28 Март, 2024
0.0579

Украина: Комедијантот засега подобар од претседателот

Објавено во: Колумни 05 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Украина е на прагот на промена која земјата би ја водела кон подобро. По првиот изборен круг за нов претседател на државата во вториот круг влегоа комедијантот Владимир Зеленски и сегашниот претседател Петар Порошенко. Шоуменот Зеленски освои околу 31 процент од гласовите на избирачите, додека Порошенко помалку од 16 проценти. На 21 месецов треба да се одржи вториот круг.

Победата на Зеленски не е изненадување бидејќи тој беше лидер и во анкетите пред првиот круг на изборите. Во истите анкети тој беше нагласуван како победник и во вториот круг на изборите доколку негов противник биде Порошенко. И првите сегашни анкети  направени врз 15.179 испитаници покажуваат дека 49 проценти од нив би го дале гласот за Зеленски, додека за Порошенко се подготвени да гласаат само 19,8 проценти.

Доколку Зеленски победи тогаш во Украина ќе се стави крај на владеењето на политичко-олигархиските спреги. И ќе се даде можност за градење на нова иднина со поглед кон Европа. Реален, а не само привиден поглед, колку да се задоволат нечии барања од надвор, а всушност се' да се прави од интерес на олигархиската и политичката елита. И двете заглавени до гуша во корупција.

Победата на Зеленски во првиот круг не значи дека нему ќе му биде лесно во вториот. Порошенко зад себе ја има административната поддршка. Ги цеди максимално административните ресурси. Тој е поддржан од Запад многу повеќе отколку Зеленски. Деновиве од неговиот кабинет соопштије дека му се јавила канцеларката Ангела Меркел да му честита влегување во вториот круг(!). Со реакција се јавија и германските партии кои ја поддржуваат Меркел, ЦДУ и ЦСУ, со забелешки на квалитетите на Зеленски, што меѓу редови значеше поддршка на Порошенко. Но од другата страна на Атлантикот засега молк. Доналд Трамп, американскиот претседател, се’ уште не твитнал во знак на поддршка. Иако од Стејт департментот пред изборите се даваше поголема поддршка на Порошенко. Белиот дом молчи. Барем засега. Можеби Трамп е лут поради улогата на Украина во истрагата на „руската врска“ во која настрада Пол Манафорт, првиот шеф на изборниот штаб на Трамп. И не поради „руска врска“. Туку криминал направен во Украина и дома. Трамп во 2017 година твитна дека Украина тајно и помагала на Хилари Клинтон  за време на предизборната кампања во 2016 година. Но и покрај тоа тој не се откажува од поддршката на Украина од страна на САД преку санкции против Русија, но и продажба и подарување на оружје и опрема за украинската војска. И најверојатно ваквиот негов однос кон Украина ќе продолжи и во случај Зеленски да биде новиот претседател.

Западот е многу загрижен за тоа, дали и колку Зеленски е подготвен да и се спротивстави на Русија. Тој во предизборието не беше воинствено настроен кон Русија за разлика од Порошенко. Зеленски дури изјави дека би преговарал со Путин. Деновиве тој истакна дека негова прва работа ќе биде воспоставување мир на истокот на земјата. Секако тој не го признава Крим за руски и би ги продолжил напорите за пат кон ЕУ. Но тоа на Западот како да му е малку. Па со загриженост забележува дали комедијантот ќе може да се спротивстави на Русија и да го продолжи патот кон европските интеграции. Тој никогаш немал државни функции, не е јасен кој и колкумина ќе бидат во неговиот тим доколку победи,  кого би го подржал за премиер...  

За разлика од него, Порошенко кој првите години на власт не работеше ништо во полза на државата, а потоа се заврти кон изградба на армијата, кон ограничувањето на јазиците на малцинствата во Украина и кон автокефалноста на Украинската црква, имаше голема поддршка од Западот. Неговото мото беше: „Армија.Јазик.Томос“. Кога дојде на власт Порошенко беше поддржан од политичко-олигархиските елити. Но тој консензус се распадна на спротивставени страни. Па олигархот Игор Коломојски влезе во отворена „војна“ со олигархот-претседател Порошенко. Овај му ја национализираше банката на Коломојски. Интересите на партиите и олигарсите во власта доминираа. И се случи „заробената држава“.

Исто како што беше и кај нас во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Исто како што може да се случи и сега. Наместо да се искористи енергијата на граѓанската „шарена револуција“ за реформи во општеството, може повторно да дојде до коруптивно-коруптивно партнерство, коалиција, и одново да бидеме „земја во вечна транзиција“, наместо да ставиме крај на тоа и да почнеме конкретни преговори со ЕУ. Влегувањето во таа замка е опасно, зашто главни добитници од тоа одново ќе бидат корумпираните елити, а државата ќе се врати во периодот пред „шарената револуција“. А не се знае ништо, може да се случи одново да зборуваме за држава грабната од политичко-олигархиските елити.

Е токму „заробената држава“ му го урна рејтингот на Порошенко. Тој дојде по бегството на Виктор Јанукович, токму да ги реши проблемите кои предизвикуваа незадоволство кај Украинците, но не го правеше тоа. Меѓутоа, тоа не му сметаше на Западот да го подржува. И доби задача и поддршка од САД и Германија, пред се, да се оддалечи од Русија и да спроведува реформи во државата. Затоа и сега Западот кога би бирал меѓу две зла „најмало зло би бил Порошенко. Ако се разгледува кандидатурата на комичарот, тогаш никој не знае, кој навистина стои зад него и какви се неговите намери“, напиша деновиве „Вол стрит џорнал“, повикувајќи се висок претставник на ЕУ.

Официјална Москва при сето ова се држи настрана. „Руското МНР не претпочита ниту еден од кандидатите за претседател“, изјави вчера Марија Захарова портпаролката на министерството за радиото „Московско ехо“, одговарајќи на прашање дали Русија е заинтересирана за некој од конкретните кандидати за претседател на Украина. „Надвор од правните рамки е да се зборува дали има или нема таков кандидат. А освен тоа ситуацијата во Украина е толку сложена, што кои било коментари, кои би можеле да се искористат, во тие рамки во провокациони цели, едноставно можат да ја доведат до експлозија таа ситуација“, изјави Захарова. Таа нагласи дека руското МНР е заинтересирано, не за определување на фаворитот во претседателската трка, туку за тоа „внатре во украинската држава да се појави човек кој ќе може да го консолидира украинското општество„. „Но тоа е избор на украинскиот народ. Тоа е прашање на украинските граѓани, кои себе си избираат си претседател“, прецизираше Захарова, додавајќи  дека „тоа не е претседател за Русија, туку за Украина“. Коментарите за изборниот процес во Украина може да се очекуваат по завршувањето на вториот круг од изборите.

Инаку во Москва надвор од официјалните претставништва, како да владее навивачки дух за Зеленски. Особено поради фактот што тој даде некои изјави кои би навестувале некаков украинско-руски дијалог. Се разбира тој не би донел некои нагли промени и резултати кои би ги очекувале двете страни. Но самата подготвеност за дијалог значи нешто. Овде треба да се спомене дека и во 2016 година за време на американските претседателски избори Русите како да навива за Трамп. Ама многумина во Москва, иако официјално тоа не го признаваат како да се пишман што не навивале за Хилари Клинтон. Денес Трамп со право твитнува дека е најлошиот претседател во поглед на Москва. Дека е построг кон неа и од Претставничкиот дом. Ова е факт. Денес американско-руските односи се полоши и од времето кога во САД претседателствуваше Барак Обама.

И додека Западот и Русија ги анализираат претпоставките што би било кога би победил во Украина овој или оној, во самата држава пред вториот круг на изборите почна да се води војна со провокации, која не е чудо да прерасне и во нешто повеќе од тоа. Најнапред Порошенко го повика Зеленски на дебата. Овој пак побара Порошенко да се извини за некои искажувања во предизборието, кога беше нарекуван “кловн“ „марионетка на Кремљ“ и сл. А потоа и дебата која би се водела на националниот олимписки стадион пред десетици илјади гледачи. Дебата пред народот. Од штабот на Порошенко, најнапред одбија, но подоцна тој лично се согласи на таков вид дебата. Меѓу експертите постои мислење дека во политичките дебати поискусен е Порошенко и токму затоа тој инсистира на нив, а и прифаќа дебата на стадион. Зеленски како одговор ја повика Јулија Тимошенко да биде арбитер во дебатата. Зеленски бара задолжителен медицински преглед на кандидатите, да се провери дали меѓу нив има наркомани или алкохоличари. Ова последново се однесува на Порошенко, кого во јавноста го сметаат дека понекогаш претерува со алкохолот. Порошенко се согласи и на ова барање. Но Зеленски бара медицинската експертиза да помине во независни медицински установи, а не во државните, бидејќи тие ќе навиваат за Порошенко. Од штабот на последниов исто така побараа извинување од страна на Зеленски за разни работи. На пример затоа што „томосот“ го нарекол „термос“.  Порошенко сега се осили и му вели на Зеленски:„ Не барајте причини и не поставувајте услови. Не се плашите. Дебатите не се ништо страшно. Тоа е нормална политичка традиција“. Излегува Порошенко моли дебата, а Зеленски си игра мајтап со него.

Веројатно мајтапот на Зеленски доаѓа од фактот што со закон во Украина телевизиските дебати меѓу кандидатите за претседател се организираат со државни пари и во Јавниот сервис – Националната општествена теле-радио компанија. Тоа го соопшти и Централната изборна комисија. Дебатата, според законот, се одржува последниот петок, пред денот на гласање, меѓу 19 и 22 часот со директен пренос. Дебатата не смее да трае подолго од 60 минути. ЦИК исто така соопшти дека кандидатите можат со свои пари да спроведуваат агитација и на друг начин. На стадион, на пример, но за свои средства. Од штабот на Порошенко изјавија дека имаат легални пари за такво нешто, но прашуваат од каде ќе најде пари Зеленски и како ќе ги декларира?

Сето ова е загревање пред активната кампања за вториот круг на изборите. Како што почнало ќе биде интересно. Но едно е јасно. Шансите на Владимир Зеленски се многу поголеми од оние на Порошенко. Треба да се случи вистинско чудо досегашниот претседател да добие уште еден мандат. А чудо би било, така велат некои аналитичари, да се почне со воени дејства или пак Порошенко да му плати стотици милиони, долари се разбира, на Зеленски да изгуби...Но што ќе каже Коломојски, кој активно го поддржува комедијантот. Тој бара посреден реванш со оној кој му го оштети „бизнисот“ во висина од милијарди долари. На 21 април била еврејската Пасха, па некои сметаат дека помалку народ ќе оди на избори, што е во полза на Порошенко. Затоа и најавите од штабот на Зеленски дека тие нема да се олабават и ќе агитират за уште поголема излезност од онаа во првиот круг, која беше малку над 63 проценти.

Дотогаш ние овде ќе бидеме сведоци на кампањите на нашите претседателски кандидати. А како тргнале се чинат подосадни од Украинциве. Се до денот на гласање.


Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?