Стаменковска Стојковски ќе прави контрола на огласите за државни вработувања
Објавено во: Економија 04 Јануари, 2020
Какви сознанија за незаконски постапки има дополнителната заменик – министерка во Министерството за информатичко општество и администрација од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска Стојковски, ќе треба да покаже надзорот. Самата најави контрола и рече дека ќе се проверуваат сите согласности за објавување на огласите за вработување кои се актуелни во последниов период. Вели оти нејзина цел е да не се загрози европската перспектива на државава преку нарушениот предизборен период и поткупот на гласачи преку масовната партизација на администрацијата.
„Заразата од непотизам прави дисторзија на квалитетот на кадрите и дава шанса на роднините и пријателите пред сите други квалитетни кадри. Моето инсистирање на законито работење не е опструкција на политиката на вработување, туку напротив да ставам точка на непотизмот, неквалитетот и партизацијата во институциите. Тоа е и постулатот на моето работење – борба против непотизмот, партизацијата на администрацијата и време е во администрацијата конечно да дојдат квалитетни кадри кои се обучени и треба да ја водат Македонија напред кон Европската унија- рече Стаменковска Стојковски пред просториите на Министерството.