18 Април, 2024
0.0282

Светулки

Објавено во: Колумни 11 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Некаде ова време во последната декада на 20-от век или поточно во 1997-ма година во остатоците на Кермес неколку вечери по ред се играше пиесата или едночинка ќе да беше’’ Светулки во ноќта’’. Прекрасен, шармантен текст на Томи Османли посветен на Скопје и неговите жители и на страдањата во 63-та. Се сетив на овој културен настан што предизвика неподелени симпатии и изблик на емоции најмногу и поради светулките.На една случајна средба со Томи деновиве пред зградата на „Париска“ каде што тој живее во моето соседство задоцнето(али никад нија касно)му го пренесувам својот восхит што го чувам и одгледувам со години од настанот во култниот ресторан во паркот што сега го нема, треба да го замени градба што чека судска разрешница. Повеќето скопјани ја чекаат упорно, но не се надеваат дека тоа ќе го врати времето, освен убавите спомени и пријатните сеќавања....

Кога последен пат сте виделе светулка? Во вашиот двор или пак во Градскиот парк. Сте биле ли навечер во овие топли скопски ноќи низ зеленилото во првиот или вториот дел. Можеби светулките поинаку светат!

Се појавуваат во време кога зрее житото,живеат два-три месеца,а потоа угинуваат.Ги има над две илјади разни видови и произведуваат светлина во неколку нијанси. Женките не летаат туку се движат низ тревата, а мажјаците облетуваат околу нив светкајќи со одредена фреквенција заведувајќи ги......значи светкањето означува своевидна љубовна игра. Како деца од маалото во близина на паркот кај нижото музичко и кино „Карпош“ специјално доаѓавме навечер и фаќавме светулки. Си ги лепевме на челата и образите и доаѓавме дома така илуминирани,а понекој инсект остававме и во превртена стаклена чаша......појма немавме за овие податоци за инсектите, но убаво си игравме и се забавувавме.

А кога сме веќе кај летото и летните светлечки лудории уште едно прашање до генерацијата деца на Скопје од пред земјотресот дали сте шетале низ маало со фенерче од лубeница? Се длаби лубеницата, слатката срцевина се јаде (задолжително намачкано муце од слаткиот сок што се цеди безмилосно). Во корката се сечат малечки парченца што се отстрануваат и така округлата лубеница станува глава на детенце со очиња, усте и носе. На горниот отсечен раб се врзува сиџим, во внатрешноста се става запалена свеќа, се поклопува фењерчето со капакот од лубеницата и перформансот е готов. Може да се тргне во обиколка на детските врталишта.Чекориме боси по се уште топлиот прав по улиците и чекаме да пројде прскалица со коњска запрега, трчаме по неа и си ги ладиме нозете чувствувајќи го посебниот мирис од испарувањето што не се заборава..... Тогаш седевме навечер по сокаци до доцна па лето е да му се сневиди. Поумешните правеа уште една летна светлечкa лудорија-летало(змај шо би се рекло по нашки). На конструкцијата од трска се прицврстува светилка со батерија, а може и мала запалена свеќа(опасноста да пламне целото летало секогаш постоеше)но, кејфот да се лета вакво чудо невидено беше голем. Долго со денови по воздушната електрична инсталација ветрот ги пафташе остатоците од леталата што неуспешно слетале......

Но, да се вратам на почетокот од приказнавана светулките. Потпораснавме троа стасавме до гимназија и до првите симпатии и љубови. Летно време каде после корзо ако не „у парк со неа“.Но и тука имаше една особеност,барем за нашата тајфа,што на шега поради бројноста ја нарекувавме “кинески централен комитет“. И на љубовен рандеву одевме чопоративно. Најрано позади Кермес се курдисуваа оние чии што друшки од дома не ги пуштаа до доцна. Наша дестинација беше ронделот,малку како на возвишување, со многу густо зеленило и повеќе клупи на пристојно растојание,како да си во сепаре милина една. Со првиот мрак започнуваше лудиот танц на светулките. Романтика до немајкаде(Андро те љуби-Андро романтика,беше омилена бесмислица што ја користевме во вакви и слични пригоди). Убавиот мизансцен можеби придонесуваше за омекнување на срцата на нашите строго воспитани придружнички.....ќе паднеше и по некој срамежлив филмски бакнеж,милување овде-онде и симнување по некоја ѕвезда. Времето си летнало мора да се испрати девојката до дома,а потоа по договор кај Сута или кај Јоле и Почу. И утревечер светулките се тука специјално до „нашата клупа“ во паркот.....шо времиња ќе беа тоа? Бевме млади и убави,сеа сме само убави.....

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок