24 Април, 2024
0.0264

ТРАНСФОРМАЦИСКО ПАТУВАЊЕ ВО ЕВРОПСКА ИДНИНА

Објавено во: Колумни 04 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Моторот  во Берлин  се запали, чекаме турбините во Париз да проработат, и да почне нашето долго европско патување, со крајна  дестинација во Брисел, секако преку Амстердам. Премиерот Зоран  Заев изјавил дека отпочнувањето на преговорите со Европската Унија ќе претставува своевидно „ трансформациско патување“ на општеството. Точно. Апсолтуно се согласуваме дека  претпристапните  преговири треба да претставуваат целосна трансформација на едно полураспаднато општество, со грогиран институционален систем. Ова ќе биде можеби последната шанса и можност, оваа држава и општество, да го заземе својот нормален , траекторен пат на развој и просперитет на една држава, која пред триесет години, излегла од еден сосема поинаков еднопартиски систем, со командна економија, и го фатила патот на трансформација во пазарноориентирано општество со повеќепартизам и демократија. За жал, невидениот застој во евроинтегративните процеси, создаде од Македонија, полураспаднат ентитет со владејачки класи кои само наизменично се менуваа. Корумпирано и криминализирано општество, во кое правдата е  гротескен поим, и законите важат само и единствено на хартија, напишани, собраниски изгласани, како фасада на една навидум демократска  држава.  На практика, системот продуцираше хаос, беззаконие, неред и нефункционалност во секоја општествена  пора. 

Што би било, кога само би било!

Поранешниот министер и вицепремиер во Владите на Никола Груевски, Никола Тодоров, во своја колумна за Дојче Веле на  македонски јазик,  направи  хипотетички предвидена ситуација, во која  создаде привид каква би била денеска Македонија, доколку проблемот со името кој  во суштина  се создаде од страна на грчките политички елити, со самото создавање на македонската држава,  би бил решен уште на почетокот,  во раните деведесетти и истиот не беше инструментализиран и (зло)употребуван од политичките касти во земјава, за билдање на  рејтинг, и добивање на избори. Па  така, Тодоров, хронолошки, низ  годините, наслика една имагинарна состојба во која Македонија би станала полноправна членка на НАТО кон крајот на 20-тиот век во 1999 година, заедно со Полска, Чешка и Унгарија, а член на ЕУ на почетокот на 21 –иот век во 2004, со останатите земји членки од Источна  Европа, секако пред полноправното членство на Бугарија и Романија во Сојузот. Оваа претпоставена ситуација, создава хипотеза  дека денес со предвидениот социо-економски , инфраструктурен и стопански развој, Македонија би била средноразвиена европска земја, со уреден и функционален систем, во кој  македонските граѓани би имале просечна плата од 800- 1.000 евра, стапка на невработеност  под 5 % ( пандан на состојбите во Чешка, Словачка, Полска , Унгарија), и бруто домашен производ по глава на жител,  три до четири пати повисок од денешниот  актуелен,  кој го имаат македонските граѓани. Се поставува прашањето, дали навистина ќе беше така, доколку прашањето за името, беше тргнато од  дневен ред  уште во 1993 година, со самиот прием на Македонија во Обединетите нации. Навистина е тешко да се претпостави, на  логичкиот редослед на  благосостојбниот и перспективен развој на погоренаведените бившосоцијалистички тоталитарни и затворени економии, и нивната „ патувачка трансфорамација “ во европски развиени земји и економии, веројатно би го дал одговорот дека Македонија ќе беше средноразвиена и фунакционална европска  земја.

Последниот европски вагон на историјата!

И тогаш, што направивме? Ништо страшно, само што изгубивме цели триесет години, за да го фатиме европскиот возен ред, и да почнеме да ја вадиме земјава од живата кал во која тоне цели три децении. Генерацијата на нашите родители е изгубена и промашена.  Неуспешната  транзиција, и криминалната приватизација го фрлија на колена македонскиот просечен граѓанин, кој во сиот тој хаос, не беше моќен да се снајде во едни такви „ нови правила на игра во градот“. Да  Југославија, била држава со многу мааани, но никој не може да порекне дека имало стабилен институционален  систем, кој на таа изгубена генерација во нејзината младост, обезбедувал  социјална  стабилност и сигурност. Затоа , можеби со право, и без никакво изненадување овие луѓе се најмногу носталгичари по „ доброто старо време“. Изгубеното не може да се врати, туку треба европскиот пат да се фати, за да се остави во наследство нормална и базично функционална држава за идните поколенија, за тие да ја гледаат својата шанса на себеживотна реализација овде и тука. Да се спречи масовното иселување и одлив на квалитетни мозоци, кои своето знаење ќе го трансферираат и капитализираат во западноевропските економии, наместо во нашата македонска. За тоа имаме шанса, преку пристапните преговори, во кои ќе бидеме под силен мониторинг-скрининг на европските институции  врз  промената на целокупниот систем: владеење на правото, создавање на правна држава, независни и капацитетни институции, средена економија, здрава животна средина. Последниот воз на иднината не смее да го пропуштиме, бидејќи многуте шанси кои ги прокоцкавме , укажуваат дека не сме народ со државотворна свест. Иронично и патетнично е , колку тоа ние велиме дека сме биле онеправдани од големите сили во минатото, кога било спречено создавањето на независната македонска држава, и како македонскиот народ бил угнетуван, а денеска кога имаме своја независна држава, се однесуваме со неа како да е нашиот најголем архинепријател.  Трансформациското патување треба да биде и трансформација на културата и менатилитетот на нашето однесување. Тоа е стартна основа, на секој поединец, за да се постигне крајната цел за создавање на држава која ќе биде пристојно место за живеење.  По минатото не треба да жалиме, бидејќи што и да направиме тоа нема да се врати. Треба да ни биде поучна лекција, и од  големите и чести грешки , да извлечеме поука како не треба да правиме. Ако пак потфрлиме, тогаш нас  ни нема спас.  И не ми кажувајте повторно дека нас не мразат, не не сакаат, и работат да не „ уништат“.  Бидејќи никој повеќе не работеше на македонското себеуништување и  упропастување  од нас  самите.

Благојче Атанасовски - политиколог


Претходната колумна на политикологот Благојче Атанасовски читајте ја подолу ...

Промена на изборниот модел, за рушење на султан партиите

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок