28 Март, 2024
0.0411

Снежна приказна

Објавено во: Колумни 15 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Секој скопјанец што барем малку држи до реномето и својот интегритет,посебно до докажувањето  на придобивката „стар“ суверено ќе ви потврди, заедно со мене, се разбира: нема ништо од зима во градот ако белиот гостин не дојде до Митрводен.Ај што падна во вода годинава, по којзнае кој пат, ова тврдење потпрено врз несоборливите докази, како оној за силината на зимата во Америка врз база на количеството дом, кнати дрва од околните индијанци, туку и оваа зима по многу нешто ќе остане забележана во колективното сеќавање, а не само во протоколите на УХМР....

Но, да му пријдеме на феноменот на скопскиот снег низ призмата на сеќавањата за снеговите на нашата младост и детство во 60-те и 70-те. Откако ќе паѓаше со денови и ноќи и ќе натрупаше „висина на снежната покривка“ од повеќе десетици сантиметри што го правеа Скопје град од бајките ќе излезевме надвор на беспоштедна битка со снежни топки-маало со маало, улица против улица-секој против секого. И да не биде тука се воинствено и непријателски првата снежна топка и ја наменувавме на скриената симпатија - чекаш да помине по улица и да и се пуштиш со спремни снежни докази на твоите чувства....

Снешко тука се подразбира - што е повисок и покрупен тоа е знак дека во изработката зеле учество сите од поголемите до нас копиљаците. За малку ќе ги заборавев огромните топки што ги тркалавме, а потоа ги редевме едни врз други и откако ќе се формираше висока купола натапкан снег со мали лопатки ги обликувавме и длабевме поларните куќички - иглоа во кои минувавме часови и часови слободно време, ако го немавме сами си го создававме. Со години подоцна настана снежниот град во Маврово и насекаде каде што имаше деца на зимување.

Квиз прашање-откако стасавме за корзо ај што не ги заборавивме снежниве топки туку и ја унапредивме нивната намена-што не тераше со часови да дреждиме пред „Вкус“ карши „Рекорд“ и да ги вадиме од памет патниците на ГСП кои не се надеваа дека во стаклото нигде од никаде ќе буфне и ќе се распрсне топка од мокар снег... А некаде од пред Собрание па се до пред Путник лизгалица.....подготвувана со денови(се истура вода секоја мразна-кочан ноќ, а утреденда се разлизгуе. Тука се чекаше на ред-и машко и женско за пуштање по лизгалицата...се паѓаше скоро во секоја тура спуштање но најинтересна беше казната за неисполнување на условот „како први така други“: те фаќаат за раце или нозе-како кој и со срамниот дел на грбот има да ја избришеш стаклестата површина од крај до крај. На езерце имаше група локални јунаци кои играа кобајаги хокеј на мраз по замрзнатата површина,но неретко таа не издржуваше и многумина од нив измрзнати и мокри до гаќи одеа на увид кај мајките.

Подоцна по корзо се појавија типови и типки со лизгалки на рамо, прикладно облечени и дотерани....на Кале се појави лизгалиште- полигон на забава и први и втори симпатии...а се почна од снежни топки и лизгалици по градот. На крилјата на спомените дури и студот е поприфатлив и издржлив!Нели.....томбе ла неж!!!!!! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?