16 Април, 2024
0.1306

ТАЖНА СЛИКА ВО ПРЕСПА: Невремето им зададе силен удар на овоштарите

Објавено во: Агробизнис 12 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Уништени се јаболката во повеќе села во Преспа и Ресен од невремето кое го зафати овој крај.

На удар беа овошните насади во селата Крани, Штрбово, Наколец, Љубојно, Долно Дупени. Граѓаните кои живеат во овој регион велат дека штетите се огромни и дека на одредени стебла нема ниту лист, ниту род, сѐ е уништено.

„Невремето кое ја зафати Преспа беше навистина морничаво, и на терен изгледа како да е есен, на дрвјата нема ниту листови, ниту јаболка. Јас живеам во Долна Бела Црква на 15 км од местата кои се навистина погодени од невремето. Од што ќе живеат сега луѓето? Само Господ нема им е на помош“, вели Горан Телевски, овоштар од Долна Бела Црква.

Тој апелира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопаство да им помогне на овоштарите со интервентно исплаќање на субвенциите за предадено индустриско јаболко.

Во невремето уништени беа кровови на куќи и приколки на потегот од Претор до Долно Дупени. Вакво невреме одамна не се памети во овие краишта. Дувал ветер со брзина од 150 км  на час.

„Моите овошки ги зафатил само дожд, не и град, затоа што се на другата страна од страната на Отешево, но во Долна Преспа е катастрофа. Не верувам дека нешто ќе остане од родот. Надлежните биле на терен, но што ветиле не знаеме“, вели Фросина Ѓорѓиевска, овоштар од Преспа.

Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен раскажа дека буквално се случил водопад од град и дожд, а уништени се овошните насади во селото Крани, Штрбово, Наколец, дел од Сливница, дел од Долно Дупени, Брајчино и Љубојно.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски информираше дека ќе се направи проценка на штети. 

Овоштарите и претходните години мака мачеа со градот, мразот, немањето на пласман, но и оваа година градот им го „собра“ родот и ја доведува во прашање нивната егзистенција. За многу луѓе овоштарството е основен извор на приходи.

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

ПОВЕЌЕ ПИПЕРКИ, А ПОМАЛКУ ДОМАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ: Зошто земјоделците ги намалуваат дел од културите?

ПОВЕЌЕ ПИПЕРКИ, А ПОМАЛКУ ДОМАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ: Зошто земјоделците ги намалуваат дел од културите?