16 Април, 2024
0.0284

СО МАТИЧНИ КЛЕТКИ ЌЕ СЕ ЗАМЕНУВААТ УНИШТЕНИТЕ КЛЕТКИ НА ПАНКРЕАСОТ: За револуционерните изуми на Ново Нордиск, интервју со женската движечка сила

Објавено во: Македонија, Интервјуа 25 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Ретко каде жената има толку впечатлива улога и печат во функционирањето на компанијата како во Ново Нордиск. Залагањата за урамнотежена  родова застапеност  не се едноставни во средина со длабоко вкоренети предрасуди и стереотипи, но  во овој случај се одамна преточени во неверојатен успех сам по себе, бидејќи меѓу вработените 49  отсто  се жени,  од кои 43 %  се на  лидерски позиции и 36%  на високи раководни позиции. Токму женската движечка сила и нејзината автентична потрага по новини и развој, во голема мера е заслужна за успесите во лекувањето на хроничните заболувања во фокусот (дијабетес, хемофилија и нарушувања на растот). Во средина која овозможува еднакви можности за развој и  целосна слобода за изразување на мислења и визии, многу полесно се уриваат сите причини за замислени граници и тешкотии кои биле дел од секојдневниот живот на пациентите  во некои минати времиња, бидејќи на нивно место доаѓаат достапни современи тераписки можности по најприфатливи цени, домашна терапија, профилакса, напредни медицински средства за апликација и долго делувачки тераписки можности. За Ново Нордиск премисата дека треба да се живее „со полни гради’’  без оглед на заболувањето е реално остварлива во секојдневниот живот, и компанијата  тоа го покажува преку многу примери. Спонзор е на првиот глобален професионален тим за велосипедизам кој се состои исклучиво од велосипедисти кои живеат со дијабетес тип 1. Вербата  дека некој вистински се грижи за нашето здравје  за секој од нас има  суштинско значење, а оваа компанија добива и потврда низ фактот дека секојдневно милиони луѓе се потпираат на квалитетот и безбедноста на производите на Ново Нордиск. „Горди сме како компанија, бидејќи во моментов во РСМ речиси сите лекови кои се регистрирани во ЕУ, се регистрирани и кај нас и се достапни на нашите пациенти’’, вели во денешното интервју една од седумте соговорнички. Дека дури  и максимумот може да се растегне и да излезе од своите рамки покажува континуираното залагање на компанијата за што посеопфатна едукација на сите здравствени работници  во областа на дијабетесот, хемофилијата и нарушувањата на растот, но и во други сродни области (дебелина, болести на срцето и крвните садови)...„Нема поголемо задоволство од тоа кога ќе слушнете доктор кој ви вели “благодарение на вас научив многу за дијабетесот”.

Сепак, еден од најголемите предизвици остануваат иновациите. Во областа на дијабетесот денес во  Ново Нордиск се испитуваат лекови кои се чувствителни на нивото на шеќерот во крвта и инсулини со продолжено дејство кои се примаат еднаш неделно.  Посочуваат дека веројатно еден од револуционерните изуми ќе биде лекувањето со матичните клетки, кои ќе ги заменат уништитените клетки на панкреасот во кои се создава инсулин. Во иднина ќе се развива и генската терапија со која дирекно ќе се делува само на местото со грешка во кодот и ќе се добијат коригирани клетки кои ќе можат да продолжат да растат и да се делат во телото, одржувајќи го третманот доживотно. Досегашните врвни резултати на нивните раководители и вработени од кои огромен процент се жени, експерти во своите области, но и мајки и сопруги не оставаат простор за сомнеж.

Да се биде одржлива, успешна компанија која во средиштето на вниманието го има пациентот и единствено пациентот е во сржта на Ново Нордиск. Која е главната покренувачка сила која ве движи напред, како менаџер за продажба и маркетинг во канцеларијата на Ново Нордиск во Македонија и на кој начин допирате до секој еден пациент чиј квалитет на живот зависи од лекот на Ново Нордиск?

Билјана Илиева: Констатацијата во вашето прашање ‘’пациентот во фокусот’’, во потполност  ја отсликува  филозофијата и  смислата на постоење на компанијата во која работам цели 15 години. Да се биде дел од Ново Нордиск половина од  јубилејните 30 години постоење во Македонија значи заедничко патување кои носи бројни содржини за кои можам со часови да  говорам. Но доколку би морала  во еден, два  збор да  отсликам што е Ново Нордиск во сегашно време од моја перспектива би рекла  ‘’ постојано движење’’.  Ново Нордиск низ годините постојано работи во насока да ги ‘’промени’’ хроничните заболувања во фокусот  (дијабетесот, хемофилијата и нарушувањата на растот),  а во сегашно време платформата по која сме препознатливи  - ’’двигатели на промените’’. И навистина,  промените  на кои со години работиме тимски за да го подигнеме нивото на грижа и можностите за пациентите се во процес на постојано движење и унапредување и сето тоа во линија со строгите барања на Ново Нордиск и локалната законска регулатива. Кога ќе погледнете наназад гледате статус во кој пaциентите се соочуваа со  парцијален пристап или отсуство на нови терaписки решенија и предизвици од различен карактер. Сегашното време се карактеризира  со достапни современи тераписки можности по најприфатливи цени, домашна терапија, профилакса, напредни медицински средства за апликација и долго делувачки тераписки можности. Постојано се проширува бројот на пациенти кои поуспешно и самостојно ја менаџираат својата состојба,  имаат подобрена работоспособност, подобар квалитет на живот и продолжен животен век. Превенцијата  е  подигната на повисоко скалило,  одложување на текот на болеста и комликациите е евидентно и  системот располага со подобри здравствени капацитети. Морам да потенцирам дека нашите здравствени соработници можат да се носат рамо до рамо со своите колеги на интернационално ниво и многубројни придобивки и промени за кои треба повеќе простор за да бидат опфатени сите. Кога сето ова ќе го го погледнете, ќе се сложите со мене дека зборуваме за постојано движење кон напред.  

Посебно ако во тој континуиран процес на прогресија оставате личен отпечаток како компанија и поединец. Во месецот на жените, не можам а да не го споменам  местото на жените во компанијата. Ново Нордиск создава  инклузивна култура каде што сите вработени имаат чувство на припадност,  еднакви  можности за реализација на потенцијалот и кариерен развој. Меѓу вработените во целина, во 2021 година,  49%  се жени, при што 43 % од  нив  се на  лидерски позиции и 36%  на високи раководни позиции. Глобална аспиративна цел  на Ново Нордиск е  да постигне урамнотежена полова застапеност на сите раководни нивоа со најмалку 45%  жени на високи раководни позиции до крајот на 2025 година. Во однос на оваа цел, нашата канцеларија во Скопје,  со принципот на диверзитет го надминува просекот на компанијата глобално со  80 %  жени во менаџмент тимот. Ако се навратам наназад на мојата основна професија по едукација, доктор на медицина и позицијата Менаџер за продажба и маркетинг, морам да кажам дека компанијата сериозно придонесува во континуетет во мојот развоен пат, за да бидам успешна во она што го работам. Можностите  за развој се бројни, со целосна слобода за израз на своите мислења и ставови, визија, да бидам слушната и конструктивно храбра, и воедно искуствено да се унапредувам во работата со моите колеги локално и глобално.

Да се живее во средина  во која има се уште стеротипи  и предрасуди не е едноставно за самохрана мајка. Но, кога работиш  во интернационална компанија која своите вредности и култура  ги почитува и имплементира без исклучок, добиваш ветер во грб да се движиш напред,  да се менуваш и развиваш.  Токму таа компаниска култура и вредности се рефлектират на нас како личности во секој сегмент и  на секое скалило од нашиот професионален и приватен развој.  Програмата NovoHeаlth и мотивацијата од колегите, прави сериозна трансформација кај вработените. Како пример би зборувала лично за себe. До пред некоја година, од физичка активност можев да се пофалам со трчање на Скопскиот маратон еднаш годишно од кој половина од времето го пешачев. Денес, речиси секој викенд трчам и годишно се прибилжувам кон бројката од 180 км, со цел  годинава ги истрчам и моите први 10 км во континуитет. Ќе бидам нескромна ако не кажам дека  Ново Нордиск беше  и сé уште  е сериозен фактор во она што  сум јас денес за да можам да чувствувам дека сум позитивен пример за ќерките, колегите и соработниците.

Да се вратам на почетокот на вашето прашање, кога ќе ја видам позитивната прогресија, позитивниот импакт за пациентите и отпечатокот кој го оставаме во едно време како Ново Нордиск, тоа е мојата внатрешна движечка  сила, која и по толку години работа прави сé уште да го чувствувам ентузијазмот  како на  почетокот  дека уште многу нешта можеме да направиме за нашите сегашни и идни пациенти.

Инспирацијата Ново Нордиск ја црпи од животот на милиони луѓе кои за жал мора да живеат со хронично заболување, и уште поважно, сопствениот успех  компанијата не сака да го заснова на зголемување на бројот на пациенти со дијабетес, или пак нарушување на растот или обезност. Бојана вие сте менаџер за регулатива, квалитет и фармаковигиланца во вашето застапништво, и во оваа насока можете ли  малку подетално да ни кажете како се следи сиот овој процес-безбеден и квалитетен лек од производствен погон до домот на пациентот?

Бојана Даниловска Брашнарска: Секојдневно милиони луѓе се потпираат на квалитетот и безбедноста на нашите производи! Оттука, квалитетот е суштината на сé што работиме, бидејќи тоа е основата за довербата која пациентите ја имаат кон нашата компанија. Есенцијално е да обезбедиме квалитет и безбедност за нашите пациенти, бидејќи тие се секогаш во центарот на нашата работа, а испорака на највисоко ниво на квалитет за пациентите ни е водилка за сите одлуки кои ги  носиме.

Најпрво како компанија мора да осигураме достапност на лековите и медицинските средства, преку нивна регистрација и одржување низ нивниот животен век. Горди сме како компанија, бидејќи во моментов во РСМ речиси сите лекови кои се регистрирани во ЕУ, се регистрирани и кај нас и се достапни на нашите пациентите.

Сите лекови кои се увезуваат во Македонија по регуларен дистрибуциски пат, се наша одговорност, и долга е листата на активности кои ги преземаме за да се осигура испорака на квалитетен и безбеден лек. Откако лековите ќе бидат увезени во РСМ, за секоја увезена серија се следи температурата од моментот кога производот ќе излезе од производство сé додека да стигне до крајниот корисник, и доколку се појави температурна девијација производот не се пушта во промет се додека не се провери исправноста на истиот. Исто така за целиот животен век се следи безбедноста на лековите и се собираат пријави за несакани реакции и рекламации, и доколку е потребно се преземаат соодветни мерки за зголемување на нивната безбедност. Наша обврска е и да го мониторираме пазарот за појава на  фалсификувани лекови или нелегална продажба на нашите лекови преку социјални мрежи.

Ново Нордиск е динамична компанија, во која основата на постоењето е ЖЕНА Marie Krogh, име кое инспирира многу жени во науката. Јас како одговорно лице за квалитет, регулатива и фармаковигиланца се соочувам со секојдневни професионални предизвици, бидејќи одговорноста кон пациентите е огромна и често пати решавањето на предизвиците не прашува за време и ден. Како жена и мајка на две деца, морам да правам рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот, но за среќа моето семејство е свесно за тежината и одговорноста на мојата работа, и се надевам дека сум и ќе бидам позитивен пример и инспирација за моите деца.

Ново Нордиск е препознатлив во светот и по неговиот велосипедски тим, а вие сте дел и од оваа приказна. Колку вашето хоби, односно велосипедизмот ви овозможува да ја обновите енергијата за следните професионални предизвици?

Бојана Даниловска Брашнарска: Компанијата Ново Нордиск е спонзор на првиот глобален професионален тим за велосипедизам кој се состои исклучиво од велосипедисти кои живеат со дијабетес тип 1, и е наречен тим Ново Нордиск. Тимот Ново Нордиск има мисија да му покаже на светот што е возможно да се постигне и покрај предизвиците кои ги носи дијабетесот. Тие се натпреваруваат за да инспирираат, едуцираат и да охрабрат секој што живее со дијабетес. Нивниот успех е изграден врз база на иновацијата во менаџмент на дијабетесот и на нивната секојдневна посветеност да ги достигнат поставените цели, што ги прави позитивен “role model” за луѓето кои живеат со дијабетес насекаде низ светот. Партнерството со тимот Ново Нордиск, го отелотворува интересот на компанијата Ново Нордиск за здравјето, благо-состојбата и аспирацијата на луѓето кои живеат со оваа хронична болест. Како дел од овoј тим е и една успешна жена велосипедист - Mandy Marquardt кој е дел од овј тим 11 години, и е првак на САД во спринтерски велосипедизам.

Инспирирана од посветноста на овој тим, велосипедизмост стана дел и од мојот живот, мое хоби. Возење велосипед во природа, надвор од градскиот метеж, со добро друштво, ја зголемува менталната и физичка кондиција и концентрација, ја зголемува позитивната енергија, го намалува стресот, а сето тоа  помага во полесно справување со секојдневните професионални предизвици.

Постојаното развивање на компанијата во сите сегменти е секојдневието  на Ново Нордиск и тоа им овозможува на пациентите подобро да живеат. Ана Трајковска вие практично се грижите лековите да стигнат на време до секој пациент. Kако се постигнува тоа кај нас во Македонија? Како Раководител на Финасии и оператива, може ли да ни откриете што е тоа што Ново Нордиск ја прави општествено одговорна компанија?

Ана Трајковска: Да се ​​победи дијабетесот и другите сериозни хронични болести не е нешто што можеме да го направиме сами. Најдобриот пат до остварување  на оваа цел е преку отворена соработка внатре во Ново Нордиск и заедно со сите наши партнери за да стигнеме до пациентите , за да ја спречиме и лекуваме болеста. Ние  вработените од Ново Нордиск Македонија  во тоа силно веруваме. Нашата амбиција е да обезбедиме пристап до лековите што ги имаме на располагање, до најголем број луѓе кои живеат со дијабетес и ретки болести, во секое време и насекаде на територијата на нашата држава, да бидат достапни за нашите пациенти . Тоа го обезбедуваме со  континуирано следење на состојбата на потрошувачката , достапноста на лековите во магацините на нашите дистрибутери , складирање и чување на највисоко ниво и континуитет во  дистрибиција до пациентите за да се одговори на нивните потребите. Секојдневно работиме, секогаш имајќи го на ум што е најдобро за пациентите сега и на долг рок. 

Самата култутура на компанијата која на пиедестал ги става пациентите е отсликана  во секојдневието во работењето на вработените во нашата канцеларија. Треба да го живееш и да се соживееш со животот на нашите пациенти за да одговориш на нивните потреби.  А тоа успешно го правиме веќе 30 години обезбедувајќи нова , иновативна и безбедна терапија секогаш и во секое време во прилог на  здравјето и благосостојбата за нашите пациенти.

Сите наши општествено одговорни иницијативи и проекти се засновани на потребите и дијалогот со здравствените институции и здруженијата на пациентите. Соработката со нив ни е од огромно значење  за  одржување на односите засновани на доверба и за стекнување на довербата во јавноста. Во изминативе 30 години се покажавме како нивен рамноправен партнер обезбедувајќи услови транспарентно да одговориме на реалните потреби преку донации во опрема и опремување на центрите во рамки на здравствените институции  за унапредување  и олеснување во нивното работењето за да одговорат на потребите на пациентите. Исто така со  донации  ги помагаме и поддржуваме и активностите на здруженијата на пациентите како непрофитни организации чии цели и делогруг на работењето е интересот и благосостојбата на пациентите.

Нашата политика за транспарентност е јасна,  сме и  ќе бидеме транспарентни и одговорни за тоа како работиме кога и каде, на што сум посебно сум горда како дел од Ново Нордиск Македонија

Самата  компанија и вработените  сме отворени и искрени, амбициозни и одговорни и се однесуваме со почит кон сите. Затоа и никогаш не правиме компромиси за квалитетот и деловната етика.

Теодора, вие сте најмладата вработена во преставништвото на Ново Нордиск во Македонија. Можноста да започнете кариера како асистент за Маркетинг и регулатива е резултат на тесната соработка помеѓу Ново Нордиск и Фармацевтскиот факултет во Скопје. Кои се бенефитите од соработката со високообразовните институции во нашата земја и што би издвоиле како клучно за пациентите?

Теодора Димковска: Програмата за практиканство во Ново Нордиск е добар пример за соработка со високообразовните институции во нашата земја. Бенефитите од ваквиот тип на соработка вклучуваат воспоставување врска помеѓу студентите и деловната заедница, промоција на факултетите пред пазарот на трудот и насочување на студентите при премин од академска средина во професионално работење. Како практикант во Ново Нордиск имав можност да го применам моето теоретско знаење во пракса, учејќи многу нови работи од вработените коишто се врвни експерти – секој во својот домен на работење. Флексибилното работно време ми овозможи успешно да балансирам со обврските на факултет и сега, како вработена во канцеларијата на Ново Нордиск во Македонија можам да кажам дека сум горда што работам во компанија којашто нуди инклузивна и разновидна работна средина кадешто сите добиваат можност за развој и можат да го дадат најдоброто од себе во мисијата за подобрување на животот на милиони луѓе ширум светот коишто живеат со хронични болести. Инспирирани од животот во сите форми и облици, падови и подеми, можности и предизвици, сите ние во Ново Нордиск двигаме промени за поквалитетен живот, што е клучно за нашите пациенти.

Пресудно за квалитетен живот на пациентите со некое од хроничните заболувања е едукацијата за здравствениот проблем со кои се соочуваат. На кој начин Ново Нордиск, односно вие како медицински менаџер, ја воспоставувате врската со луѓето кои сакаат повеќе да се информираат за лековите и воопшто за сите можности кои се на располагање со цел олеснување на  здравствената состојба на лицата кои живеат со овие состојби? 

Билјана Чекорова Митрева: Апсолутно се согласувам, едукацијата е основна алатка и е од исклучително големо значење особено при хронични заболувања. Токму од таа причина нашата компанија од самиот почеток на своето работење во Македонија пред 30 години е посветена на медицинска едукација на сите здравствени работници со коишто соработуваме во областа на дијабетесот, хемофилијата и нарушувањата на растот, а во последно време и во други сродни области (дебелина, болести на срцето и крвните садови). Оваа едукација не се однесува исклучително на производите кои ги пласираме, туку многу пошироко, на целокупното справување со овие состојби. Особено ни е драго што така сме и препознаени од страна на здравствените работници, многу повеќе како здравствена компанија, отколку како бизнис компанија. Нема поголемо задоволство од тоа кога ќе слушнете доктор кој ви вели “благодарение на вас научив многу за дијабетесот”. Значи, не вели научив многу за инсулинот тој и тој, вели за дијабетесот.  Или исто така и за хемофилијата, растот... Ние сме свесни дека нашите производи се само еден дел од можностите за успешен третман. За целосен успех во третманот едукацијата е неизоставен дел. Затоа вложуваме многу во ова поле. Со помош на колегите кои претходно работеле во нашата компанија и на нас кои сега работиме во тек на изминативе 30 години се реализирани повеќе од 500 едукативни настани (школи, работилници, симпозиуми и др.), а дополнително на тоа редовно поддржуваме организација и учество на значајни едукативни настани во земјава и надвор и сме креирале мноштво на едукативни материјали и за здравствени работници и за пациенти. 

Со ултимативна цел – квалитетно едуциран пациент имаме поддржано отворање и опремување на над 30 центри за дијабетес, кабинети за дијабетес и соби за едукација на пациенти, како и мултидисциплинарен центар за хемофилија кадешто лицата кои се засегнати од овие состојби можат директно да бидат едуцирани од здравствените работници. Исто така сме помогнале за организација на десетици едукативни кампови особено за децата со дијабетес и нарушувања на растот ....И листата е навистина долга,  не можам да ги набројам сите реализирани активности. Единствено би ги спомнала уште и едукативните кампањи и за малку поширока популација кои се однесуваат на превентивни активности за дијабетес, нарушувања на растот,  дебелина. Како медицински менаџер во компанијата можам за себе да кажам само дека сум еден запченик во механизмот кој  треба да испорача квалитетни производи и услуги, а едукацијата е една од тие. И дека за да можам да помогнам за реализација на квалитетна едукација и јас континуирано учам. Учам многу од колегите здравствени работници, од моите колешки и колеги, но учам многу и од самите лица кои се борат со овие состојби. Од нив навистина може многу да се научи бидејќи тие најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат и можат да ни помогнат да им помогнеме. Нема друг начин да одиме напред освен да се едуцираме и да си помагаме меѓусебно.

Ново Нордиск има една динамична индустрија, која на највисоко научно ниво ги разбира хроничните болести на луѓето и во таа насока се стреми кон нови иновативни програми. Во своите истражувачи и развојни центри оваа здравствена компанија ги креира идеите и неминовно создава квалитетни современи терапии. Постои ли некоја новина во светот која наскоро може да ја очекуваме и во Македонија?

Соња Аврaмовска: Луѓето кои живееат со хронична болест се справуваат со голем број предизвици. Тие се оптоварени со секојдневните животни и работни обврски, па лекувањето на болеста и придржувањето кон третманот не секогаш е нивен приоритет. Ова резултира со дополнителни здравствени проблеми. Затоа, најпрво е потребно да се идентификуваат вистинските предизвици што ги имаат во секојдневниот живот, за да се понудат решенија кои ќе ги задоволат нивните реални потреби, а не потребите што претпоставуваме дека ги имаат.  Значи, иновацијата започнува со емпатија.

Потребата за ефикасна и безбедна терапија, која го подобрува квалитетот на живот на лицата со хронична болест, која овозможува слобода и помала оптеретеност со самата терапија денес е поизразена од кога и да било претходно.  Затоа во областа на дијабетесот денес се испитуваат лекови кои се чувствителни на нивото на шеќерот во крвта и инсулини со продолжено дејство кои се примаат еднаш неделно и тераписки можности во форма на таблети. 

Веројатно еден од револуционерните изуми ќе биде лекувањето со матичните клетки, кои ќе ги заменат уништитените клетки на панкреасот во кои се создава инсулин.

Исто така и генската терапија со која дирекно ќе се делува само на местото со грешка во кодот и ќе се добијат коригирани клетки кои ќе можат да продолжат да растат и да се делат во телото, одржувајќи го третманот доживотно. Постојат многу хронични заболувања предизвикани од генетски мутации (како што е хемофилијата) , за кои  сè уште не постои третман што ќе ја излекува болеста. Еден од приоритетните фокуси на Ново Нордиск е  корекција на геномот, со амбиција да понунди  трајно решение и животен век на пациентите со хемофилија А, не зависен од употребата на  коагулациони  фактори. 

Кога ќе бидат достапни и како ќе изгледаат новите облици на лекови и третмани ќе имаме прилика да видиме во годините што доаѓаат.

Во Македонија повеќе од две децении Ново Нордиск изведувa клинички испитувања на лековите и новите третмани. Реализирани се повеќе од 30 мултинационални, мултицентрични испитувања во областа на дијабетесот, хемофилијата и нарушувањата на растот во соработка со испитувачките тимови на испитувачките центри во универзитетските клиники. Па така на нашите клиники , во минатото се реализирани  испитувања на лекови кои денес се сметаат за стандарданден третман. Денес во Македонија се изведуваат клинички испитувања на напреднати терапии  во полето на дијабетес и хемофилија. Ние остануваме посветени на иновациите и со голем ентузијазам ги очекуваме новините од колегите кои посветено работат на откривање и унапредување на нови терапевски можности во истражувачките и развојни центри.

Вие се најдолго вработена во канцеларијата на Ново Нордиск, тука кај нас, и практично вашата сегашна позиција е потврда дека во компанијата во која сте повеќе од 20 години кариерата „не стои“. Она што навистина остава голем впечаток е податокот дека процентот на жени на повисоки позиции во Ново Нордиск од година во година е се повисок. Кои се најголемите предизвици со кои сте се соочиле до сега, и се стремите ли кон нова, повисока позиција во компанијата?

Ирена Минов: Да се почне кариерата во Ново Нордиск е многу повеќе од само да се има работа. Како компанија која е присутна на сите континетни на светот, различноста, динамичноста, константната промена и развој на вработените се составен дел од успехот на компанијата. Ново Нордиск е компанија која во целост ги почитува вработените, ги подржува и развива знаењата, вештините, ставовите, слободата на говор и секогаш овозможува да вработениот се изгради во висок професионалец кој ќе умее да го даде најдоброто од себе во своето поле на работа.

Моето професионално патување во Ново Нордиск започна пред повеќе од 20 години кога како млада и амбициозна специјализантка ја започнав мојата кариера во областа на фармацевтската регулатива и безбедност на квалитет. Уште на самиот почеток ја почувствував културата на Ново Нордиск, јасно преточена преку главните принципи на Novo Nordisk Way кои го поврзуваат минатото со сегашноста, креирајќи ја иднината во јасна мисија каде фокусот е секогаш ставен на пациентите и нивните потреби за подобар третман и квалитет на живот. Мобилноста и можноста за кариера надвор од земјата на вработување ми овозможи да напредувам и добијам повисоки и поодговорни позиции во региони кои никогаш претходно ги немав посетено ниту запознаено. Со задоволство можам да напоменам дека повеќе од 5 години бев дел од регионалната канцеларија на Ново Нордиск одговорна за Океанија, Југоисточна Азија и Биски Исток. Искуството стекнато преку запознавање на различни култури, традиции, начин на живеење и бизнис принципи, ме променија и на некој начин ме подготвија за мојата сегашна позиција која покрива уште поголем регион со близу 103 земји ширум светот. Со задволство можам да споделам дека мојата кариера во Ново Нордиск е навистина пример за life-changing кариера. Како водечка глобална компанија, Ново Нордиск особено полага внимание на половата еднаквост, поставувајќи јасни цели за полова еднаква застапеност во менаџмент тимовите на секое ниво. Заедничкиот потенцијал и соработката се клучни при донесување на здрави одлуки. Денес, живееме во свет кој постојано се менува и носи многу предизвици, но од нас самите зависи како ќе се справиме со нив и претвориме во нови прилики, нови можности за позадоволни пациенти и поуспешни бизнис резултати. Инспирацијата, креативноста, потребата од следење на идните трендови, пост-ковид искуството како и чувството за градење на трајни вредности кои ќе им го олеснат животот на сите пациенти кои ги користат нашите производи, се постојано присутни во нашата агенда. За крај, само би споделила дека работата во Ново Нордиск е уникатна можност за наоѓање на смислата на своето постоење преку подобрување на животот на милиони пациенти кои живеат со сериозни хронични заболувања и постојано надградување и саморазвој, давајќи го секогаш најдоборото од себе!

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Владата донесе одлука за унапредување на статусот на специјализантите

Владата донесе одлука за унапредување на статусот на специјализантите

ФАКТОР НА ДЕНОТ: За една година се затворени 14 училишта

ФАКТОР НА ДЕНОТ: За една година се затворени 14 училишта

(ВИДЕО) СЕ ОГЛАСИ ЗАЕВ: Упати порака до граѓаните

(ВИДЕО) СЕ ОГЛАСИ ЗАЕВ: Упати порака до граѓаните

ОСМАНИ: Од семејни здравствени причини ќе ги прекинам денешните активности во кампањата

ОСМАНИ: Од семејни здравствени причини ќе ги прекинам денешните активности во кампањата

Данела Арсовска: Универзална сала изгоре по еден месец откако е под Министерството за култура

Данела Арсовска: Универзална сала изгоре по еден месец откако е под Министерството за култура

УБАВА, ИНСПИРАТИВНА, ВО ЦРНО - обвинителката Фатиме Фетаи во свој стил го прослави 39 роденден

УБАВА, ИНСПИРАТИВНА, ВО ЦРНО - обвинителката Фатиме Фетаи во свој стил го прослави 39 роденден

Среќна сум што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно: Ксенија Николова за „Better Women Better World“

Среќна сум што НЛБ Банка го препозна потенцијалот на нашиот проект во момент кога тоа ни е можеби најпотребно: Ксенија Николова за „Better Women Better World“

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

„СЕВЕРНОМАКЕДОНСКАТА ВЛАДА Е ТРГНАТА, ГРЕШКАТА Е ИСПРАВЕНА“ - се огласи МНР по пропустот на Европскиот парламент

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта

Пад на бројот на ученици,затворени 14 училишта