19 Март, 2024
0.0257

Украина: Мир сега или оставање долг на идните генерации

Објавено во: Колумни 28 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

Како што се развиваат работите во Украина и појавата на противници од украинската политичка и медиумска елита на политиката на претседателот Владимир Зеленски,  наредниов период ќе бидеме сведоци на нови битки, најмногу политички. Сите тие ќе бидат дел од долгата борба на таа држава да си го врати суверенитетот и територијалниот интегритет. Борба долга со години. Борба која ќе ја води не една генерација. Тоа е едно сценарио и најреално. Зашто Зеленски се’ уште има страв од политичките елити, без оглед на фактот дека во една анкета во декември над 70 проценти од испитаниците сметаа дека заради мир на Донбас треба да се оди на компромис со Русија и водачите на самопрогласените републики.

Но, ако во меѓувреме главните светски играчи, не Русија, ја убедат Украина дека за нејзино добро е да се најде некакво решение за Донбас и Крим, тогаш настапува второто сценарио. Нешто како кај нас на Балканот. Американците да почнат да ја диригираат во целост украинската политика. И дома и надвор. И во моментот кога ќе им треба да ги решат односите со Русија, во зависност од нивниот интерес, тогаш Украина да биде послушната.

Претседателот на Украина Владимир Зеленски , на чело на државата дојде на бранот ветувања дека ќе го врати мирот во земјата. И води умерена политика на дијалог со Русија, преку посредници, во рамките на „Нормандската четворка“. Тој и ден денес се залага за таков приод кон решавањето на проблемите во земјата. Но има политичари, не станува збор за екстремните, кои сметаат дека таквиот приод е минато. Според некои од нив кон Русија треба да се има однос, на пример, како што сега тоа го прави Ердоган во Сирија. Или пак постојано да се нагласува дека Русија е агресор. Зеленски не може да се спротивстави на некои критики на неговата надворешна политика, па да им удоволи на критичарите неодамна беше усвоен Ден на отпорот против окупацијата на Крим и Севастопољ. Ова наидува на одобрување кај антируската украинска елита. Со право бидејќи ваквите приоди секако нема многу да ги милуваат во Кремљ.

Притисокот врз Зеленски за поостар приод кон Русија не е од вчера. Некои зборуваат за „хрватско сценарио“ за решавање на конфликтот. А забораваат дека од другата страна не е Србија на Милошевиќ, туку е Русија.  Му забележуваат на Зеленски дека малку го споменува Крим. На забелешката дека Крим не може да се врати на меѓународен суд, тие велат дека Кипарското прашање не е решено од 1974 година. Значи може да се чека. Некои политичари бараат чиновниците во јавните настапи да не избегнуваат да зборуваат за руската агресија, да не избегнуваат да споменуваат се’ околу конфликтот,  да не се стремат да го намалат негативот кон Русија на информативен план. Сето ова да се прави зашто странските партнери нема да разберат дека има агресија, дека се води хибридна војна кон Украина, ако самите Украинци не зборуваат за тоа. Тие политичари велат дека настапила „нова ера“ за односите кон Русија. И дека не може да се работи како досега.

Сето ова е добро, партнерите од западот постојано да се потсетуваат за се’ што се случува на Украина. Но се заборава дека тоа не е доволно да се води политика. Се заборава дека од спротива има друг кој што исто така има свои интереси во конфликтот. Еден поранешен украински политичар од врвот на власта неодамна изјави дека на Русија не и објавиле војна затоа што немале нуклеарно оружје. Веќе ова зборува за подреденоста на земјата во преговорите. Историјата покажува, тоа го осетивме на наша кожа со Грција, дека во конфликтот меѓу поголемиот и помалиот, посилниот и послабиот, времето работи за поголемиот, односно за посилниот. И проблемите треба да се решаваат што побрзо. Што повеќе се одлага решението тоа ќе биде полошо за послабиот.

Двајца  поранешни американски амбасадори во Украина за разлика од украинските политичари го поддржуваат приодот на Зеленски во односите со Русија и во неговата досегашна работа. Џон Хербст во интервју за еден украински портал истакна дека Зеленски колку и да е неговиот приод во водењето преговори со Кремљ наивен, тој успева да ги фиксира кремљовските провокации, потоа помина низ многу тешката ситуација со импичментот во САД и успешно ги заштити интересите на Украина во Париз на средбата на „Нормандската четворка“. И Стивен Пајфер го одбележува настапот на Зеленски на преговорите во Париз, кога многумина се сомневаа како ќе помине на нив кога за соговорници ги има Емануел Макрон, Ангела Меркел и Владимир Путин. И двајцата амбасадори ги одбележуваат мерките на Зеленски на внатрешен план во поглед на реформите во државата. За да заклучат дека тој се покажал подобар отколку што очекувале. Потврда за тоа е и поддршката од населението на Украина.

Курт Вокер, до пред некој месец, до почетокот на постапката за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп, кога сведочеше во Конгресот, беше специјален американски претставник во Украина. И тој го зема во заштита Зеленски. За обвинувањето дека претседателот не ја нарекувал Русија агресор, во едно интервју, Вокер вели дека треба да се води сметка за текот на меѓународните преговори. На тој план стратегијата на Зеленски, за него, е многу разумна. На светот треба да му се покаже дека Украина е за решавање на конфликтот, дека сака мир , дека е подготвена за преговори, за компромис, за средби, за проактивно дејствување. На тој начин нема да има обвинувања на нејзина адреса. Дотолку повеќе што во некои држави од Западна Европа има тенденции да се обвинува Украина ,а не Русија. Вокер смета дека руската стратегија, на Путин, за Донбас е битката за тие територии да трае што подолго и дека нема намера од нив да замине во блиска иднина. „Затоа сега на Украина и е важно јасно да се позиционира во конфликтот со Русија. Вие треба да спречите нова агресија, да го сочувате притисокот врз Русија и во исто време да ја развивате Украина како современа демократска држава“ вели Вокер.

Од искажувањето на Вокер како да произлегува американската стратегија за Украина. Американците во изминатите години , со залагање и на Вокер, се вклучија на воен план, па обучуваат украински војници, подаруваат и продаваат летално оруже и воена опрема на Украина. Но од друга страна Вокер  зборува за компромис, за спречување агресија, за стратегија на Путин за долгорочно останување на Донбас. Како да потскажува во која насока треба да оди политиката на Украина кон Русија. Тој забележува дека поради импичментот на Трамп САД изгубиле драгоцено време во соработката со Украина, но се надева дека тоа ќе биде надоместено и дека некаде по изборите во ноември годинава, ќе биде назначен нов специјален пратеник на САД за Украина. И претседателот Трамп пред заминувањето за Индија, минатата недела, изјави дека се надева дека ќе се подобрат односите меѓу Москва и Киев, дека би сакал Русија и Украина да се помират. И дека „тоа би било значајно за цел свет“.  Ако се оди од ставовите на Трамп и Путин дека во нивната надворешна политика се водат од интересите на сопствените држави, тогаш развој на настаните околу Украина, според посакуваното Трампово сценарио ќе биде можен, кога ќе се задоволат интересите на САД и Русија.

И додека противниците на Зеленски од украинската елита се залагаат за глаголива варијанта во решавање на судирот, тоа значи оставање на идните генерации него да го решат. Самиот Зеленски како да е за варијантата на постепено враќање на суверенитетот и територијалниот интегритет. Основа за ова би биле „Минските договори“. Но, изминаа пет години од нивното потпишување, а работите како да стојат во место. Русија е за доследно спроведување, а Украина се противи и одолговлекува. Во договорите има болни одлуки за Украина, но тие се потпишани од претходниот претседател Петар Порошенко, кој се согласил со нив. Зеленски сега сака промени во договорите, но тоа тешко ќе се оствари. Русија не сака да чуе за такво нешто. Другите двајца партнери во „Нормандската четворка“ која треба да го гледа спроведувањето на договорите, канцеларката Меркел и претседателот Макрон, на последната средба во Париз се’ уште ја поддржаа Украина, но како минува времето поддршката може да се намали, ако не се спроведува договореното во Париз. А не е докрај спроведено.

Во Украина има заговарања да се напушти „Нормандскиот формат“ и работите да се префрлат на оската САД-Русија-Украина. Но ова не го сака Русија, како што не сака Американците да се вклучат ни во „Нормандскиот формат“. Тоа би било и знак за Германија и Франција дека не се добредојдени.  Во таков случај Русија би добила адути Европа да почне да размислува за симнување на санкциите.  А Киев не може да добие помош од западноевропските посредници кои се за брзо решавање и не се задоволни од бавноста на процесот. Некои западни земји, а пред се Франција, сакаат да ги подобрат односите со Русија. Тие нема да притискаат врз Москва за компромиси. Поверојатно, тие би сметале дека Украина е таа која не е за компромиси и најголема пречка на патот кон мирот. Па ќе почнат да притискаат врз неа.

Во сето ова посебна светлина фрла еден настан на Минхенската конференција за безбедност што се одржа во средината на месецов.  На сајтот на конференцијата беше објавен документ на две страни озаглавен како „12 чекори кон поголема безбедност во Украина и во Евроатлантскиот регион“.  Овој документ одекна во Минхен, па предизвика реакција на украинските политичари, и поддржувачите на Киев од Запад, па беше симнат од сајтот, па повторно се појави,  со мали промени во англиската, а непроменет во германската верзија. Документот беше сфатен во најмала рака како руска специјална операција. Но интересно е што и Москва не се согласува со содржината на документот.

Меѓу 46 потписници на документот се експерти, бивши дипломати, воени лица, чиновници од САД, Русија, ЕУ. Меѓу нив претседателот на Минхенската конференција Волфганг Ишингер, генералот, Флип Бридлав, поранешен командант н Европската команда на САД и главен командант на НАТО силите, Вилијан Брнс од Карнеги фондацијата, Игор Иванов, поранешен руски министер за надворешни работи.., украински експерти, Александар Хуг, од раководството на Мисијата за мониторинг на ОБСЕ во Украина...Луѓето што го потпишаа документот сметаат дека реализацијата на нивните предлози ќе помогне да се најде излез од украинскиот ќорсокак.

Во документот се вели дека „конфликтот во Украина и околу неа е трагедија за сите кои ги зафатила таа криза“. „Тој е постојана закана за стабилноста во Евроатлантскиот регион и поврзан со катастрофални грешки во прифаќањето на Решенија“, сметаат потписниците. За нив клучен услов за излез од кризата е политичко решение, за прекинување на воените дејства на Донбас, создавање услови за конструктивен дијалог на Украина и Русија за широк круг прашања, вклучувајќи и проблеми поврзани со Крим и зацврстување на евроатланстакс безбедност. Па се споменуваат 12 чекори за надминување на состојбите.

Накратко, има многу внимателни чекори за деескалација во триаголникот Украина-Русија-Европа. Во прв ред прекинување на огнот, па механизми за обнова на Донбас со учество и на Русија, патна карта за симнување на санкциите од Русија и точка со која се предвидува решение на спорните прашања во хуманитарната и историската сфера во Украина со учество на соседните земји. Се разбира со нов национален дијалог во Украина со проблемите на идентитетот. Одговорот на Украина на овој документ беше категорично - не. Од Атлантскиот совет подготвија свое соопштение потпишано од дваесетина експерти, бивши дипломати и воени лица како контра реакција. Тие бараат во него да се спомене Русија како иницијатор на конфликтот. Дека е анектиран Крим, дека Москва почнала хибридна војна на Донбас...

Сето ова зборува дека околу Украина допрва ќе се водат политички игри. И внатре и надвор од неа. Решенијата ќе бидат неизвесни. На пример, спомнувањето на идентитетот и водењето на дијалог за него. Не ве потсетува тоа на Македонија. Кога еден поранешен претседател организираше конференции за македонскиот идентитет. Времето ќе покаже дали тие конференции биле негова идеја или пак наметнати од странците. Оттогаш наваму на тој план одевме само надолу. Епилогот го знаеме. Па така и на Украина нема да и цветаат рози на патот до воспоставувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет. Ако не ја споменеме Русија, тука е Унгарија со блокадите поради унгарското малцинство и јазикот. А има и други соседи кои засега не сакаат да креваат многу врева, но нема да се откажат ако дојде време за тоа. На пример Полска. Украина допрва ќе треба да го минува нашиот пат. По кое сценарио самата ќе одлучи.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?