11 Април, 2021
0.0218

Српската економија како добар пост-ковид модел за нас

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2021

Несомнено, оваа недела, вниманието на јавноста го зема Република Србија со искажанит гест на добра волја и помагање, без разлика на квантитативната карактеристика на истиот. Имено, да се покаже добра волја кон соседот, и тоа, во време кога секој е насочен кон сопственото двориште, е чин кој треба да се истакне. Во таа насока, јас не се определив за обележување на слики преку социјалните медиуми, туку во писанието денес, се  одлучив да направам една анализа за состојбите на економијата на Србија во 2020 година, со мала ретроспектива наназад, со првична цел, да упатам благодарност кон соседите. Исто така, ова писание може да послужи и како добар модел за македонската економија во пост-ковид периодот кој што ни следува.   

Оттука, анализата ќе ја базирам на релевантни извори, публикувани од Народната банка на Србија и податоците од Меѓународниот монетарен фонд.

Во најновите анализи на Народната банка на Србија, економијата во 2020 година ја зачува стабилноста во услови на борба за ублажување на здравствените и економските последици од кризата со пандемијата. За таа цел, на почетокот се поставува прашањето: Како, кризата влијаеше врз јавниот долг на Србија?

Внимателно ги читав нивните официјални извештаи дадени од монетарците, од кој, може да се добие впечатокот дека нашиот северен сосед, во 2020 година, успеа да ги избегне посериозните последици за економијата, во која, денес, преовладуваат позитивните ризици и ја зачува целосната макроекономска и финансиска стабилност. Како и секаде во регионот, и таму се направија два мораториуми за кредити и се намали референтната каматна стапка, за вкупно 125 поени. Тоа резултираше со заздравување на клучните индикатори на економската активност, како што се: трговијата на мало, индустријата и извозот. Но, според мене, најзначајната придобивка од мерките е дека Србија ги зачува, и не само тоа, туку и ги ЗАЈАКНА постојните производствени капацитети со развивање на НОВИ! Имено, тука лежи поентата на оваа анализа, во која, се дава еден успешен модел кон кој треба да се постави стратегијата на македонската пост-ковид економија. За нас, има една стабилна и речиси сигурна „алатка“ за раст на домашниот бруто производ, а таа се вика – ПРОИЗВОДСТВО (на земјоделски производи, струја...).

Како и кај нас, критиките на економските мерки на властите во Србија се присутни. Честопати се властите се соочуваа со песимизам на домашната и стручната јавност. Но, да потенцирам дека ако не беа спроведени таквите мерки во Србија, на почетокот на 2020 година, на крајот на годината падот на БДП ќе беше многу поголем. ДА, може да се каже дека јавниот долг се зголеми за мали 4,8 како процент од БДП, но таквата состојба се оправдува, и тоа силно, ако се има во предвид дека Србија заврши со само 1,1% пад на БДП. Овој резултат беше еден од најдобрите во споредба со падот на земјите од ЕУ. Како што кажав и погоре, ваквата стратегија имаше за цел, да го зачувува трудот и да се одржат српските производствени капацитети силни. Во таа насока, очекувањата на властите се исполнија. Би се задржал уште малку кај јавниот долг. Тука, се поставува следново прашање: Кои се последиците од зголемувањето на јавниот долг на Србија?

На мисла сум, а тоа го поткрепувам со нивните монетарни податоци, во кој, може да се види дека без усвоен пакет мерки, падот на бруто домашниот производ во 2020 година ќе беше повеќе од 6%, а целосното закрепнување, во такво сценарио, поради драстичен пад на производството ќе траеше дури до пет години (читај: до 2025 година). Наместо тоа, властите се одлучија за стратегија на зголемен јавен долг, кој се покажа како многу поднослив, пред се поради натрупаните добри перформанси на БДП од минатите 5 години (види подолу), и на крајот, резултатот за Србија беше - минимално намалување на БДП од само 1,1%. Јас велам, и убеден сум во тоа, дека соседите ќе бидат една од ретките земји што ќе го надминат нивото на економска активност од 2019 година (пред кризата со пандемијата). Со право, претседателот Вучиќ се гордее, и треба да го истакне тоа. Напоменувам дека ова што го пишувам, се базира на официјални бројки и податоци на Народната банка на Србија и ММФ. Згора на тоа, сите помалку или повеќе, во минатото, можевме да му забележиме на некаква негова, навидум чудна политика на долго владеење и сл. Но, денес, гледаме дека тоа се покажа како успешно од стојалиште на економијата. Ако направиме паралела кај нас, сите ние сме согласни дека се уморивме од промени, поделби и највеќе од политика. Денешната еднаквост (пола-пола) во политичките опции кај македонскиот блок е понеповолна позиција во насока на силен напредок во економијата. Ако се прашувам јас, од гледиште на економист, би рекол дека ваквата состојба во Србија, стабилна власт со повеќе од 10 години од една, со слаба и незначајна опозиција од друга страна, дава резултати (читај: економски резултати, што е и најважно). Во спротивно, ако не можеме така, нека биде германскиот „Меркел модел“ кај нас - сите во власт (или барем дел од опозицијата) до највеќе два мандати („концепт 2030“). Ова е можно, само со претходно јасна и силно утврдена економска стратегија од сите чинители. Вака, се вели: „се изедовме меѓу себе“.  

„By the way“да се вратам на темата. Сега, сакам да ги погледнам извештаите на ММФ, каде се предвидуваше пад на српската економија за 1,5% за 2020 година, а падот беше помал (-1,1%), со што се создаде подобра стартна позиција за брзо заздравување на економијата, и тоа уште во 2021 година, со раст од 5% на БДП. Внимавајте, се проектира подобар раст од оној во 2019 година.  

На што се должи тоа?  

Првично, тоа е резултат на континуираната профитабилност на српската економија од 2015 до 2019 година, до пред кризата. Имено, тоа е силна причина за минималниот пад од 1,1% на БДП во 2020 година. Во тој петгодишен период, српската економија оствари вкупна нето добивка од 12,5 милијарди евра, што ја зголеми отпорноста и подготвеноста на економијата од глобалните потреси денес.

За ваквата состојба, влијанието на монетарната политика беше клучно (Читај: Централната банка на Србија), и тоа со добри политики во изминативе пет години. Ако ги погледнеме финансиските извештаи на компанијата во Србија од 2015 година, од година во година се забележува намалување на трошоците за работење, така што нивното учество во вкупните економски расходи се намали од 10,6% во 2014 година на 4,5% во 2019 година. Таквиот тренд се должеше пред се на намалувањето на расходите засновани врз каматните стапки и разликите во девизниот курс, чие учество во вкупните расходи беше намалено за повеќе од четири пати. Ова, во бојки за економијата значи дека компаниите во Србија во 2019 година платиле само 653 милиони евра за покривање на трошоците за камата, што е за 543 милиони евра помалку отколку во 2014 година (каде тогаш платиле 1,2 милијарди евра). Дополнително на тоа, расходите на српските компании врз основа на разликите во девизниот курс изнесуваа во 2019 година 320 милиони евра, што претставува пад од дури 1,76 милијарди евра во споредба со 2014 година (каде тогаш платиле 2,1 милијарда евра). Според резултатите од воведувањата на мерките на Народната банка на Србија, по заштедите од двете основи, финансискиот резултат на економијата во 2019 година беше поповолен за 2,3 милијарди евра во споредба со 2014 година.

Благодарение на зачуваната стабилност на девизниот курс и дополнителното намалување на трошоците за финансирање во 2020 година, компаниите во Србија го постигнуваат најдобриот можен деловен и финансиски резултат. Сето ова, е доказ дека покрај фискалните мерки, сепак монетарната политика е таа која создава важни предуслови за зачувување на производните капацитети и нивно зголемување во наредните години, дури и во услови на пандемија.

проф. д-рСиниша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

Неделен Фактор: Хохштаплери, преваранти, мафија

Неделен Фактор: Хохштаплери, преваранти, мафија

Водечката петорка бизнисмени во раководството на Комората

Водечката петорка бизнисмени во раководството на Комората

Неподнослива леснотија на владеењето

Неподнослива леснотија на владеењето

Баталјоните бараат оган: Наплив на активност на „бот фармите“ во Кремљ против Украина

Баталјоните бараат оган: Наплив на активност на „бот фармите“ во Кремљ против Украина

Да бидеме сигурни во банкарскиот систем и да се вакцинираме веднаш!

Да бидеме сигурни во банкарскиот систем и да се вакцинираме веднаш!

Азески: Вакцините на Вучиќ го обединија западнобалканскиот бизнис

Азески: Вакцините на Вучиќ го обединија западнобалканскиот бизнис

Донбас: војна на нерви - барем засега

Донбас: војна на нерви - барем засега

Сите мора да се запрашаме - за што се бориме?

Сите мора да се запрашаме - за што се бориме?

Две Македонии

Две Македонии