Стопанска комора: Да се стави ред во продажбата на дезинфициенси
Објавено во: Економија 08 Април, 2020
Во оваа вонредна состојба, кога се води голема битка за здравјето и животите на граѓаните, мора да се преземат сите можни чекори за нивна заштита. Заради тоа, мора да се обезбеди стриктна примена на законските одредби во врска со продажбата на биоцидни производи на пазарот (дезинфициенси за раце, за површини и за подови). Ова е особено важно во постојните услови на нивно енормно користење, велат од Стопанската комора на Македонија.
„Според регулативата, секој добавувач за да стави дезинфициенси во промет треба да поседува дозвола, односно решение, за ставање во промет на биоцидни производи, издадена од Министерството за здравство. За да се знае точно кој производ е одобрен, надлежните институции треба во најкус можен рок да ги ажурираат информациите на соодветната интернет-страница (www.hemikalii.gov.mk) со објавување само на важечките решенија од Министерството за здравство. Истовремено, треба да се известат сите учесници во синџирот на дистрибуција, но и сите државни институции, за тоа кои биоцидни производи, односнo дезинфициенси смее да ги има во продавница или смеат директно да се набавуваат, за притоа корисниците да не бидат доведени во заблуда. Тогаш ќе се олесни и работата на инспекциските служби за спречување на ставање во промет на дезинфициенси за кои не е издадено одобрение од Министерството за здравство, бараат од Стопанската комора.
Додаваат дека ова значи дека всушност инсистираат на стриктна примена на Законот за хемикалии, Законот за трговија и Законот за индустриска сопственост. Само така ќе се избегнат сите ризици и какви било несакани ефекти врз здравјето на населението поврзани со употребата на дезинфициенси.