19 Април, 2024
0.0507

Трки-па и со точаци

Објавено во: Колумни 23 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Откако успешно го поминав периодот на кленосување пред телевизорот и ги апсолвирав сите потези на мајсторите на снукерот, на ред дојдоа и белосветските велосипедски трки.Најпрвин Џиро, а потоа Тур.

Иако заколнат аматер и корисник на точакот во рекреативни цели и за да завршам понабрзина некои локални активности (како одење до пазар, до блиските продавници, задолжителната посета на обложувалници и на маалските кафеанчиња), заминување и враќање од работа, ова прими-тивно сообраќајно средство ми влезе во крвта. По толку години ја сфатив и возбудливоста на професионалниот велосипедизам-ги поднаучив имињата на светските марки, тактиките во трките, хронометарот, возењето по високите планини, спринтот, етапите и тимското возење. Сепак, најмногу од с# ме восхитуваа коментаторите кои имаа подготвена приказна за секое место низ кое поминуваше бескрајната змија од велосипедисти, придружни возила и рекламни атракции. Не само како за географски точки, туку и како за културни и историски знаменитости. Трките се замислени како спортски атракции, но и како промотори на сето богатсво со кое изобилуваат земјите домаќини и организатори на велосипед-скиот циркус.

Од оваа времанска дистанца не сум баш сигурен дека тоа беше случај и со некогашната Трка низ Југославија. Со години ја следевме и читавме за неа само низ новинските извештаи. Имаше таа дваесетина етапи, со планински цели, жолти мачки, спринтери и специјалисти за секаков вид на терени. Главно се состоеше од домашни натпреварувачи и по некој странец, разбирливо од соседните земји и од братскиот СССР. Често ќе се возеше и етапа или две и низ Македонија.

Не знам, веќе, која година беше, но трката завршуваше во Скопје. Целта беше на Градскиот плоштад. Паѓаше силен дожд што не ги спречи скопјани да излезат и да ги пречекаат јунаците на двете тркала. По коцката од кај кејот 13-ти Ноември со голема брзина се појави победникот, сиот искиснат и каллив-Франц Шкерл, а по него,  не сум сигурен по кој редослед, и Руди Валенчич, Невио Валчиќ, Радош Чубриќ.... Долго раскажувавме за возбудливиот финиш....


Слушавме од постарите за нашите-локални јунаци велосипедисти. За браќата Арсовски, но и за Руди шампионот на контрашите. Победувал со таква разлика пред своите ривали што пред целта застанувал, вадел чешел од задниот џеб на дресот си ја уредувал фризурата и дури потоа ја пресекувал победничката лента.

Трките беа многу честа скопска атракција. Гламузина, Барбариќ, Мадиќ и Ѓуро се хероите на скопските свиоци. Татнеа нивните мотори по улиците Орце Николов, 29-ти Ноември, по Маршал Тито. Како и сите и тие имаа незгоди, паѓаа и се повредуваа, излетуваа од патеката и се враќаа пред подзинатите од возбуда сограѓани. Трки се одржуваа за големите празници, но и без повод. Штом по овие неколку скопски улици, кои затвораа своевидна кружна патека, ќе почнеа да се растоваруваат бали со слама знаевме дека се подготвува трка и излегувавме уште рано за да фатме подобра позиција. Џабе си бил на трка ако не си во првите редови и ако не го помирисаш бензинот што здушно го испуштаа ауспусите на  забревтаните БМВ, Циндапи и НСУ. Гламузина, инаку возач на еден голем скопски директор, доаѓаше често кај нас во Дебар Маало кај чичко Ѓоко, кој исто така возеше мотор со приколка, а ние се врткавме околу машината, а понекогаш набрзина се качувавме и се замислувавме дека сме тркачи, мераци!

Во годините по земјотресот се одржуваа трки на автомобили за 11-ти Октомври. И тие имаа свои јунаци на истата патека во градот. Останаа запаметени по Владо Зуб, Лазо Милетиќ, Гавро, Битољану. Татнеше и ечеше од високотурираните автомобили, главно сопственост на татков-ците. Неретко по некој од нив тешко го совладуваше свиокот кај Треска и ќе се најдеше насред железничката пруга. За 8-ми март се организираше женско рели кое завршуваше на Плоштад со испит по снаодливост и вештина.

По урнек на големите светски маратони за 13-ти Ноември гледавме ноќна улична трка. Долго победникот однапред беше познат-Мемо. На геадскиот стадион се одржуваше меморијалната трка Лазо Милошевски. Ги поздра-вувавме победниците најшесто на полувремето на некој фудбалски прволигашки натпревар на Вардар.

Такви беа времињата. Сега се тегнеме по фотелји, пиеме и грцкаме, и гледаме трки-Гран при џи-пи, Формула, светски атлетски митинзи, велосипедски од типот Џиро диталија, Тур де Франс и се поретко се сеќаваме на нашите некогашни натпревари во брзина што имаа посебен шмек и убавина!


  Морам да признам- ми годат честите и упорни покани на ФБ од групата „Цело Скопје на точак“ за учество на разни дружби по градот,се разбира заедно со „гуменото магаре“.Не ми е гајле од кај знаат дечкиве дека не се симињам од точак скоро цела година,по цена на синузитис и настинки со различен интензитет(најчесто ги добивам кај Цопка пред Мак-Пен каде што испотен седам по час-два на муабет и пијачка со младите пријатели)-ме прислушнуваат ли или ме сликаат со тајни камери......Се радувам како мало дете гледајќи дека насекаде низ главниот град се прават нови и се поправаат старите велосипедски патеки и како се грижат за нас,но и за чистотата и намалувањето на сообраќајниот метеж.

Велосипедот од памтивек бил главно превозно средство на овие простори од обете страни на Вардар.Комбиниран со зембил и конопени вреќи служеше за м ,кнење  зарзават и овошје од пазарите,со монтирано седиште и заден багажник е превоз за децата на убавите песочни плажи покрај тогаш чистата и мирисна река со прозирна сребреникава вода,со девојката седната на рамот за возбудливи и треперливи ноќни прошетки низ трети дел на паркот,со трски,мамци,мезе и шише со ракија за одење по риба.....секојдневното возење до работа и до дома- овде се подразбира.

Беше срам за секој оној што не знае да вози точак(во последно време се нарекува велосипед,како што на новокроатски бил прекрстен во „меѓуножно гурало са напухалицама“)-Господ да чува и да брани,велеше мајка ми за секоја ваква или слична состојба на духот.Од мали чекавме пригода да се добереме до точак,да го повозиме на педала,а откако ќе се охрабревме го возевме под рам-вистинска вратоломија што многумина скапо ги чинеше додека ја совладуваа циркуската вештина.

Немавме претстава колку многу се вози ова едноставно и евтино превозно средство додека не стасавме за одење на фудбал на Градски.Просторот од сегашна Маракана,па се до билетарницата беше натрупан со оставени точаци на бедемот,покрај оградите на помошното игралиште и игралиштето на Работнички-со еден збор вриеше од точаци,главно приправени и репарирани стари Розинанти, за кои во шега велевме дека ги оставил Хитлер безглаво бегајќи накај дома!Додуша имаше и луѓе кои се грижеа за своевидното паркирање на двотркалните љубимци,но ни ден денеска не ми стана јасно како по утакмица луѓето си ги наоѓаа(сега за волја на вистината дур се свртиш точакот-маунт бајк или 18-тобрзинец го сменил барем еднаш сопственикот).

За 50 годишнината од земјотресот една од повозбудливите потресни фотографии што значеа дека градот се враќа во живот беше онаа со илјадниците точаци наредени уредно на бедемот пред и по натпреварот Вардар-Партизан, на само нецел месец по катастрофата.

Со еден збор-не сме Амстердам за возење велосипед,но имаме големи предиспозиции да го стасаме!Толку.


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок