24 Септември, 2020
0.0445

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

Објавено во: Колумни 07 Август, 2020

Во време кога статистиката не поставува на првото место по заразени и починати од вирусот предизвикан од  Ковид-19, на балканската мапа по глава на жител, и кога единствено и само имаме  пристап и излез од нашата држава до соседните Албанија, Србија, Косово и до Турција, младите од цела Македонија на плажата  „Градиште“ на Охридското езеро, танцуваа со ѓаволот. Во буквална и преносна смисла на зборот. Таков примитивизам, таква неодговорност и таква безобразност, тешко дека некаде ќе се сретне на неколку квадратни метри. Биле млади, па не размислувале?! Па кој да размислува, тие што се на 90 години, и пред крајот на својот живот, сметаме дека се доста себични и си гледаат само за себе? Изгледа дека младите си гледаат само за себе и нивните потреби,  кои се да се „изжуркаат“. Немањето никаква одговорност прво за сопственото здравје, потоа за здравјето на своите најблиски, а и целокупното јавно е одлика на една пореметена колективна свест, на општество кое ниту знае каде тера, ниту знае што сака. Само еден Господ треба да не чува, да не се појават нови жаришта и „кластери“ после ваквото дивјачко однесување. Ако и тој,не кренал раце од нас.  Со ваква младина, Македонија не треба да се грижи за својата иднина-  бидејќи ја нема.Или како што би рекле  „браќата Срби“ : „ паре нису проблем, паре их нема“. Такво ни е и  нашето дереџе: иднината не е проблем- иднина немаме.

Од  другата страна на Галичица,  во водите на Преспанското езеро на самиот ден Илинден, се случи уште една невидена трагедија. Млад човечки живот, шеснаесетгодишен, згасна давејќи се во водите на езерото. Првите информации, односно шпекулации, говореа дека педалинката се превртела, а двете момчиња се спасиле, додека нивното другарче ја немало таа среќа. Други шпекулации велеа дека момчињата сами скокале во водите на Преспанското езеро. Како и да е, трагедијата е сторена, назад враќање нема. Ниту е прва, ниту за жал, ќе биде последна. Прашањето е кој, и дали некој ќе преземе  одговорност, или како по старата добро позната македонска, сите ќе креваат раменици, префрлувајќи си ја одговорноста, без никој да ја преземе согласно позитивните законски прописи?!  А што велат тие? Медиумите објавија дека согласно Законот за користење на пловни возила ( и педалинките спаѓаат во такви), задолжително е користење на елек за спасување. Сте виделе некој на педалинка на Охридското езеро да носи таков елек? Скоро никој. Има ли некој тоа да го види, казни и регулира?! Нема. Се случуваат вакви  и слични трагични настани, во кои животот го губат млади, но и повозрасни?!  Речиси секое лето, без исклучок. Епа, кој е крив? –Цацко?

 Колку и морбиден да звучам, нас спас ни нема, или пак спас ќе  ни беше страотната експлозија од Бејрут да експлодираше кај нас, и сите топтан да не снема. Го славевме Илинден- нашиот Велигден, најголемиот македонски национален празник. Како и секоја година, патетични говори од  Мечкин Камен, Пелинце,  од Скопје на нашиот државен врв, со ветувања за посветла иднина, а таа пустата од година в година се повеќе се затемнува. Ред солзи, ред мрсули, лицемерни се разбира, за паднатите жртви и борци за слободата на Македонија, како тоа тие се жртвувале за ние денеска да живееме слободно и просперитетно. Ако знаеа нашите илинденци и партизани за кој тоа го положиле животот, кои ќе бидат нивните наследници на кои им ја подариле слободата на Македонија, плаќајки со сопствениот живот, убеден сум дека 100 пати досега би се покајале, и ниту би им паднало на памет тоа да го сторат. Истото е и со загинатите бранители од не толку далечната 2001-година, кога изманипулирани отидоа да ја бранат Македонија, а некои од нив трагично ги загубија своите животи, оставајќи мали дечиња сираци, некои останаа со траен инвалидитет, некои со трајни психички проблеми.За што се бореа? За лидерот на  ОНА (ДУИ) , 20 години потоа во константа да биде господар на животот и смртта на ова мало парче земја, контаминирано од загаден воздух, загадени вредности, перманентни лаги, завист и лицемерие. Прашајте сега некој дали ако „пукне“ пак, односно ако се случи „второто полувреме“, како што бараат некои, одново  ќе се пријави за доброволец. Не, сите ќе избегаат на Халкидики. Овој пат со право.

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Уште едно лето е зад нас

Уште едно лето е зад нас

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар