфрлиле идејата за независна Украина. Високи руски функционери, на пример, неодамна ја опишаа независноста на Украина како „преоден“ феномен и ги предупредија другите европски влади да не отвораат амбасади во Киев, бидејќи тие наскоро ќе бидат намалени на конзуларни оддели подредени на нивните амбасади во Москва“. Четврто, според Миршајмер е:„проблемот со мешано население. Приближно 11,5 милиони Руси живеат во Украина (што е 22% од населението на Украина), а приближно 4 до 5 милиони Украинци живеат во Русија. Лошото постапување со кое било малцинство од локалното мнозинство може да доведе до криза“.

И така бидна. Во 2014 година после Мајдан револуцијата, потпомоната од САД, прва работа на „револуционерите“ во парламентот беше рускиот јазик да го изгуби својот државен статус. Екстремистите ширум Украина почна да воспоставуваат „украински поредок“. Тоа беше искрата и почнаа немирите на југот и на истокот на земјата и создавањето на две самопрогласени републики. 14 илјади Руси, рускојазично население и Украинци во изминатите осум години, ги загубија животите во тој дел од Украина.  Сегашните жртви ќе се бројат по постигнувањето мир, ако се постигне.

Предупредувањето дека „лошото постапување со кое било малцинство од локалното мнозинство може да доведе до криза“ го осетивме и ние во Македонија. Миршајмер за сегашната војна вели: „ Стратешки мудра стратегија за Украина е да ги прекине нејзините блиски односи со Западот, особено со САД, и да се обиде да оди во пресрет на Русите и да ги надмине разногласијата со нив. Доколку немаше одлука за проширување на НАТО на исток и да ја вклучи Украина во својот состав, Крим и Донбас денеска ќе беа дел од Украина, а на нејзина територија немаше да се изврши воена специјална операција“. А на забелешката и прашањето дека „сега овој совет изгледа малку чуден. Дали Украина сè уште има време, и покрај тоа што се случува во оваа земја, некако да ја смири Русија? Миршајмер одговара:„Според мене, постои голема веројатност дека Украинците ќе успеат да изработат некој начин да коегзистираат со Русите“. Само да не се потврди Ибрахим Калин, дека ситуацијата премногу се менува.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок