19 Април, 2024
0.0279

Состојбите со профитабилноста на банките за 2021 година, во функција на економскиот раст на македонската економија

Објавено во: Колумни 27 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

На почетокот, морам да го нагласам фактот дека за мене и дел од семејството, изминатава недела, силен впечаток остави едно ново филмско остварување, кое, верувам никого не остави рамнодушен кога се во прашање емоциите и сеќавањата на едно време до деведесеттите. Иако не сум фан на таквата музика, сепак, би рекол дека филмот „Тома“ ми остави силен впечаток во насока на големината на една човечка душа и живот потрошен за љубов. Под импресии на таквото дело, сум на мисла дека животот треба да се живее сега, во моментот. Како велат: „животот е богатство дадено на човекот за да го потроши, а не да го штеди“. Имено, така постапував и јас. Живеев, до пред пандемијата, со голема динамика и трошев од животот - многу. Највеќе на контакти во мојот деловен свет, притоа раздавајќи ја енергијата на сите страни и несебично. Можеби, несфатливо по малку, но тоа е личен избор. Затоа, после 15 години работен стаж и силна динамика на трошење на животот, од стојалиште на 2021 година имам чувство дека сум стекнал една мудрост, а таа вели вака: никогаш не смееме да ги заборавиме луѓето кои ни помогнале на било каков начин, ако притоа тие не побарале ништо за возврат. Тука, мудроста е за обете страни. Поточно, за нас кои сме добиле било каква полза од помагањето ќе остане обврската за незаборав и почит до бескрај, како и обврската за континуитет кон помладите кои доаѓаат. Додека, пак, за помагателите ќе значи дека направиле „поен плус“ горе на контото на пасивата во билансот (во капиталот) кај Создателот (читај: како што гуруата велат - Универзумот). Така што, за помагателите потоа со голема сигурност таквата билансна состојба ќе се одрази со бенефит во друга насока. Оваа еврејска мудрост, денес, многу нови генерации, па и повозрасните ние (со големо егото) ја забораваме. Практично, многумина го правиме сосема спротивното. Затоа, политиката во системот ние е таква каква што ни е. Затоа, многу поединци го напуштија овој македонски систем наречен држава, а сите бараме малку мир и спокој, малку фер бизнис правила со етика и морал, малку повеќе музика и уметност, малку повеќе гости во дебатни емисии кои ќе зборуваат друго, освен политика... Но, што е тука е, како што вели народот. Оттука, ние, кои тука останавме ќе се бориме за промена, прво секој во себе, внатре, а дури потоа може да се надеваме на подобрување, надвор во системот.

Почитувани читатели на „Фактор“, се надевам дека воведот беше релаксиран за читање, а и различен од насловот, со цел сега да ве внесам во една посериозна тема. Имено, писанието ќе биде посветено на банките и нивната функција за потенцијален раст на македонската економија. Погоре, како што обележав за животот, јас, многупати речиси на стотици состаноци сум ја црпел мудроста од неколку наши банкари/ки. Во контекст на ова, се присетувам на една нивна теза, која вели дека секоја банка, без оглед на големината, е деловен субјект кој се бори: (прво) да го зголеми својот профит - добивка; (второ) да го стабилизира својот раст и развој; и (трето) да го зголеми своето учество на пазарот. Ако ова е така, а така е, тогаш се поставува прашањето:

Што треба да има во фокусот на својата работа, менаџментот на банката? 

Главниот таргет на секоја менаџерска структура е достигнување на задоволително ниво на стапката на поврат за акционерскиот капитал, кој пак е определен со високите перформанси за зголемни приходи, контролирани трошоци и успешно корпоративно управување со сите видови ризици во банкарското работење. Тука, сакам да споделам една друга теза т.е. повеќе тези за регулацијата, кои, меѓународната стручна јавност често ги дебатира. Несомнено, денес, сите сме сведоци на еден период, во кој, се поставуваат дилеми и се отвораат теории „за“ и „против“ високата регулација во банкарската индустрија. Секогаш, ваквата тематика правела поделба на два табори.

Имено, на една страна се тие што се „за“ и се побројни, со следниве оправдувања: (прво) високата регулација е потреба на самите банки како институции, со цел да си  обезбедуваат бенефиции и заштита од влез на нелојална конкуренција; (второ) со помош на прописите банките се штитат од промени во понудата и побарувачката, намалувајќи го на тој начин нивниот ризик; и (трето) најважно, се зголемува довербата на комитентите во банките и се развива поголема лојалност.Од друга страна е таборот на поборниците на тезите „против“ високата регулација. Овие поборници се малубројни во стручната јавност, но побројни во граѓанството. Оттука, тие сметаат дека: (прво) банките треба да се третираат како и секоја друга компанија од стопанството која некористи никакви даночни субвенции или други привилегии; (второ) со дерегулацијата се намалуваат трошоците кои се поврзани со потребата од контролата и високото регулирање на сите процеси во банкарското работење; и (трето) ослободување од ригидните регулативни ограничувања ќе ја промовира користа од слободната конкуренција со цел истата да се доближи до банките и до нејзините комитенти и јавноста воопшто. Овде, важно е да кажеме дека не постои оптимален концепт на банкарската регулатива во монетарниот систем. За таа цел, мора да ја поставиме највисоко на пиедесталот - синхронизираноста на прописите. Тука, би дополниле дека прописите треба да бидат така урамнотежени и лимитирани, на тој начин што, од една страна ќе им овозможат на банките да развиваат нови производи и услуги што ги бара пазарот, а од друга страна конкуренцијата во банкарското работење треба да остане доволно силна за да обезбеди разумни цени на банкарските производи.

Колку се стабилни македонските банки во 2021 година, имајќи во предвид дека во пандемијата (мината година) инкасираа профит од над 100 милиони евра?

Факт 1: Македонските банки покажаа висока стапка на солвентност во изминатата 2020 година или би рекол таа беше на исто или слично ниво со претходната година, од пред кризата (2019). Во релативни бројки изразена, стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем изнесува 16.9отсто за 2020 година. За првото полугодие на 2021 година, пак, солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. На крајот од јуни, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 17,3отсто, што е зголемување за половина процентен поен во споредба со крајот на претходниот квартал од годината.

Во контекст на ова, би подвлекол дека не е најважно тоа што банките се далеку над минимумот од 8% како стапка на адекватност на капиталот, туку најважно е да се даде одговор на следново прашање:

Што се крие зад тие високи 17,3отсто адекватност на капиталот?

Основата на високата солвентност изразена преку стапката на адекватност на капиталот, во континуитет во изминава декада (за сите банки), се должи на учеството на сопствените средства кои се над 90отсто од редовниот основен капитал на банките. Да бидам појасен, би рекол дека во тој податок се состои изворот на квалитетот и сигурноста на македонските банки. На ова, се придодава и податокот дека околу 11отсто од сопствените средства на банкарскиот систем се „слободни“ сопствени средства над потребниот регулаторен и супервизорски минимум. Но, лани повеќе од 50отсто од сопствените средства на банките биле „слободни“. Сепак, останува позитивното мислење за справувањето со негативните ризици од кризните епизоди во оваа 2021 година, иако со намален резервар на слободни средства. Со тоа, сум на мисла дека се дава дополнителен импулс кон растот на македонската економија.

Факт 2: ако ги земам само официјалните извештаи, од страна на банките доставени до јавноста, се гледа дека тие покажуваат добивка за 2020 година, и тоа, повисока во споредба со истиот период лани од пред кризата. Имено, зголемувањето на профитабилноста на македонските банки, согласно податоците од стручната јавност, само за првиот квартал во 2021 година, покажува добивка по оданочување во износ од 32,2 милиони евра, или споредено со лани - прв квартал, каде таа изнесувала 18,6 милиони евра. Од ова, може да се подвлече дека добивката за актуелниот во споредба со претходниот квартал е зголемена за 13,6 милиони евра или за 42 отсто.

Во првото полугодие од 2021 година, банкарскиот систем оствари добивка од 74,2 милиони евра којашто е поголема за 29,7 милиони евра, или за 66,8отсто, во споредба со истиот период од претходната година.

На што се должи повисокиот профит за 2021 година?

Повисокиот профит произлегува најмногу од поголемиот износ на некаматниприходи на банките (за 17,2 милиони евра, или за 24,6отсто), што е резултат на зголемените приходи врз основа на наплатени претходно отпишани побарувања и на повисоките нето-приходи од провизии и надоместоци. Истовремено, намалените трошоци за исправка на вредноста, од 14,6 милиони евра, или за 27,6отсто, исто така позначително придонесоа за зголемувањето на добивката.

Погледнато по група на банки, растот е најизразен кај средните банки. Практично, во првиот квартал во 2020 година, тие покажуваат загуба од 5,9 милиони евра додека во тековниот прв квартал од 2021, средните банки, остваруваат одлични перформанси и покажуваат нето добивка од 3,5 милиони евра. Состојбата кај големите банки, покажува константен раст, така, тие во 2020 година - прв квартал имаа нето добивка од 24 милиони евра, додека во тековниот прв квартал од 2021 година, таквата добивка е зголемена за 4 милиони евра и истата изнесува 28 милиони евра. Малите банки, пак, три на број, покажуваат исто така константа. Имено, во минатиот прв квартал на 2020 година, нето добивката изнесува околу 500.000 евра, додека за овој, тековен прв квартал во 2021 година, таквата добивка се зголемила за 200.000 евра, и истата изнесува околу 700.000 евра. 

Факт 3: од ова погоре, можам да подвлечам дека учеството на нефункционалните во вкупните кредити, во второто тримесечје од годината, е ниско и се задржа на истото ниво како во претходниот квартал од 3,5 отсто, односно 5,1 отсто во корпоративното кредитно портфолио и 2 отсто во кредитното портфолио составено од домаќинствата.

На крај, се поставува прашање кое е инспирирано од насловот на ова писание:

Како суштински да ја поттикнеме високата профитабилност на банките за 2021 година, во функција на економскиот раст на македонската економија?

Во таа насока, јас познавам три правци и не познавам други, а тоа се:

(1)  ОБРАЗОВАНИЕ; 

(2)  ЗЕМЈОДЕЛСТВО;и

(3)  ИКТ ИНДУСТРИЈА.

ПРОДОЛЖУВА...

проф. д-рСиниша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок