19 Април, 2024
0.0274

Украина: Комедијантот претседател го менува рувото

Објавено во: Колумни 15 Февруари, 2021

Добивај вести на Viber

Тоа е власта. Ќе ја земеш во раце со ветување дека ќе ја решиш војната, дека ќе престанат пукањата, дека ќе ја победиш корупцијата и по две години – оп, нови изјави, особено кога ти е разнишана претседателската фотелја. Комедијантот претседател на Украина, Владимир Зеленски, ја губи популарноста. Бројките се немилосрдни. Расте разочарувањето од претседателот. Тој може лесно да ја загуби власта, ако продолжи сегашниот тренд.

„Слугата на народот“ од истоимената серија, кој успеа да стане „слуга“ и во стварноста, гледа дека едно е да седиш во студио и да кажуваш што би направил во слугувањето на народот. Но кога ќе дојдеш на власт, тогаш работите  не одат како по однапред напишаното сценарио. Зеленски ветуваше мир во Украина, обединување на земјата...А сега го менува рувото. Националист го викаат едни, патриот други. Национал-патриот беше неговиот претходник Петар Порошенко во последниот чин од неговото владеење со Украина. Кога под мотото „Армија. Јазик. вера“, се обидуваше да добие уште еден претседателски мандат. Од сето најавено, армијата ја крена на некое повисоко, но се’ уште неодредено ниво, од причина што тоа беше следено со корупциони скандали. Потоа донесе закон за јазици, кој до денес и создава проблеми на Украина. Конечно, земјата доби автокефална црква, но црковното неединство остана.

Сега, Зеленски влече потези со кои смета дека ќе ги крене бројките нагоре. Треба да му е јасно едно,. Најголем рејтинг би добил доколку започне војна на Донбас и Крим и ако ги врати тие територии под целосна контрола на Украина. Но од тоа нема ништо барем уште со години. За Крим приказната е завршена. А ако не направи нешто околу спроведувањето на „Минските договори“, тогаш и Донбас ќе биде замрзнат конфликт. Обидот по воен пат да се решат овие проблеми не му го советува никој на Зеленски. Зашто може да остане и без други територии, а земјата да се распадне.

ДОДВОРУВАЊЕ НА АМЕРИКАНЦИТЕ

Податоците од анкетите објавени на почетокот на месецов покажуваат дека јавноста се повеќе се разочарува од власта. Зеленски, според анкетите на Киевскиот меѓународен социолошки институт, се“ уште е најпопуларен, но поддршката опаѓа, а тоа е веќе тенденција. Во декември лани доколку се јавеше на избори готови да го поддржат беа 27 проценти од испитаниците, а во јануари годинавакога е правено истражувањето тој број е 22 проценти. Во декември доверба во Зеленски имале 41 процент од испитаниците, а во јануари 35,6 проценти. Паѓа и рејтингот на партијата на Зеленски „Слуга на народот“. Од 21 во декември на 18 проценти во јануари. „Опозициската платформа – За живот“  од 23 порасна до 24 проценти.  Слични тенденции покажуваат и речиси сите други истражувања. Во едно од нив идејата за предвремени претседателски избори во јануари ја поддржуваат 45,8 проценти од испитаниците, наспроти 36,4 во декември.

Знаејќи го сето погоре кажано, Зеленски сега покрај промена на рувото игра на картата на додворување на новата американска администрација. Доналд Трамп, иако испраќаше воена помош за Киев, како воопшто да не  зборуваше за Украина, освен во моментите кога бараше компромат (компромитирачки материјал) за Џо Бајден и неговиот син. Новата американска администрација ќе биде широкограда кон Украина. Бајден веќе го слушавме во аудиофајлови - снимени разговори со Порошенко, од кои може да се сфати дека практично му ја води кадровската политика на украинскиот претседател. Значи добро ги знае работите таму. Во новиот американски буџет има одобрено стотици милиони долари воена помош за Украина.

Но, Американците не прават ништо без возврат. Впрочем како и други големи играчи. Веќе сега во украинските медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, се пишува и зборува за тоа што го бараат САД.   Пред се’ станува збор за судски реформи. Амбасадорите од Г-7 во Киев на роденденот на Зеленски му испорачале план за нивно реализирање, чекор по чекор. Тој предвидува филтер од меѓународни експерти кои би ги пропуштал потребните кандидати за судии, што пак ќе го зголеми влијанието на приврзаните кон Западот структури во Украина

СОЈУЗНИШТВО

Паралелно со ова треба да се сменат во рамките на планска ротација и некои раководства во поважните институции, на пример во антикорупциските, а може и на барање на антикорупциски активисти, да се смени и државниот обвинител. Се размислува и за смена на министерот за внатрешни работи. Тој наводно требаше да биде сменет уште лани, имаше коруптивни скандали со неговиот син, но работите се изјаловија. Веројатно многу знае и има куп информации кои можат да засегнат нечиј комодитет. Трета работа на која инсистирале Американците, наводно е враќањето на „реформаторите“во владата, како на пример поранешниот премиер Алексеј Гончарук.

За односот на Американците кон Украина поранешниот раководител на Главната управа за разузнавање и бивш претседател на Службата за надворешно разузнавање, генерал-лајтнантот Виктор Гвозд е јасен. Во едно неодамнешно интервју тој вели: „Ние ги сметаме САД за наш сојузник, а тие нас за што не сметаат...За да бидеш за нив сојузник, треба да бидеш определен геополитички субјект, да бидеш конкурентна држава. За жал ние засега не досегаме до тоа ниво. Тие кон нас се однесуваат нормално, ни помагаат, но тие си имаат свои национални интереси. Сојузник, тоа е малку повеќе. За нив сојузник е Велика Британија и некои други држави“. Ова за отрезнување околу сојузништвото воопшто.

Украина многу сака да влезе во ЕУ. За НАТО да не зборуваме. Тоа е ставено и во Уставот на земјата. И кој да е европски пратеник или политичар кога ќе дојде во Киев му се поставува прашањето за евроинтеграциите. Шведската министерка за надворешни работи Ана Линде, при една посета на Киев ја прашаа: „Има ли Украина европска перспектива?“. Секако дека има, одговори Линде, додавајќи дека која било земја има право да претендира на членство во ЕУ, но тоа не може да стане се додека не се исполнат критериумите за членство.  Па затоа Украина своите напори треба да ги насочи кон реформите.

КИНА КАКО ФАКТОР

Европските политичари како да се правени на шапирограф или копир машина. Секаде го зборуваат истото. Реформи, реформи, а кога ќе ги направиш, европската бирократија не може да си реши свое внатрешно прашање. И ќе останеш надвор од вратите на ЕУ. Тешко на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ. Реформите се тешки и зависат од неа, но што да прави со проблемите со соседите. Ние за НАТО чекавме 30 години, а за ЕУ не се знае уште колку. Кога Полјаците и Унгарците, а не дај боже, Бугарите, Романците и Словаците ќе испорачаат свои услови за кревање на рампата за почеток на преговори за присоединување кон Унијата на Украина ќе и чади главата. Со Полска владее привиден мир бидејќи Русија во моментов е заеднички непријател за нив. Кој знае што се’ услови ќе постават Полјаците? Унгарците веќе сега го блокираат заседанието на групата Украина-НАТО, сметајќи дека Украинците се однесуваат лошо кон  нивното малубројно малцинство. Но, не попуштаат веќе две години. Така што не се реформите тие што одлучуваат за присоединување кон НАТО и ЕУ.

Улогата на Американците во украинската политика може да се види и врз односите на Украина со Кина. Познато е дека САД секаде вршат притисок против кинеското и руското влијание. Секаде каде што можат. Како кај нас за гасот и за Г5 технологијата на Хуавеј. Во Украина проблем е една фабрика Мотор-Сич која произведува авионски и други мотори. Зеленски пред неполн месец под влијание на Американците воведе санкции против кинески инвеститори во таа компанија. Неколку денови пред тоа Американците воведоа санкции против кинеската државна компанија Skyrizon. Таа ја купи украинската компанија која беше пред банкрот во 2014 година. Кинезите го добија онтролниот пакет акции а истовремено требаше да ги добие и техологиите за да се изгради таква фабрика и во Кина. Во 2017 година, кога претседател беше Порошенко,  под влјание на Американците целата работа беше блокирана поради наводното загрозување на националната безбедност на Украина. Сега Кинезите тужат и бараат оштета од Украина во висина од 3,5 милијарди долари. Но многу поголема штета за Украина ќе биде ако Кина, која е нејзин најголем трговски партнер, престане да купува металуршки производи и житни култури од Украина. Во прашање ќе бидат штети од милијарди, милијарди долари. Нашата екскурзија со Тајван ја покажа решеноста на Кина во заштита на нејзината политика. Така може да помине и Украина. 

ЗАТВОРАЊЕ МЕДИУМИ

Во вакви услови, не споменувајќи ги односите со Русија и „Минските договори“, кои се во ќорсокак, а Украина се надева дека Бајден ќе им помогне, Зеленски посегна по потег кој беше доста контраверзен. Затвори три медиуми кои наводно му припаѓаат на Виктор Медведчук, политичар со големо влијание во Украина. Нему кум на децата му е рускиот претседател Владимир Путин.  Медведчук годиниве често патуваше во Москва и од таму се враќаше со инцијативи кои беа поддржувани во јавноста. На пример ослободување на заробеници од затвори, укинување на санкции кон украински компании. Сето тоа го прави конкурент на Зеленски. Наместо Зеленски да прави такви потези, тоа го прави Медведчук. Па Зеленски сега им забрани на пограничните служби да ги пуштаат личните авиони на Медведчук во Москва. Инаку како сопственик на медиумите се води Тарас Козак, депутат во украинскиот парламент. Зеленски воведе санкции и кон него. Ќе траат пет години. Ова ми личи на времето кај нас, кога Никола Груевски направи се' да се затвори телевизијата А1. Во Украина не се суди или затвора сопственикот, туку трите телевизии. Вработените во нив сега емитуваат на Јутјуб, но украинското министерство за култура се обрати до Јутјуб да бидат затворени каналите на овие медиуми.

Затворањето на медиумите  кои имаат значителен удел во украинскиот медиумски етер е наводно за ширење руска пропаганда и руски дезинформации.  Американската амбасада во Киев го поздрави овој чекор, како и британската. Според претставникот на САД во ОБСЕ „слободата на медиумите не значи и право за ширење злонамерна пропаганда и дезинформации. Оттука и поддршката на решението на Украина да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет спротивставувајќи се на грубото и злонамерно влијание на Русија“. И ставот дека тие медиуми биле познати инструменти на руската пропаганда насочена кон дестабилизација на Украина.

ВИСТИНСКОТО МЕСТО НА КОМИЧАРОТ

За разлика од Американците,  во ЕУ коментарот е внимателен. Според „Интерфакс-Украина“, Петер Стано истакнал дека „може да се разберат напорите на Украина за „заштита од манипулирање со информации, меѓутоа тоа не треба да се случува за сметка на слободата на медиумите и треба да се прави со целосно почитување на основните права и слободи и во согласност со меѓународните стандарди“: Медиумите се обратија до надлежниот суд во Киев ,а велат дека ќе одат и до Европскиот суд за човекови права. Уредниците во нив тврдат дека не ширеле никаква пропаганда, туку поставувале прашања и барале одговори за состојби во државата кои засегаат секој граѓанин.

Задачите што стојат сега пред Зеленски, не само американските, мора да бидат решавани со поддршка од украинскиот парламент. Но политиката на власта со текот на времето го растури огромното мнозинство на партијата на Зеленски. Новинарот Виталиј Портников пишува дека „Последните гласања во парламентот јасно покажале дека Зеленски веќе нема и ќе нема никакво мнозинство. Дека „Слуги на народот“ се подготвени да гласаат само за отворено популистички предлози на претседателот. .Но гласање по принципиелни прашања, а уште повеќе кадровски, покажува дека фракцијата на Зеленски сега има други газди. А можеби тие газди биле и од порано? Можеби на тој начин на телевизискиот комичар му го покажуваат вистинското место во вертикалата на власта“

Со други зборови газдите, дали се олигарси, дали политичка или друга мафија,  преку пратениците не даваат гаранција за спроведување на посакуваното. А најмалку на она што го бараат странците - кадрите.  Популизмот очигледно ќе му пресуди и на Зеленски, кога менторите ќе видат дека заради газдите не успева да спроведе во парламентот квалитетно решение. Резултатите од испитувањата на јавното мнение, кога неговиот рејтин паѓа, а расте на други играчи, покажуваат дека во моментов не доаѓа предвид ни распуштање на парламентот, ниту распишување на предвремени претседателски избори. А тоа значи и одложување на разигрувањето на американската карта. Што може да биде погубно кога за противник имаш голем сосед.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок