19 Април, 2024
0.0265

СЈО УМРЕ, МАГАРЕТО ( ПРАВДАТА) СЕ МАЧИ НА ЗЕЛЕНАТА МАСА

Објавено во: Колумни 13 Септември, 2019

Добивај вести на Viber

Дебаклот со кој заврши работата на Специјалното јавно обвинителство, е последниот клин во ковчегот со кој се погреба правдата. Не дека таа  беше жива во изминатите три децении, напротив, никогаш и ја немаше, но поточно со аферата „ Рекет“  се затвори надежта за правда во македонскиот судско-обвинителски систем. Како  предатори врз угината мрша, седат на зелена маса и прават „ преговори“ како да го  поделат пленот: најголемите политички партии од власта и опозицијата ( овој пат само од т.н македонски политички блок), и  ја кројат судбината на СЈО кое требаше да донесе правна држава. Живееме во санаториумско лудило. Тие што треба да бидат гонети и процесуирани за милионите евра украдени пари од граѓаните на Македонија ( или еуфемистички кажано народот), тие се тие,  кои замислете преговараат и го уредуваат јавнообвинителскиот систем. Па се  разбира, ќе го уредат по нивни терк, и истиот да функционира како и досега, да биде  скапана формалноправна институција, која ќе чека наредба од моќници за да „ спроведе некоја акција“. Никогаш, ама баш никогаш во оваа држава нема да профункционира правдата. Во урушена  , корумпирана и тотално криминализирана посттоталитарна држава, правдата е само имагинарен поим.

Нема правда, има само немир на ФБ!

 Институциите се потемкинови села кои имаат само фасада, но се испразнети од секаква суштина, односно се испразнети од својата суштина за која треба да постојат како такви-независни, а се само партиски испостави на односните  актуелни  владејачки партии и коалиции. Граѓаните, оние на кои им е преку глава од се и од сите, веќе не веруваат на никому. Свесни се за манипулациите на политичарите, изневерени им се гласовите и подадената доверба од нивна страна со која им го пренеле легитимитетот на јавните функционери да управуваат со јавните добра во нивно име. Тие пак, на кои им беше пренесен легитимитетот, како „ легитимни“ претставници на народот, имаат  „легитимитет“ само за едно: да крадат, и да корумпираат како за последно, полнејќи си го семејниот буџет, вработувајќи си ги блиските роднини на „ убави работни места“, купувајќи недвижнини. Во држава, во која еден навидум обичен полициски функционер, има имоти, колку што добростоечки бизнисмен не може да има, ние се чудиме како тоа високи функционери од рангот на министри, пратеници, директори, за градоначалници и не станува збор, имале „ неколку стана “ на свое име. Гротескни сме до толку, што и за жалење не сме повеќе. Како да сме за жалење, кога се знаеме, се гледаме, а ништо не преземаме? Фејсбук и твитер се само издувни вентили за фрустрациите и граѓанскиот бес и револт на Македонците, но само толку.

Грците барем за протести, можат да послужат како пример!

Во високоразвиени западни земји, со десет пати поголем стандарт од македонскиот, граѓаните се организираат, протестираат ( во некои случаи и ги палат институциите), незадоволни од работата, од некој предложен закон, или пак од некој мал корупциски скандал, кој за наши услови е обична смешка. Просто неверојатно е, како Македонците и сите граѓани без разлика на нивната етничка и религиозна припадност, имаат толку висок праг на толеранција спрема „ политичката елита“, која го соголе овој народ и го донесе на питачки стап. Еве, да се огледаме на нашите јужни соседи Грците. Да , факт е дека не се сакаме, да не кажам отворено дека  се мразиме како народи, но никој не може да им го оспори фактот дека се махери за протести кон сите свои политички елити. И во Грција има леви и десни партии,  со  националистички па дури и комунистички дискурс, но кога станува збор за маката на обичниот Грк граѓанин, тогаш сите изглегуваат на масовни протести, за да ги заштитат своите права. Тогаш нема поделба на  „ Ново демократисти“ или „ Сиризисти“, односно на „ Златнозорци “ или „ Комунисти“, туку тогаш сите приврзаници лојални на своите партии , ги забораваат своите партиски членски книшки и одат да протестираат, без разлика дали нивната партија е на власт или е во опозиција.

Сами се поделивме помеѓу себе си, уште пред да „ почне натпреварот“

 Ние го патентиравме и изумот контра протест. Место да се сеобединат Македонците под едно знаме, а тоа е знамето на правдата,слободата, антикриминализираноста и противкорумпираноста, тие и кога станува збор за овие „ црвени линии“ се подвоени, раскарани, и ги гледаат само и единствено партиските интереси, во суштина само своите лични/ фамилијарни. Оваа состојба на беда на духот и беда на колективната култура е одговор и на прашањето зошто македонскиот народ, последен од сите народи на Балканскиот Полуостров се стекнал со своја државност, далеку подоцна од соседните држави: Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора или пак Романија. Себелажење и себеутешување е дека тоа не го дозволиле Големите сили и не поделиле. Не, напротив, ние сме се поделиле уште „ пред да почне натпреварот“, а со тоа сме ја поделиле и Македонија помеѓу соседите. Денеска и тоа што останало од таа Македонија, поделени, раскарани, заробени од олигархиско-политичко-судско/обивинителската мафија, бавно умираме на рати, а со нас умира и надежта за подобра Македонија. Веќе, дали постои некој кој таа надеж ја има! 

Благојче Атанасовски - политиколог

*Прочитајте ја и претходната колумна на Благојче...

НА ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ - ОДАМНА ИМ Е СТЕМНЕТО


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок