Спасовски: Демантирам дека се наоѓале луѓето со недостаток на одредени органи
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2019
Информациите кои се појавија во јавноста, за наводно зголемен број исчезнати лица, ги демантираше денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Toj најави дека за оние кои намерно ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени законски мерки.
„Граѓаните нема за што да бидат загрижени во однос на безбедноста. Бројот на исчезнати лица се намалува постојано, и оваа година е помал од претхoдната. Ефикасноста во пронаоѓање на исчезнатите лица по пријава е некаде околу 94 проценти. Јас апелирам до граѓаните на одговорнен однос и пристап. Најлесно е да седите пред компјутер и да напишете нешто на социјалните мрежи што ќе ги вознемирува дополнително граѓаните на Република Македонија. Вчера прочитав информации за исчезнувања, па после се наоѓале луѓето со недостаток на одредени органи. Апсолутно ги демантирам овие работи“ – рече министерот.
Спасовски вели дека врз пронајдените тела на исчезнатите се врши обдукција, а ниту еден наод не констатирал недостаток на некој орган.
Вчера 35 годишен маж од Скопје е најден мртов во провалија во Нерези. Претходно исчезнаа неколку луѓе во земјава.