25 Април, 2024
0.0323

ИНТЕРВЈУ СТОЈАНОВСКИ: Во Сопиште ќе поставам принципи на чесно и транспарентно работење

Објавено во: Интервјуа 28 Септември, 2021

Добивај вести на Viber

Поставувам принципи на отворено работење. Сите граѓани ќе може да присуствуваат на седниците на општината што ќе бидат отворени за јавноста. И не само тоа туку ќе се снимаат и пренесуваат. Нема што да криеме. Се ќе биде јавно и транспарентно, вели Сашо Стојановски, кандидат за градоначалник на општина Сопиште од СДСМ и Коалицијата. Најавува помош за ранливите категории и помош за вработување на невработените, а сите компании што се на територија на општината ќе имаат 50 отсто намалување на фирмарина.

Кои се вашите адути за победа?

Стојановски: Чесност, отвореност и отчетност. Знаете, време е моите сограѓани да ја почувствуваат општинската зграда како втор дом што се грижи за нивните потреби секогаш, а не само кога доаѓаат избори. Општина што не дискриминира по ниедна основа.

Нема да дозволиме предметите да стојат во фиока, да се кочат граѓаните во остварување на нивните права и некој да си поигрува со нив. Сите услуги што можеме ќе ги направиме електронски, да не мора граѓаните да доаѓаат во општината. Но, ќе направиме и мобилни канцеларии, нашите тимови ќе одат кај граѓаните кои не се во состојба да дојдат во општината а имаат некаква потреба.

Таква општина ќе биде Сопиште. Достапна за сите.

Поставувам принципи на отворено работење.Сите граѓани ќе може да присуствуваат на седниците на општината што ќе бидат отворени за јавноста. И не само тоа туку ќе се снимаат и пренесуваат. Нема што да криеме. Се ќе биде јавно и транспарентно.

Верувам дека преку овој пристап ќе придонесеме за подобрување на квалитетот на животот од најмладите до пензионерите, од староседелците до новодоселените.

Општина за сите – тоа е мојот клучен адут.

Еден од проблемите е јавниот транспорт. Како ќе го решите?

Стојановски:  Тоа ќе биде првата работа за која ќе се заложам. Да го подобриме јавниот транспорт не е невозможно. Само треба вистинска заложба.  Идејата е автобусот со број 58 да сообраќа почесто во текот на денот, но и во текот на ноќта да овозможиме да има автобус малку подоцна од она што е пракса со години наназад. Знаете, сега младите мора да брзаат во 22.30 или 22.45 да се качат на автобус за да си дојдат дома или другата опција е да платат такси. Тоа се трошоци во едно семејство, што со ова решение на некој начин ќе овозможиме да се намалат.  Но, ќе се обидеме да обезбедиме и други конекциии со останатите градски општини.   


Општината е посакувана дестинација за миграција од централното градско подрачје, но дилемите дали да се преселат од Скопје во Сопиште се отвораат кога сончевата страна на градот ќе ги осветли темните страни, а тоа се водоводот и канализација. Како ќе ги решите овие проблеми?

СтојановскиИзградбата на водоводна и канализациона мрежа како и подобрување на патна инфраструктура се приоритет. Не можам да кажам дека тоа се предизвици, туку тоа се реални проблеми. Недозволиво е во 21 век ние и натаму да дискутираме за овие елементарни прашања, недозволиво е моите сограѓани да ги немаат овие основни услови за живот.

Ќе ги затворам овие прашања со добро менаџирање на општината и во координација со другите институции. Финансии има, само треба паметно да се распределат и да се користат единствено во интерес на граѓаните. 

Додека трае изградбата системски ќе се решаваат проблеми преку обезбедена логистика од општината.

Како ќе го направите поквалитетен животот во Сопиште и на што друго ќе работите?

СтојановскиРешението е едноставно, ако намерата е искрена и во интерес на граѓаните. Во креирањето на решенијата ќе ги вклучиме сите за да можеме да го добиеме најдоброто од општината.

Еве да почнам со младите, бидејќи тие се нашата иднина. Ќе формираме младински совет што ќе биде советодавно тело и активно ќе учествува во креирањето на локалната политика. Секако, и дополнително ќе ги мотивараме. Стипендии и награди ќе добие секој ученик кој освојува награди на спортски натпревари, еднократна парична награда или стипендија за ученици во средношколско образование кои постигнуваат успех на државните и меѓународните натпревари.

Пензионерите се генерација на која ќе посветиме должно внимание. Не само што ќе се грижиме за нивните потреби, туку и ќе ги следиме нивните совети. И секако ќе најдеме и начин да им го исполниме и слободното време.

Тоа му го должам на мојот дедо, кого го паметам особено по тоа што во селото постојано играа шах со пријателите во добро расположение. Такви населби сакам, каде ќе се врати духот на пријателството, каде пензионерите, и сите ние ќе бидеме ослободени од било какви предрасуди, особено политички, и ќе може да седнат и да се натпреваруваат во шах. А нивните внуци околу нив да навиваат.

Во нашата општина живеат луѓе кои се успешни во своите професии, еминентни луѓе од сите сфери на општествениот живот. Тие ќе бидат нашиот промотор, тие ќе бидат нашиот глас на јавноста. Докажани доктори, сопственици на фирми, било да се тоа мали, големи фирми или занаетчии, признати готвачи докажани дома и надвор, уметници со реноме – ќе ги активираме сите. Ќе има место за сите во општината, бидејќи само кога се работи заедно, тогаш успехот е загарантиран.

Покрај тоа што ќе имаат за улога да го следат развојот и даваат идеи на креирање на локалните политики, овие луѓе ќе ја промовираат општината, во државата и на меѓународен план. Но, ќе имаат и обврска да привлекуваат во општината да се одржуваат, семинари, конференции, концерти, летни школи, културни настани и така би ја промовирале општината. Тие ќе бидат нашите локални промотори.  Кои пред се ќе бидат ценети во местото каде што живеат.


Најавувате помош кон ранливите категории и помош при вработување на невработените. За што станува збор?

СтојановскиОпштината треба да се грижи за сите кои живеат на нејзина територија. Секако дека како човек кој е роден, пораснат и живее во Сопиште ги знам најголемиот дел проблемите со кои се соочуваат моите сограѓани. Но, дополнително, изминатиот период добивме и многу нови барања и на сите ќе работиме.

За возрасната категорија граѓани кои се работоспособни, но немаат постојан извор на приходи, ќе обезбедиме бесплатно неформално образование, како што е работа со  компјутери, учење странски јазици, но и заедно со Агенцијата за вработување на РСМ,  ќе им го олесниме пристапот до работно место преку активните мерки за вработување.  

Општината ќе води посебна грижа за најранливите категории граѓани, но не само декларативно туку реално. Најранливите ќе ги ослободиме и ќе им помогнеме во подмирување на сметките и даноците.  

Ако овие мерки се таргетирани за помош кон невработените и ранливите, какви таргети поставувате кон бизнис секторот?

СтојановскиСите компании што се на територија на општината ќе имаат 50 отсто намалување на фирмарина, како помош за пребродување на кризата предизвикана од пандемијата со Ковид-19. Сите кои ќе основаат односно отворат нов бизнис ќе бидат ослободени од плаќање на фирмарина во следните 3 години. Сите компании што ќе рециклираат стакло и пластика на обележани позиции што ќе ги предвиди општината, ќе добијат помош со намалување на комуналните давачки за 30%.

Ќе водиме сметка и за нашите занаетчии. Тие ни се важни. И за нив ќе понудиме, покрај останатите мерки, и еднократна финансиска помош. Нема да ги оставиме. Особено внимание и врвна соработка ќе воспоставиме со жените менаџерки. Веќе разговараме и со некои здруженија на граѓани и организации кои се наша територија и со кои верувам ќе имаме одлична соработка во оваа насока, бидејќи темелите за функционирање се поставени.   


Во програмата предвидувате помош и за домаќинствата кои ќе го заменат греењето на дрва на инвертер клими? Читајќи ја Вашата програма се гледа едно сериозна намера преку финансиски стимулации да реализрате проекти со кои се подига свеста да се заштити животната средина?

СтојановскиДа, општината ќе обезбеди пари од буџетот за оние граѓани кои ќе сакаат да го сменат начинот на греење и ќе им овозможи да набават инвертер клими или да постават енергетски ефикасни фасади на куќите.  Фотоволтаици ќе се постават на покривите на јавните објекти. За оваа цел во општинскиот буџет ќе биде предвидена соодветна сума, утврдена од Советот на општината.

Сакам по четири години да можам да одам гордо, со крената глава и во очи да ги погледнам моите сограѓани и комшии дека Сопиште сме го направиле подобро место за живеење.  

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“